Кога станува збор за младите жени и канцерот на дојка постои една добра и една лоша вест. Добрата вест е тоа што ризикот овие жени да заболат од оваа болест е помал отколку кај повозрасните жени. Лошата вест е тоа што, доколку се појави канцерот на оваа возраст, тој знае да биде поагресивен.
Но, во секој случај, здравиот животен стил може да ви помогне во одржувањето на здравјето на вашите дојки.
Во прилог ви даваме неколку совети за да го одржите здравјето на вашите дојки:
Одржувајте здрава телесна тежина
Дебелината го зголемува ризикот од развивање на оваа болест.
Потете се
Вежбајте 45 минути во денот, 5 дена во неделата. Редовните фитнес вежби можат да помогнат во зајакнувањето на имунитетот, намалувањето на телесната тежина, како и намалувањето на нивото на естроген и инсулин.
Помалку алкохол
Истражувањата покажуваат дека два пијалака во денот можат да го зголемат ризикот од канцер на дојка до 21%. Заменете го виното со свежо грозје. Ресвератолот, кој се наоѓа во лушпата на грозјето, може да помогне во намалувањето на нивоата на естроген, со што се намалува ризикот од појава на ова заболување.
Јадете здраво
Храната која не содржи многу масти е добар избор за намалувањето на ризикот од канцер на дојка, секако, можете да додадете и зеленчуци богати со железо, од типот на брокули и кељ. Тие содржат сулфорафан, за кој се верува дека помага во превенцијата од ширење на канцерозните клетки. За екстра доза антиканцерозна сила, јадете ги свежи.
Информирајте се околу вашата семејна историја
Кај околу 15% од жените со канцер на дојка постои семејна историја на болеста. Доколку некој од вашите најблиски (1. колено роднини) имал канцер на дојка, вие имате двојно поголем ризик . Доколку во вашето семејство имате (1. колено) заболеле двајца, вашиот ризик од карцином на дојка се зголемува и до 5 пати.
Правете редовни прегледи
Сите жени треба да прават детално клиничко испитување на нивните дојки, барем еднаш во три години, како и годишни снимања мамограм започнувајќи од нивната 40-та година. Оние кои имале случај со канцер на дојка треба да почнат со овие испитувања 10 години порано од возраста кога за првпат бил дијагностициран канцерот кај таа личност. Секогаш информирајте се околу технологијата и барајте дигитална мамографија. Младите жени кои имаат зголемен ризик од ова заболување, покрај мамограм треба да направат и магнетна резонанца.