ВЕШТАЧКИ СФИНКТЕР – КОНЕЧНО РЕШЕНИЕ ЗА УРИНАРНА ИНКОНТИНЕНЦИЈА

Уринарната инконтиненција е неконтролирано испуштање на урината од мочниот меур. За да се воспостават контрола на мокрењето и нормална уринарна континенција, потребна е комплексна врска помеѓу мозокот, нервниот систем и органите во карлицата. Одговорни за контролата на мокрењето се два кружни мускули (сфинктери) кои се наоѓаат на вратот на мочниот меур и почетниот дел на уретрата. Мочниот меур има две главни функции: да ја складира и да ја празни урината. За да се испразни мочниот меур, потребна е синхронизација помеѓу нервниот систем, мускулите на мочниот меур, сфинктерите и мускулите на карличното дно, објаснува д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија.

ВИДОВИ УРИНАРНА ИНКОНТИНЕНЦИЈА

Стрес-инконтиненција настанува кога притисокот во мочниот меур ќе го надвладее притисокот во мочниот канал; може да настане ако ослабат мускулите на карличното дно или е ослабен уретралниот сфинктер. Се презентира со инконтиненција во тек на кашлање, кивање или дигање товар или физички вежби. Овој вид инконтиненција е најчест и настанува кај жени по тешки породувања, а кај мажите по операција на простата.

Ургентна инконтиненција се јавува кога мускулот на мочниот меур е прекумерно активен. Причината за овој тип инконтиненција понекогаш е непозната, но може да биде и од невролошко потекло, кај пациенти со спина бифида или мултипла склероза. Се карактеризира со спонтан и неконтролиран нагон за мокрење, кој се завршува со неконтролирано испуштање урина, често пред пациентот да стигне до тоалет.

Континуирана инконтиненција најчесто зборува за присутна фистула помеѓу мочниот меур и вагината или уретрата и вагината.

Преливна инконтиненција е неможност на мочниот меур да се испразни поради слабост на неговите мускули, болест на нервите или блокирање на патот на истек на урината. Со преполнет мочен меур, напор или зголемен абдоминален притисок се предизвикува неконтролирано испуштање, односно прелевање на урина.

СИМПТОМИ

Многу луѓе имаат само повремено испуштање урина, најчесто во мали количини, додека други може неволно да испуштаат поголеми количини или, пак, тоа им се случува почесто. Кај некои од нив урината се испушта при зголемен притисок во мочниот меур, во тек на кивање, кашлање, смеење, вежбање или при дигање тешко. Постои и зачестено мокрење, некогаш и во текот на ноќта.

КОГА ДА СЕ ПОБАРА ЛЕКАРСКА ПОМОШ?

Обратете се кај вашиот доктор веднаш штом ќе забележите симптоми на уринарна инконтиненција. Тоа е чест проблем и не треба да ви биде срам да ги кажете вашите симптоми. Она што докторот може да ви го предложи е да водите дневник за мокрење, каде што ќе бележите колку течности внесувате и колку често мокрите. Проблемите со мокрење може да влијаат врз квалитетот на вашиот живот и може да предизвикаат и други здравствени проблеми.

ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ И НАЧИН НА ЖИВОТ

Некои здравствени проблеми кои може да доведат до уринарна инконтиненција се: старост, инфекции на мочниот меур, запек, вродени аномалии, блокиран уринарен тракт, проблеми со простатата, дијабетес, вишок килограми и дебелина. Фактори што се поврзани со начинот на живот, а може да предизвикаат проблеми со мокрењето се: консумација на храна која предизвикува опстипација или употреба на алкохолни, газирани или пијалаци базирани врз кофеин, потоа физичка неактивност и пушење.

КОИ ДИЈАГНОСТИЧКИ ПРОЦЕДУРИ СЕ ИЗВЕДУВААТ?

Со цел да се утврдат видот и степенот на инконтиненција, се прават прегледи и клинички тестови, се земаат анализи на урина и уринокултура, потоа се изведува уродинамско испитување, уретроцистоскопија, а по потреба се изведуваат консултативни прегледи со доктори од други специјалности (невролог, гинеколог, физијатар итн.).

КАКО СЕ ЛЕКУВА УРИНАРНАТА ИНКОНТИНЕНЦИЈА?

Вашиот доктор, во почетокот, ќе ви предложи најмал инвазивен третман, а потоа ќе помине на други опции во случај првите да не успеат. Изборот на начинот на лекување најмногу зависи од видот и степенот на уринарна инконтиненција. Кај стрес-инконтиненција конзервативното лекување подразбира примена на вежби за јакнење на мускулите на карличното дно (Кегелови вежби). Во случај на неуспех или доколку постои голем степен на инконтиненција, индицирано е хируршко лекување (вградување на „слингови“ или „сфинктери“). Имплантацијата на таканаречените „булкинг“ материјали во сфинктерот, со цел подобро затворање на сфинктерот, главно нема задоволувачки ефект. Другите облици на инконтиненција (ургентна инконтиненција) може да се лечат: со таканаречената биофидбек и бихејвиорална терапија (тренинг на мочниот меур, планирано мокрење, планиран внес на течности и диети), со примена на лекови (антихолинергици, алфа-блокатори, топични естрогени). Во случај на постоење на невролошко оштетување како причина за инконтиненција, се применува електрична стимулација (вградување справа налик на пејсмејкер под кожата која би испраќала безболни нервни импулси кон нервите и со тоа би учествувала во контрола на мокрењето), или со примена на инјекции на ботокс во ткивото на мускулот на мочниот меур кај луѓето што имаат хиперактивен мочен меур.

Слинг-процедура: се користи за лечење на стрес-инконтиненција, главно кај жени, кои по тешки породувања имаат спуштени органи на малата карлица и ослабени мускули. Слингот е трака што во текот на операцијата се става околу уретрата и потоа ја затегнува сè додека не се постигне задоволителен степен на континенција. Операција на вградување слинг може да биде индицирана и кај мажи што имаат благ или среден степен на инконтиненција.

Вградување на вештачки сфинктер: Овој метод на лекување претставува „златен стандард“ во терапијата на стрес-инконтиненција, кај мажи и жени.

КАКО СЕ ИЗВЕДУВА ОПЕРАЦИЈА ЗА ВГРАДУВАЊЕ НА ВЕШТАЧКИ СФИНКТЕР?

Вештачкиот сфинктер се состои од пумпичка, резервоар и манжетна. Манжетната се вградува околу уретрата, пумпичката во скроталното ќесе или лабиите кај жените, а резервоарот покрај мочниот меур. Операцијата се изведува со општа или спинална анестезија и трае околу 1,5 часа кај мажи, до 2,5 часа кај жени. Во текот на операцијата се става уринарен катетер за деривација на урината, а по операцијата се останува во болница од 1 до 3 дена. Водечките студии покажаа дека пациентите се многу задоволни и дека 90% од оние што се подложиле на оваа процедура би им ја предложиле на пријателите или на членови на семејството што боледуваат од истата болест. По закрепнувањето од операцијата, пациентот се обучува како да го користи вештачкиот сфинктер. Откако ќе осети дека мочниот меур е полн, оди во тоалет, притиска на пумпичката сместена во скроталното ќесе кај мажите или големата усна од вагината кај жените, пумпичката ја отвора манжетната и овозможува урината да истече. Во наредните две минути манжетната повторно спонтано се затвора, со тоа се затвора и уретрата, со што пациентот повеќе не мокри неволно. На многу луѓе им е срам да зборуваат за своите симптоми на уринарна инконтиненција, но мора да знаат дека постојат ефективни третмани. Многу е битно отворено да се разговара со докторот за вашиот проблем и заедно да се донесе одлука кој третман е најпогоден за вас.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!