РОТАВИРУС, САЛМОНЕЛА, ПАРАЗИТИ ЦРЕВНИТЕ ИНФЕКЦИИ КАЈ ДЕЦАТА МОЖАТ ДА БИДАТ ФАТАЛНИ

Цревните инфекции кај децата се доста често заболување, а акутниот гастроентеритис е и една од главните причини за смртност кај децата, за жал. Д-р Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар, вели дека годишно има 1,34 милиони смртни случаи кај деца помлади од 5 години токму поради ова причина, или приближно 15 отсто од сите смртни случаи кај деца се должат на акутниот гастоентеритис. Сериозноста на болеста зависи од степенот на губиток на течности, па докторката вели дека е доста важно точно да се процени степенот на дехидратација и соодветно да се дејствува, за да се намалат морталитетот и морбидитетот.

ЗОШТО ВСУШНОСТ НАСТАНУВА ДИЈАРЕА?

Д-р Чучкова-Никчевска вели дека дијарејата се јавува кога излезот на цревната течност го надминува апсорптивниот капацитет на гастроинтестиналниот тракт.

ВИРУСНИ ЦРЕВНИ ИНФЕКЦИИ

Вирусите остануваат најчести причинители за акутен гастроентеритис кај деца, како во развиениот свет така и во земјите во развој, па дури 50 до 70 отсто од акутната дијареја кај децата е предизвикана од вирусен предизвикувач. Ротавирусот претставува најважниот вирусен патоген во светот и тој е одговорен за 37 отсто од смртните случаи поврзани со дијареја кај деца помлади од 5 години. „Ротавирусната инфекција се манифестира со сезонски варијации, со зголемена зачестеност во зима и намалена зачестеност во летните месеци. Овие вирусни цревни инфекции кај деца обично се појавуваат на крајот на првата година од животот – во време кога го губат имунитетот стекнат од мајката, а потоа од втората до петтата и се многу поретко застапени во поголемата возраст. Тој се карактеризира со исклучително висока зараза, краток период на инкубација. Се јавува ненадејно, многу е агресивен и доведува до тешки дехидратации придружени со висока телесна температура, чести повраќања и обилна водена дијареја, без слуз и крв. Во Македонија е воведена редовна вакцинација за ротавирусниот ентерит, кој дава тешки форми на гастроентерити кај деца, со што успешно се намалува бројот на овие инфекции“, вели докторката. Друг вирус кој предизвикува гастроентеритис е аденовирусот, но инфекцијата со него не е проследена со тешка треска, иако дијареата може да трае подолго. Д-р Чучкова-Никчевска вели дека дијагнозата се поставува со карактеристична клиничка слика. Инаку, најчесто кога ги имаат, кај децата овие инфекции доведуваат до оштетување на епителот на тенкото црево. Во овој дел од цревото се врши дигестијата и апсорпцијата на храната. Затоа потребно е и исхраната соодветно да се прилагоди кај дете што има вирусен гастроентерит. Докторката сугерира што е најдобро да се консумира во тој период. „Децата во првата година кои не се исхрануваат со мајчино млеко треба во првите седум до десет дена да бидат исхранувани со безлактозна млечна формула. Дете кое наполнило една година може да се храни со ферментирани млечни производи, односно со јогурт, кисело млеко, кефир или сирење кои содржат малку лактоза. Мајчиното млеко содржи антитела и други одбранбени фактори кои го штитат детето од вирусни и бактериски инфекции. Вообичаено кога доенче кое се исхранува со мајчино млеко ќе се разболи, инфекциите имаат блага клиничка слика и симптоми“, вели д-р Чучкова-Никчевска.

БАКТЕРИСКИ ГАСТРОЕНТЕРИТИ

Во земјите во развој ентеротоксичната  Ecoli (ETEC) е најчестиот предизвикувач на акутен гастрентеритис кај деца или дијареа на патување, а потоа следат бактериите Campylobacter, Salmonella и Shigella. Една од најчестите бактериски инфекции кај нас- салмонелозата /Salmonella enteritidis/ се добива преку загадени и несоодветно топлинско обработени продукти од живина, како јајца и месо, или од претходно заболени луѓе. Салмонелозата има краток период на инкубација, од 12 до 48 и поретко 72 часа. Д-р Наташа Чучкова-Никчевска вели дека болеста се манифестира со дијареја, столиците се бројни, водени, мукозни и често крвави. Децата често имаат и висока температура , треска, стомачна болка и повраќање. Почетокот на болеста е прилично ненадеен и е интензивен. Шигелоза, која исто така се нарекува бактериска дизентерија, е предизвикана од бактериски соеви на Shigella (Shigella), во нашата област најчесто Shigella flexneri и Shigella sonnei. Болеста се манифестира слично на салмонелоза, но со поголема фреквенција на течни и крвави столици. Како предизвикувачи може да бидат и Campylobacter, Yersinia enterocolitica и други бактерии. Дијагнозата на бактериски цревни инфекции се поставува врз основа на многу карактеристична клиничка слика и се потврдува со изолација на предизвикувачкиот агенс (копрокултура).

КАКО ТРЕБА ДА СЕ ЛЕКУВА?

Првиот и основен чекор во лекувањето на сите заразни интестинални нарушувања кај децата е да се надополнат изгубената вода и електролитите. Според д-р Наташа Чучкова-Никчевска, за да се спречи дехидрирање, треба да се почне со надоместување на течности веднаш штом детето ќе почне со повраќање и дијареја. Ако дехидрирацијата веќе се развила, треба да се продолжи супституција на течностите онолку долго колку што трае акутниот гастроентерит. „Соодветната превенција и корекција на дехидрација се изведуваат со специјални раствори што се формулираат така што тие ефикасно му го враќаат во телото она што го губи.       Во согласност со современите препораки, веќе во првите часови по успешната рехидратација треба ќе почне соодветна диета, во согласност со желбите на детето. Дури и за време на акутната фаза на болеста, болните деца, особено најмладите, не треба да гладуваат“, вели д-р Чучкова-Никчевска, педијатар. Децата со гастроентеритис треба да се вратат на нивната нормална исхрана што е можно побрзо. Раното хранење го намалува времетраењето на болестите и го подобрува исходот. Доенчето продолжува со доење со мајчино млеко без никаква забрана. Разбирливо е дека апетитот на дете во акутната фаза на болеста не може да биде оптимален, но треба да се понудат оброци кои се почести, помали, составени од биолошки вредна и нутритивно исправна храна. Масна храна и храна што е богата со шеќери треба да се избегнува. Пробиотиците, особено Lactobacillus  GG се ефективни во редуцирањето на времетраењето на дијареата кај деца со акутен гастроентеритис. Третман со пробиотик – Saccharomyces boulardi и останати пробиотици е нешто што е многу пожелно. Присуството на пожелните пробиотици во дебелото црево доведува до намалување на штетните бактерии, стимулира и секреција на слуз и секреторен имуноглобулин А, поради што пробиотиците се многу битни како заштитници на цревната бариера против штетни микроорганизми. Светската здравствена организација советува и давање на суплементи со цинк, кај сите деца кои се помали од 5 години и имаат акутен гастроентеритис.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!