Истражувањата покажале дека 85% до 90% од населението во САД имале проблеми со грбот во одреден дел од животот. Болката во грбот е една од најчестите причини за посетување матичен лекар. Во кој било ден од годината речиси 2% од работната сила на САД не е способна да се појави на работа токму поради проблемите со грбот.
Една од почестите болки, која најпрвин се јавува во грбот па најчесто се пренесува на ногата, е ишијасот. Обично ишијасот е резултат на притиснат нерв во ’рбетниот столб, како и проблеми со дискусот или артритис. Од друга страна, причината за болките во грбот може да биде мистерија за докторите, а тие најчесто ја поврзуваат со дискусот, зглобовите, мускулите, лигаментите или тетивите.
Што е акутна болка во грбот?
Акутната болка во грбот се манифестира со кратка епизода на болки кои доаѓаат одеднаш. Повеќето од луѓето од овој тип болка заздравуваат најмногу по две недели, со минимален третман и веднаш им се враќаат на секојдневните обврски. Тие користат лекови за ослободување на болката препишани од доктор.
Што е хронична, постојана болка во грбот?
Најчесто болките во грбот траат кратко и се лекуваат едноставно. Но, кога болката трае повеќе од 3 недели, веќе станува збор за хронична болка. Во овој случај потребен е поинаков третман. Најпрвин се прави внимателна и прецизна проценка на медицинската историја на пациентот, а потоа и преглед со цел точно да се утврди причината на болката. Во ретки случаи се открива канцер или некоја инфекција. Во најмногу случаи болката се поврзува со ’рбетните прешлени, дисковите или мускулите во грбот.
Што може да предизвика болка во грбот?
Истегнувањето на грбот е најчеста причина за болките во овој предел, со дури 85% од сите случаи. Останатите болки во грбот можат да бидат предизвикани од:
– Дискус хернија
– Остеоартритис
– Анкилозен спондилитис
– Спондилолистеза
– Инфекции (помалку од 1%)
– Канцер (помалку од 1%)
– Фрактура
– Траума
– Од причини кои не се поврзани со ’рбетниот столб – Најчесто се јавуваат во долниот дел на грбот и вклучуваат аневризми на абдоминалната аорта, камен во бубрегот, инфекции, чирови
Како се дијагностицира болката?
Проценувањето на медицинската анамнеза на пациентот е најмоќната алатка на секој доктор во дијагностицирањето на овој проблем. Докторот поставува серија од прашања со цел да го лоцира проблемот. Прашањата можат да се однесуваат на животните навики, типот на работата, секојдневните активности, хобија, кога започнала болката, на кое место најмногу боли и каков ефект има на вашите секојдневни обврски.
Кај мал број пациенти испитувањето може да вклучи радиолошко испитување, MRI/CT скен и лабораториски тестови.
Како се лекува болката во грбот?
Болките во грбот најчесто се лекуваат успешно со конзервативно лекување. Овој третман најчесто подразбира активност (станување, пешачење, работење) во рамките на дозволеното и лекови препишани од доктор, од типот на антиинфламатори и ослободувачи од болка. Во одредени случаи потребна е физикална терапија. Доколку болката не престанува тогаш состојбата се лекува мултидисциплинарно, односно се формира тим од доктори, и тоа, општ лекар, физијатар, психолог или психијатар, специјалист по ортопедија или трауматологија.