Стоматолозите не откриваат само заболувања на непцата, кариес или дупки во забите. Тие, исто така, можат да откријат Кронова болест, орален канцер и други сериозни нарушувања.
Работата на стоматолозите всушност е да ги проверат сите меки ткива во устата, а со тоа да откријат многу нарушувања од дијабетес до ГЕРД (гастроинтестинална рефлуксна болест).
Еве неколку болести кои вашиот стоматолог може да ги открие на редовниот стоматолошки “Check-up” преглед.
Кронова болест
Кај повеќе од 20% од пациентите со ова воспалително нарушување на цревата се јавуваат рани во устата. На оваа состојба може да ѝ претходат абдоминални симптоми од типот на грчеви во стомакот и дијареа. Можат да се забележат отоци на усните и чирови со големина на монета, со бела боја во средината и црвена околу, на внатрешната страна на образите и усните. Доколку постои сомнеж за Кронова болест, тогаш се прави снимка на целата усна празнина со цел да се утврди состојбата на непцата.
Дијабетес
Крвавење, изгубени заби, сува уста, суви непца и криви заби се симптоми на пациентите со дијабетес, кои воедно се и поподлежни на заболувања на непцата. Сепак, многу од овие симптоми можат да бидат поврзани и со лошата орална хигиена, па затоа стоматолозите мораат прецизно да го утврдат изворот. Доколку вашиот стоматолог се посомнева во дијабетес, тогаш ќе ви предложи да направите крвна слика. Стоматолозите велат дека оралното здравје и дијабетесот се тесно поврзани. Пациентите кои водат повеќе грижа за своите заби и непца можат подобро да ги контролираат нивоата на шеќер во крвта, а пациентите кои го контролираат шеќерот во крвта се помалку склони на заболувања на непцата.
Орален канцер
Оралниот канцер е еден од најраспространтетите на светот. Секоја година има илјадници нови случаи од ова заболување. Редовниот дентален „check up” може да помогне да се откријат знаците во порана фаза, кога стапката на преживување е дури 80%. Оралниот канцер се јавува во форма на бели и црвени рани во пределот на јазикот, на дното на усната празнина и на меките ткива на задниот дел на јазикот. Во рана фаза раните воопшто не болат, па затоа пациентите не можат да ги откријат самите. Затоа, побарајте од стоматологот да ви направи скрининг за орален канцер во текот на редовниот стоматолошки преглед. Овој тест е од особена важност доколку имате одредени ризик фактори од типот на пушење, прекумерно консумирање алкохол или ХПВ.
Гастроинтестинална рефлуксна болест (ГЕРД)
Киселините во стомакот со pH пониски од оцетот, кои се враќаат низ хранопроводот па во устата можат да го оштетат емајлот на забите и да создадат ерозивни лезии во задниот дел на усната празнина. Пациентите ги препознаваат симптомите на ГЕРД при што имаат чувство дека нешто ги пече во пределот на срцето, некои, пак, имаат немирен сон и често одат во тоалет во текот на ноќта без притоа да помислат дека се работи токму за ова заболување.
Анемија
Доколу се забележи дека бојата на усната празнина и јазикот е бледа или има светло розова нијанса може да постои сомнеж дека се работи за анемија, состојба во која телото нема доволно црвени крвни зрнца. Исто така, јазикот може да ја загуби карактеристичната нерамна текстура и да стане мазен и рамен.