Инвестирањето во најсовремениот апарат за магнетна резонанца 3 Tesla е уште една потврда за определбата на „Аџибадем Систина“ да биде лидер во регионот. Од самото отворање „Аџибадем Систина“ инвестираше во најновата генерација на магнет 1.5 Tesla и со тоа за првпат во Македонија беа воведени нови современи здравствени услуги. Седум години подоцна, со цел да биде во чекор со најновата медицинска технологија, „Аџибадем Систина“ инвестира во најновата генерација на магнетната резонанца 3 Tesla. По своите карактеристики и технологии овој апарат е единствен од ваков вид во цела Југоисточна Европа.
За предностите на магнетната резонанца 3 Tesla разговаравме со д-р Душко Михајлоски, шеф на Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Едни од главните дилеми и стравови на пациентите е дека снимањето на магнетната резонанца е штетно по нивното здравје, односно дека ги „зрачи“? Дали снимањето на магнетна резонанца е безбедно?
Магнетната резонанца комерцијално се применува повеќе од 30 години, а во истражувачки цели и многу подолго, и досега нема апсолутно докажано ниту еден траен негативен ефект. Краткотрајно во текот на снимањето кај пациентот може да се појави чувство на топлина, понекогаш главоболка или вртоглавица, но тоа е минливо и нема никакви трајни последици. Снимањето е толку безбедно што за разлика од компјутерската томографија и рендгенот, магнетната резонанца е безбедна и за снимање бремени жени и фетусот. Магнетната резонанца користи сили на магнетно поле од 1, 1 и пол, 3 Tesla, кои се прифатливи во клиничка пракса. За споредба, во истражувачки цели се користат и појаки магнетни полиња од 4, 7, 9 Tesla, па дури и кај нив не се случуваат никакви несакани ефекти. Оваа доза магнетни бранови човечкото тело може да ја прими во одреден временски период без никакви последици. Самиот апарат точно пресметува колку електромагнетни бранови треба да емитира со цел да не му наштети во никаков случај на човековото тело. Така што, магнетната резонанца е целосно безбедна процедура.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ инвестираше во најновата генерација на магнетна резонанца 3 Tesla. Што всушност добиваат пациентите со ова? Кои се предностите на овој апарат во споредба со магнетната резонанца 1.5 Tesla?
„Магнетната резонанца 3 Tesla претставува еволуција во технологијата и, секако, во можностите за дијагностицирање. Има бројни предности како за пациентот така и за нас, докторите, кои ги откриваме промените во телото. Новата генерација на магнет го зголемува квалитетот и ја зголемува резолуцијата на снимката, што ни овозможува да забележиме уште поситни структури и промени. Снимката добиена со 3 Tesla магнет овозможува порано да се видат настанатите промени отколку што би се виделе на 1.5 Tesla. Сме имале пациенти кај кои на снимка добиена со магнет 1.5 Tesla не се забележува никаква промена, а кога ќе се врателе со снимка од 3 Tesla магнет направена во странство многу јасно се дефинира таа промена.
Предноста на 3 Tesla магнетот особено се истакнува за детекција на мозочни заболувања, без разлика дали станува збор за вродени заболувања или од инфективна природа. 3 Tesla има апсолутна предност над MRI 1.5 Т затоа што многу попрецизно ги покажува мозочните структури и промени.
Со еден збор, 3 Tesla магнетната резонанца овозможува да се направи поквалитетен преглед на пациентот. Тоа е добро и за пациентот и за интернистот, хирургот, кардиологот… Кога ние ќе му дадеме попрецизна дијагноза или кога промената што ја гледаме ќе му ја ограничиме и дефинираме попрецизно и за хирургот тоа е многу подобро. Ова е особено важно кај операција на мозок, точно утврдуваме кој дел треба да се оперира бидејќи во мозокот има центри каде не смеете да интервенирате. “ вели д-р Душко Михајлоски.
Повеќе комфор и пократко време на снимање
Комодитетот и ширината на тунелот е многу поголем кај новиот апарат за магнетна резонанца. Дополнително, зголемена е и масата на која се поставува пациентот и практично сега може да се снимаат и пациенти кои имаат поголема тежина. Ако на 1.5 Tesla може да се снимаат пациенти со тежина до 130 кг, сега лимитот е над 200 кг.
„Се случувало порано да не можеме да ги снимиме пациентите поради тежината или затоа што не ги собира во тунелот. Пациентите со клаустрофобија може да се снимаат и со анестезија на специјален анестезиолошки апарат кој е компатибилен со магнетот. Дополнително, технологијата Silent scan вградена во апаратот драстично ја редуцира бучавата при снимање. Во одредени секвенци при снимање глава, ’рбет и мускулни структури е целосно бесшумен“, вели д-р Михајлоски.
Нови интервенции достапни за пациентите
Во новиот магнет се инсталирани нови технологии кои овозможуваат да се применат и нови интервенции.
„Нашиот апарат е опремен со сите најнови модификации кои имаат значителна предност за пациентот. Овој апарат е опремен со т.н. Magic секвенца. Секој преглед на магнетна резонанца се состои од секвенци. Бројот на секвенци зависи од тоа што треба да се сними кај пациентот. Новиот магнет овозможува до 6 секвенци во едно снимање, и тоа снимање трае околу 6 и пол минути. Доколку тие секвенци би се правеле поединечно, снимањето ќе трае минимум 20 минути. Тоа значи дека магнетот 3 Tesla го скратува времето за снимање за две третини. Скратеното време значи многу за пациентите, а од друга страна, колку што е пократко времето толку повеќе се избегнува можноста пациентот да стане нестрплив и да мрдне. При снимањето многу е битно пациентот да биде апсолутно мирен“, вели д-р Михајлоски.
Со новиот апарат за магнетна резонанца за пациентите во „Аџибадем Систина“ достапни се нови услуги
„Опремен е со сè што може да се опреми еден ваков апарат. Со тоа сега на пациентите може да им понудиме интервенции кои порано не сме можеле да ги направиме. Една од нив е спектроскопија, која овозможува да ја откриеме количината на одредени метаболити на ниво на клетка па оттаму и да поставиме попрецизна дијагноза. Спектроскопијата може и да разграничи попрецизно до каде се шири промената или да видиме како реагира третманот на одредена зрачна и хемотерапија. Имаме можност да мериме брзина на протокот на крвта и ликворот. Уште еден нова услуга е и ангиографија, односно снимање на крвните садови без контрастно средство, што е многу важно бидејќи постојат пациенти кај кои не смеете да дадете контраст“, вели д-р Михајлоски.
Скрининг на цело тело (Total body MRI 3 Tesla)
Со помош на магнетната резонанца 3 Tesla може да се направи и скрининг на целото тело. Total body MRI 3 Tesla се спроведува во две цели. Едната е за одредување на стадиум на болеста кај малигните заболувања, особено кај лимфомот каде се бараат зафатените лимфни јазли. Има голема предност за да ги прикаже секундарните метастази. Врз основа на тоа се одредува и начинот на терапија.
„Другата намена е за скрининг на целото тело кај лица без здравствени проблеми. Оваа услуга е всушност здравствен check up, детален систематски преглед кој се применува во сите светски здравствени центри. Со оваа услуга добивате приказ на вашата здравствена состојба со само едно снимање кое трае помалку од еден час и без зрачење. Total body MRI 3 Tesla е одлична замена за класичниот систематски преглед кој го правиме еднаш годишно, со тоа што овој преглед е многу подетален. Може да покаже промени во мозокот, абдоменот, градниот кош, се гледа дали постојат одредени промени во телото. Доколку се открие одредена промена, Total body MRI е појдовна точка за понатамошен детален преглед“, вели д-р Михајлоски.