Рендгенот е еден од најпознатите дијагностички методи со чија помош успешно се детектираат скршеници на коски, спинални тумори или деформитет на ’рбетот. Оваа дијагностичка алатка служи при дегенеративните заболувања на диск, ишијас, сколиози кифози и стенози. Проф. д-р Зоран Трајковски, специјалист по радиодијагностика, објаснува дека за време на снимањето на дигиталниот рендген ниски дози на електромагнетна енергија во вид на бранови минува низ телото оставајќи сенки на рендген снимката. Бидејќи коските се густи, тие ги апсорбираат Х зраците и се манифестираат со бела боја на снимката, додека органите се манифестираат во многу потемни бои. Клучниот бенефит на рендген-снимањето е тоа што се изведува за многу кратко време. Времето на изложеност на Х зраците е само дел од секунда, а благодарение на новите современи дигитални рендген-апарати дозата на зрачење е минимална.
НОВ СОВРЕМЕН ДИГИТАЛЕН РЕНДГЕН ВО ДИЈАГНОСТИЧКИОТ ИМИЏИНГ-ЦЕНТАР
Брза и прецизна дијагноза на сите болести, снимки со висок квалитет и резолуција, минимална доза на зрачење, скратено време на снимање и комфор за пациентите, се главните предности на медицинската технологија со која располага дијагностичкиот имиџинг–центар на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Од неодамна овој оддел е збогатен со нов најсовремен дигитален рендген кој функционира без контрастни технологии. „Се работи за потполно нов, комплетно дигитален систем на рендген-апарат, со кој се работи нативна радиографија, без контрастни технологии. Апаратот има една огромна предност, бидејќи не е статичен, туку рендгенската цевка е вградена на плафонот, со што се зголемува мобилноста на самата техника и може да се користи во ургентни состојби, кај трауматизирани пациенти кои не можат да се поместуваат“ – објаснува проф. Трајковски. Апаратот нема класични касети, користи комплетно дигитална технологија, па кога ќе паднат рендгенските зраци на самиот панел, сликата во истата секунда се пренесува на монитор во дигитална форма и многу брзо се пренесува во системот достапен за медицинскиот персонал. Предноста е зголемена со брзината на трансферот на сликата, па сликата може да ја разгледува тимот кој се наоѓа во различни делови од болницата или надвор од неа.
НАЈГОЛЕМА ПРИМЕНА ВО ОРТОПЕДИЈА И ТРАУМАТОЛОГИЈА
Во однос на можностите што ги нуди – докторите објаснуваат дека се прошири опсегот, покрај класичната радиографија на скелетниот систем, белите дробови, уринарен тракт, абдомен сега постои можност самиот апарат да спојува одредени делови од телото на една слика, која се смета за најголема предност. „Сега слика на цел ‘рбет може да се направи во еден акт со извонреден квалитет. Оваа снимка е од клучно значење за следење, корекција и проценка на сколиозата. Станува збор за голема група на пациенти, кај 80% од нив неопходно е редовно следење за проценка дали има прогресија или болеста стои во место, каква е прогнозата на пациентот. Овие снимки се потребни и кај останатите 20% од пациентите кај кои е потребен оперативен третман. На овој апарат може да се изведува функционално снимање во стоење или лежење во еден акт, а не како претходно кога снимавме еден дел карлица, па горен дел, па колена, сега тоа се прави со еден филм и сè е тоа автоматизирано. Дигиталното преклопување во прави самиот софтвер“-објаснува проф. Трајковски. Предноста на овој апарат е тоа што двата стола се мобилни, и хоризонталниот и вертикалниот, па може да се движи и решетката и цевката и се прават графии на целиот ‘рбет, постапка која претходно не се работела.
ПРЕДНОСТИ
Со дигиталната технологија се намалува зрачната доза, па за време на снимањето со софтверските можности може да се може да се одреди дозата за снимање. „Со дигиталниот рендген се проширува дијагностичката можност, сега може да го оптимизирате прегледот согласно големината на пациентот, може да снимате бебиња со минимална зрачна доза и возрасни пациенти каде ќе биде поголема зрачната доза, согласно волуменот на пациентот. Апаратот е дигитализиран и информацијата многу брзо патува низ нашиот болнички систем, сè е во дигитална форма и по внесување на податоците на пациентот не може да се случи грешка и нема можност за мешање на пациентите. Сите податоци одат заедно со неговата рендгенска слика“ – објаснува проф. Трајковски.
„Уште една техничка новина е што на самата рендгенска цевка има камера и не мора како во минатото докторот постојано да го следи пациентот дали мрднал или не, со камерата во живо имате слика дали тој е добро позициониран, со што се намалува ризикот од дополнително зрачење и повторно снимање. Дозата е минимална, бидејќи од самиот старт софтверски се планира снимањето“- објаснува проф. Трајковски. Овој дигитален апарат покрај во трауматологијата и ортопедијата ќе најде примена и во делот на педијатријата за снимање на бели дробови, скелет, стомак кај новороденчињата. Со неговата набавка комплетно се заокружи дигитализацијата на болницата, целиот систем е комплетно дигитализиран и секоја снимка се добива во дигитална форма.