По година во која здравствениот предизвик и пандемијата на коронавирусот ги смениja сите навики, воспоставените практики, па и начинот на кој се одвива наставата во училиштата, почна нова училишна година во која новото нормално повторно е реалност. Некои првачиња минатата учебна година воопшто не тргнаа на училиште, не ни седнаа во училишните клупи. Начинот на наставата е важен за сите, најмногу за нив, за учениците. Без оглед на сите околности, тргнувањето во училиште е голем чекор за малите деца. Почетокот е значаен, а тој има голема суштина врз животот на малите, оти сè што досега практикувале се менува. Многу од нив веќе знаат за потребата да се заштитат, треба да носат маска, да одржуваат хигиена. Нивните навики стекнати во домот ќе се надополнуваат во училиштето. Но, без оглед на тоа, самиот почеток е различен за различни деца. Иако голем број деца го прифаќаат смирено и брзо се адаптираат, некои, особено тие кои не посетувале градинка, тешко ја прифаќаат новата средина.
УЧИЛИШТЕТО НЕ Е САМО УЧЕЊЕ
Не мора да значи дека промената ќе ги измени децата, но секако е промена која тие ја чувствуваат. Се менува ритамот на живеење, на играње, децата мора заедно со родителите да научат дека е потребен посериозен пристап да одговорат на потребата на наставата. М-р Соња Јорданова-Цацановска вели дека сите предизвици треба да се совладуваат со посебно внимание, со смиреност. Со тргнувањето во училиште се менува дневниот ритам на детето и тоа станува дел од една структурирана средина, во која постојат правила и обврски што мора да ги почитува. Детето во училиштето е потребно не само да учи, туку и да се приспособи кон друштвото на голем број други деца, кон непознато возрасно лице (наставник) и кон извесна училишна дисциплина. Но, и покрај тоа морате да му покажете на вашето дете дека училиштето е една обврска повеќе во неговиот живот и дека тоа и понатаму е дете кое може да игра со своите играчки и со правилен распоред на обврските полесно ќе се справи со училишните предизвици. M-р Јорданова-Цацановска вели дека подготвеноста за училиште претставува комбинација од различни способности, вештини, навики, знаења, односно искуства и знаења кои детето ги има стекнато во претшколската возраст. Од физичка подготвеност, до умствена стабилност и можност детето брзо да се прилагоди на средината. Сите аспекти се важни. Прво, за да може да ги издржи напорите на училишниот живот неопходно е детето да биде физички доволно развиено – за патот до училиштето па до седењето во училишната клупа или дома, доколку наставата е онлајн. Седењето мирно со часови е големо оптоварување за неговите грбни мускули, кои ако не се доволно развиени, може да значи и дека детето ќе седи неправилно, а тоа да резултира со искривување на ′рбетот. „Развиеноста на фината моторика и визиомоторната контрола овозможува правилно држење на моливот, контрола на притисокот на моливот при боење или пишување, способност да нацрта одредени геометриски фигури, човек. Исклучително важни за секој ученик се и сетилните органи. За да го запознае светот околу себе, сетилата за вид и слух треба да бидат добро развиени. Слухот му овозможува да го слушне човечкиот говор, да се вклучи во соодветна комуникација“, вели м-р Соња Јорданова-Цацановска. Кога мислиме на подготвеност за во училиште за голем број родители тоа значи дека нивното дете е потребно да пишува броеви, букви. Најчесто се разочаруваат кога нивното дете не покажува интерес за пишување, а одредени се загрижуваат и дека недоволното внимание е проблем па бараат стручна помош бидејќи не соработува. Наместо букви и броеви, поттикнете ја самостојноста, научете го само да се облекува соблекува, да се храни, да ги врзува врвките на своите патики, да се грижи за своите работи. Не казнувајте го со викање или навредување доколку неуспешно ги извршува дејствата. Охрабрете го и кажете му дека и вие кога почнавте сами да се грижите за себе грешевте повеќе во споредба со него.
ПОСВЕТЕТЕ ВНИМАНИЕ НА ГОВОРОТ, МИСЛЕЊЕТО, ЧУВСТВАТА
Но, не само физичката подготвеност, важни се и мислењето, чувствата, говорот. М-р Јорданова-Цацановска вели дека говорот е еден од суштествените услови на човечкиот сообраќај, на пренесувањето на искуствата, на учењето. Детето треба да го разбира туѓиот говор и без потешкотии да им ги соопштува на другите своите мисли и своите потреби. „Доколу вашето дете заменува еден глас со друг глас, не ги изговара правилно сите гласови, не ги изговара правилно речениците, има потешкотија при откривањето на иницијалната буква на даден збор или, пак, постои проблем што ве загрижува, посетете логопед кој ќе ви даде совет како да го подготвите вашето дете за безгрижно тргнување во училиште, советува таа. Од друга страна, мислењето е највисока психичка функција на детето и на возрасните. Интелектуалната развиеност му овозможува да пронајде решение при соочувањето со различните училишни проблеми и ситуации и да ги усвојува многубројните знаења во училиште. Покрај развиеното мислење, за успешно школување е потребно да постојат и развиени психички функции, особено чувства и емоции. Чувствата се особено важни за социјалниот живот на детето. Од детето се очекува да реагира на соодветен начин при ускратувањето на некои желби и потреби, и да има изградено соодветна емоционална контрола. Не заштитувајте го премногу вашето детето. Преголемата грижа и обврските кои е потребно дете само да ги изврши резултираат со фрустрација и ниска самодоверба. Поттикнувајте го само да ги завршува обврските и училишните задачи. Проценете добро колкава е реалната потреба од вашата помош, и наместо да го нацртате неговиот цртеж за да биде најдобар во класот, покажете му како научивте вие да цртате. Покажете му ја насоката по која е потребно да се движи, но оставете го сам да го помине патот и да се соочи со сите предизвици при совладување на проблемот. Соочувајќи се со проблемите, вашето прваче ќе биде самостојно и ќе може соодветно да реагира соочувајќи се со училишните предизвици. „Од сето ова се гледа дека подготвеноста на детето за училиште е многу сложена и дека не постои дете кај кое сите развојни вештини се развиваат со иста брзина. Ова е потребно да го земат предвид родителите и наставниците и доколку одредено дете има потреба од исполнување на дополнителни услови со цел да се овозможи соодветна адаптација, неопходно е пред почетокот на училишната година да се направи добра старатегија со која би се овозможило реализирање на условите, со цел да се намали стресот кај детето и родителите“, вели М-р Јорданова-Цацановска .
ОХРАБРЕТЕ ГО ДЕТЕТО, АМА НЕ РАЗОЧАРУВАЈТЕ СЕ И ВИЕ
Таа е децидна дека улогата на родителите или старателите е исто така исклучително важна. Советува тие често да разговараат со детето, да го охрабрат да ги прифати новите промени. „Споделете позитивно искуство од вашето тргнување во училиште. Не создавајте идеална слика за училиштето и подгответе го дека постојат и обврски што мора да ги извршува. Не повторувајте му постојано што сѐ мора да прави и како треба да се однесува додека е во училиште. И не разочарувајте се доколку на почетокот на училишната година вашето дете не ги почитува правилата на пристојно однесување (станува за време на часот, плаче и не прифаќа да ги изврши задачите дадени од наставничката). Прифатете го раздразливото однесување на самиот почеток и не задавајте му дополнителни обврски со цел побрзо да ги совлада училишните задачи. И не заборавајте секојдневно да му давате поддршка на вашето дете, и да му покажете дека го сакате и дека вреди, без разлика каков успех постигнало во училиштето, советува М-р Јорданова-Цацановска. Промените го движат општеството, а децата се носители на тие промени. Здрави и подготвени деца ќе носат поквалитетни промени. Додека на носителите на политиките е да креираат средина за квалитетно образование, во домот детето треба да се подготви и да се поддржи за предизвиците на училиштето. Тоа сепак е најважен период за сиот негов живот.