Киноата (Chenopodium quinoa) претставува псеудо-житарка што потекнува од Андите, некои ја нарекуваат „златно зрно“, а овој епитет се должи на нејзиниот исклучителен нутритивен состав. Нутриционистот Ана Антовска објаснува дека таа е богата со висок процент на флавоноиди, вклучувајќи ги кверцентинот и кампеферлот, кои превенираат воспаленија, вирусни инфекции и имаат антиканцерогени и антидепресивни својства.
Придобивки од киноата
Истражувањата покажуваат дека 100 грама сирова киноа содржи 10-16 грама растителни влакна, а со тоа, има примарно место меѓу житарките. Таа е одличен извор на протеини (во 100 грама има 4,5 грама протеини) и за разлика од другите житарки, ги содржи сите есенцијални аминокиселини.
Киноата е безглутенска житарка и како таква претставува одличен избор за они кои имаат целијакија или се интолерантни на глутен. Богата е со минерали како што се: калиумот, цинкот, железото, а особено изобилува со магнезиум. Оваа житарка претставува богат извор на антиоксиданси, а нивниот процент се зголемува со нејзино`ртење.
Научни истражувања кај луѓе и глувци покажуваат дека киноата може да го подобри метаболизмот, да го намали нивото на гликоза, инсулин и триглицериди во крвта. Високиот процент на растителни влакна и релативно нискиот гликемски индекс ја прават задолжителна намирница во исхраната при редукација на телесната тежина.
Како се подготвува?
Постојат бројни рецепти по кои можете да ја зготвите, но важно е да знаете дека пред употреба мора да се измие, заради тоа што содржи сапонин, супстанција која на јадењата им дава горчлив вкус. Исто така, задолжително е да се покисне во ладна вода, барем еден час пред термичка обработка, бидејќи киноата содржи фитинска киселина – антинутриент (застапена во многу намирници од растително потекло), која во организмот за себе ги врзува фофорот, калциумот, железото и други минерали, а со тоа ја намалува нивната апсорпција и искористливост.
При готвење не е потреба употреба на голема количина киноа, бидејќи со термичка обработка се зголемува количината, односно од една супена лажица сирова киноа се добиваат три лажици. Односот со водата треба да биде 1:2. Оптимално време потребно за готвење е 10 до 15 минути, во ладна вода.
Пригодна за секој оброк
Можете да ја користите како салата, главен оброк, десерт и да ја комбинирате со широк спектар намирници.
Киноа со зеленчук и пилешко месо
Потребни состојки:
- 30 грама киноа
- 1 парче пилешки стек
- ½ тиквичка
- ½ морков
- 1 парче зелена пиперка
- 1/3 краставица
- 1/3 домат
- 20 мл маслиново масло
- малку сол, црн пипер
- соја сос и магдонос по желба
Начин на подготовка :
Киноата се вари, процедува и се остава да се олади. Пилешкиот стек се динста на грил-тава без маснотија. Зелечнукот се сече на тенки ленти и се динста со маслото во грил-тава. Најпривн се третираат пиперката и морковот, а потоа се додава остатокот од зеленчукот, кој треба да остане крцкав. Се додаваат пилешкото и киноата. Се зачиниваат со соја-сосот, солта и црниот пипер и на крај се додава магдоносот.
Пудинг од киноа со јаболко, банана и кокосово млеко
Потребни состојки:
- киноа
- ¼ јаболко
- ½ банана
- Путер од бадеми или кикиритки
- Цимет, ванила или мускатно оревче
- мед
Начин на подготовка:
Киноата се вари во кокосово млеко, содржината треба да биде потечна. Откако ќе се олади се додава ¼ јаболко и банана1/2 и една кафена лажица путер од бадеми или кикиритки. По желба може да се додаде цимет, ванила или мускатно оревче. Овој рецепт е одличен како појадок, но доколку сакате да го јадете како десерт, додадете една кафена лажичка мед.