4 работи на кој треба да внимавате при изложеност на сонце
Летото доаѓа. Сите сме возбудени на долгите сончеви денови. Со нетрпение ги очекувате летните одмори кога целосно ќе се препуштите на долгите песочни плажи и синото море. Но ова уживање, може да ви го попречи јакото сонцето.
Покрај позитивните влијанија, сонцето и високите температури можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Долгото изложување на ектремно високите температури може да доведе до прегрејување на телото, состојба која е особено опасна по здравјето.
Топлотна исцрпеност
На топлотна исцрпеност најосетливи се постарите лица, лицата со зголемен крвен притисок, како и децата. Симптомите од топлотната исцрпеност можат да се јават веднаш, но и по неколку дена од изложеноста на екстремно високи температури. Прво се јавува жед, замор, слабост, вртоглавица, главоболка, мачнина и заматен вид. Ако овие предупредувачки симптоми се занемарат може да се јави повраќање, грчеви во мускулите и несвестица. Кожата кај овие лица е бледа и влажна, оросена со ладна пот, пулсот е забрзан, дишењето отежнато. Ако ги осетите овие симптоми кои укажуваат на топлотна исцрпеност, треба да останете во разладена просторија и да пиете повеќе течности и вода.
Сончаница
Подолгиот престој на сонце може да доведе до сончаница. Ова особено важи за деца, лица без коса, особено ако не носат заштита на главата. Симптомите на сончаница најчесто се: сува кожа со зголемена телесна температура, главоболка, вртоглавица, немир и видливо црвенило на лицето. Доколку не ги земете предвид овие аларми, набрзо може да се појави зуење во ушите, проблеми со видот и малаксаност, а во потешки ситуации можен е и губиток на свест. Лицата кои добиле сончаница треба веднаш да се сместат во разладена и затемнета просторија. Постепено треба да се разладуваат со вода и со ладни облози на вратот и главата. Треба да се пие што повеќе вода, и други напитоци, но избегнувајте кафе и алкохол. Во потешки случаи на губење свест, појава на грчеви и поспаност веднаш побарајте помош од лекар.
Топлотни грчеви
Топлотните грчеви најчесто се јавуваат кај лица кои се физички активни на екстремно високи температури, како и оние кои прекумерно се потат. Може да се јават и кај лица на годишен одмор, кои неаклиматизирани почнуваат интензивно да спортуваат. Поради физичкиот напор телото обилно се поти и поради тоа губи големи количини вода и сол, како и калиум и магнезиум. Поради ова се јавуваат ненадејни јаки грчеви во рацете и во нозете, пред сè во листовите и стапалата. Мускулите стануваат тврди и чувствителни. Доколку ги осетите овие симптоми, треба веднаш да престанете со физичката активност и да седнете под сенка, да пиете вода и овошни сокови. Потребно е да се одморите неколку часа.
Топлотен удар
Најсериозниот здравствен проблем како последица од високите температури е топлотниот удар. Во овие случаи телото поради екстремните температури престанува да се поти и телесната температура за кратко време се качува над 41. степен. Се јавува одеднаш, без претходни предупредувачки знаци, а во најтешки случаи може да доведе до траен инвалидитет или смрт. Симптоми кои укажуваат на топлотен удар се вртоглавица, главоболка, мачнина, повраќање, чувство на глад за воздух, грчеви и забрзано срцево биење. Кожата кај овие лица е сува, топла и црвена, а телесната температура е над 40 степени. Веднаш треба да се повика брза помош, а во меѓувреме лицето да се пренесе на разладено место и да се полива со вода.