Животот по дијагностицирањето на карцином на дојка
Процесот кој почнува со дијагностицирање на карцином на дојка, по што следи третман, може да предизвика психолошка изнемоштеност и сериозна депресија кај жените. Жените кои имаат психолошка поддршка во овој период му се враќаат многу побрзо на секојдневниот живот. Во текот на истиот период, со цел да се избегне повторно појавување на болеста, исто така треба да обрнат внимание на исхраната, да вежбаат и редовно да прават медицински прегледи.
1. Психолошка поддршка
Земајќи предвид дека секоја дијагноза на каква било болест ја нарушува рамнотежата во нашите секојдневни животи, дијагнозата на карцином на дојката може сериозно да влијае врз рамнотежата на животот на пациентот во психолошка, општествена и економска насока. За една жена да биде дијагностицирана со карцином на дојката значи да се соочи со можноста да ја изгуби својата економска моќ, работа, дел од своето тело што го гради нејзиниот полов идентитет, функцијата на тој дел од телото или животот во целост. Поради оваа причина дијагностицирањето на карцином на дојката со себе повлекува негативни мисли и страв подеднакво кај пациентите како и кај нивните роднини. Сепак, денес карцином се лекува со високо напреднати технологии и многу пациенти заздравуваат по третманот.
Негативните мисли кои се јавуваат како резултат на дијагнозата и несигурноста во текот на третманот ги поткопуваат механизмите на пациентот за приспособување. Очекувањата на пациентите со карцином на дојка и плановите за иднината може да се прекинат и тие може да се почувствуваат дека губат контрола врз сопствениот живот, што резултира со чувства како страв, вознемиреност и очај.
Загубата на дојката го влошува впечатокот за телото!
Карциномот на дојката е болест во која под закана се става и женственоста. Жените со карцином чии дојки се отстранети може да бидат психолошки погодени. Да се изгуби дојката има поголемо значење отколку да се изгуби кој било друг дел од телото. На фактот дека се губи дојката се гледа како на губење на женственоста, плодноста, привлечноста и сексуалноста. Загубата на дојката доведува до влошена слика за телото, намалена самодоверба и проблеми со сексуалноста кај некои жени. Овој случај почесто се јавува кај младите отколку кај повозрасните жени.
Вашата дијагноза е карцином на дојка
Што треба да очекувате?
Најчестите грижи кои се јавуваат кај жените кои имаат дијагноза карцином на дојка се ризиците дека карциномот може да се прошири на другите органи или повторно да се појави, но и стравот од болка и смрт.
Жените кои имаат карцином на дојка поминуваат низ неколку психолошки фази по дијагностицирањето и во текот на процесот на лекување. Може да го искусите истото. Главно, првата реакција на дијагнозата е „одрекување“. Не можете да верувате дека имате дијагноза карцином на дојка. Навистина е тешко за пациентите да прифатат дека имаат карцином на дојка. Многу пациенти се шокирани на почетокот и ја одрекуваат дијагнозата. Оваа фаза на негирање претходи на фазата кога пациентот е исполнет со лутина. Честопати може да се прашате „Зошто јас?“ Исто така, голема е веројатноста дека сте лути и на другите. Може да почнете да ги барате причините за вашата болест и да помислувате „добив карцином затоа што семејството многу ме вознемирува“. Потоа, може да влезете во фазата која специјалистите ја нарекуваат фаза на „преговарање“. Во овој период може да посведочите на ситуации во кои се спротивставувате на самите себе. Може да имате мисли како „ќе го надминам карциномот на дојка како што се откажав од пушењето“, „јас си го предизвикав ова и ќе се справам со него“. Потоа, најчесто доаѓа фазата на „депресија и тага“. По некое време по отпочнувањето на лекувањето ви станува тешко да го негирате постоењето на болеста. Операцијата и процесот на лекување може да почнат да го ограничуваат вашиот живот. Може да се почувствувате безнадежни и беспомошни. Откако, конечно, ќе ја надминете оваа фаза почнува фазата на „прифаќање“. Во оваа фаза нема да се чувствувате ниту тажни ниту лути. Прифаќањето не значи да се откажете од надежта. Кога ќе ја достигнете оваа фаза, ќе се држите до планот за ваше лекување. Сепак, треба да се истакне дека не секој пациент со карцином на дојка поминува низ сите овие фази. Освен тоа, начинот на кој секој од пациентите ги доживува овие фази се разликува од случај до случај.
Какви се психичките влијанија врз процесот на лекување?
Сите овие предизвикувачки процеси започнувајќи со дијагностицирањето на карцином може да доведат до психолошко нарушување. Истражувањата покажале дека веројатноста од психолошко нарушување се јавува кај 50% од пациентите заболени од карцином на дојка. Најчести кај пациентите со карцином на дојка се депресија и нарушувања проследени со вознемиреност.
Предлози за подобра психичка состојба за време на лекувањето
- Освен ако докторот не ви каже поинаку и сè додека вашата физичка состојба тоа го дозволува, треба да продолжите со секојдневниот живот. Не треба да дозволите вашиот друштвен живот (работа, училиште итн.) да биде нарушен поради болеста.
- Споделувањето на вашите чувства за болеста и процесот на лекување со други луѓе ќе ви помогне да ја прифатите болеста и ќе ве утеши.
- Не треба да се воздржувате да побарате психичка поддршка кога имате потреба.
- Излегувањето и активниот начин на живот исто така имаат позитивно влијание.
- Треба да се посветите на некои активности што ќе ви ги одвлечат мислите од болеста.
- Вежбањето до степен до кој ви дозволува докторот, ќе направи да се чувствувате поопуштено и посилно, како физички така и психички
- Истегнувањето и јогата имаат позитивно влијание како врз вашата психичка состојба така и врз телото
- Здравата исхрана, исто така, има позитивен ефект врз лекувањето
- Ако е можно, стапувањето во контакт со други пациенти кои страдаат од карцином и споделувањето на искуства може да ви помогне да чувствувате подобро
Кога треба да побарате психичка поддршка?
Ако:
- Постојано се чувствувате несреќно, вознемирено, под стрес, раздразливо и неспокојно
- Мислите дека не можете сами да ги решите проблемите
- Одбивате да ги споделите вашите проблеми со вашиот доктор, семејство или пријатели
- Имате потешкотии да се фокусирате
- Не можете да ја контролирате својата лутина
Препорачуваме да побарате помош од психолог или психијатар. Ако се препуштите на ваков начин на живот, тоа може да се одрази негативно на вашето лекување. Треба да ја избегнувате оваа ситуација. Психолошката поддршка ќе ве заштити од ваков ризик.
Ако немате финансиски можности да добиете професионална психолошка помош, поставете му на вашиот доктор секаков вид прашања, споделете го вашиот внатрешен немир со докторите и луѓето околу вас и обидете се да најдете излез од таквата состојба. Споделувањето на проблемите го намалува психолошкиот стрес.
Кои се придобивките од психичката поддршка?
- Го подобрува квалитетот на вашиот живот со тоа што ги ублажува вашите стравови и грижи
- Ви помага да ја пребродите полесно болеста
- Ви помага полесно да се приспособите на новиот живот
- Ве оспособува да се справите со проблемите кои ќе се појават на разни полиња во вашиот живот како последица на вашата болест и процесот на лекување
- Ви помага да ја видите светлата страна на животот
- Го подобрува вашето физичко здравје со зајакнување на имунолошкиот систем
- Ја намалува веројатноста од посериозно психичко нарушување во иднина
Дали вашата психичка состојба влијае на карциномот на дојка?
Нашиот ум и тело се во постојана интеракција. Ако нашата психичка состојба е добра, тогаш тоа има позитивно влијание врз нашето тело. На пример, ако имаме главоболка кога сме несреќни, чувствуваме посилна болка во тој момент отколку кога би имале главоболка со ист интензитет во среќни моменти. Позитивните мисли водат до позитивно влијание врз имунолошкиот систем. Сепак, ова не треба да значи дека треба да мислите „никогаш не треба да се чувствувам лошо, не треба да имам негативни мисли“. Постојат моменти кога секој може, со или без оправдана причина, да се почувствува лошо. Никој не може постојано да биде среќен, безгрижен, расположен или енергичен. Затоа, треба да избегнете да размислувате на таа тема ако вашата болест се влошува кога не се чувствувате добро. Мали промени во вашето расположение не влијаат веднаш врз вашата болест.
Дали секогаш треба да бидете во добро расположение?
Да имате позитивни мисли не значи секогаш да бидете среќни и да мислите дека ќе се случат добри нешта туку да ја прифатите вистината за вашата болест, да ги сфатите можностите и да продолжите да се борите. Она што е важно е да се обидете да ги намалите моментите кога се чувствувате лошо и да се фокусирате на вашата болест колку што е можно повеќе. Во текот на вакви периоди од помош би било ако можете да го насочите вашето внимание на други активности, да ги препознаете негативните чувства, да ги прифатите и да ги изразите.
Може да продолжите да живеете на начинот на кој сте живееле претходно и доколку е можно дури и да додадете нови активности во вашиот живот. Тоа може да биде посета на нови места, ново хоби или запознавање нови луѓе. Запаметете дека новите активности го подобруваат имунолошкиот систем.
Како карциномот на дојка може да влијае во вашиот живот?
Карциномот на дојка нема само негативни ефекти врз пациентот. Можеби не го согледувате тоа, но ќе станете посилна личност додека се борите со болеста. Во текот на овој процес ќе се спознаете подобро, ќе најдете начини да постигнете нови цели, да ги откриете свои јаки страни, да ги препознаете своите ограничувања, ќе знаете да уживате во моментот и ќе научите да го цените секој момент од животот фокусирајќи се на позитивните нешта во него. Всушност, кога ќе заврши лекувањето може да воочите дека вашиот живот станал побогат отколку претходно.
2. Исхрана
Како и кај другите видови карциноми, врската меѓу карциномот на дојката и исхраната е критична. Истражувањата покажуваат дека исхраната има 30-40% удел во лекувањето на карциномот. Според податоците на Американскиот институт за истражувања на карцином, одржувањето идеална тежина е најкритичната алка во заштитата од карцином на дојка. Меѓу другите, следуваат физичката активност, минимален внес на алкохол и доењето.
Познато е дека ризикот од карцином на дојка по менопаузата е помал кај жени со идеална тежина во споредба со жени со прекумерна тежина. Освен тоа, зголемувањето на тежината по дијагностицирањето на карциномот го зголемува ризикот од повторно појавување на болеста. Кај луѓето со прекумерна тежина половите хормони и инсулинот создаваат ризик од карцином на дојка.
Намалување на количината на внесени масти
Ризикот од карцином на дојка може да се намали со намалување на внесот на масти и одржување на идеално ниво на телесни масти. Ризикот од карцином на дојката се намалува кога личноста во периодот по менопаузата почнува да го намалува количеството на внесени масти.
Се верува дека ако само 20-25% од целата исхрана отпаѓа на масти, ризикот од карцином на дојка се намалува. Овој процент може достигне 30% кај луѓе кај кои не постои овој ризик. Исто така, се верува дека со придржување до исхрана богата со омега 3-масни киселини ризикот од карцином се намалува.
Ограничете го внесот на алкохол
Постои поврзаност меѓу конзумацијата на алкохол и карцином на дојката. Факт е дека примањето на доволно или прекумерна количина на фолна киселина која ја има во храната како зеленчук со темнозелени листови, спанаќ, срце, диња, сок од портокал, артичока, брокули го намалува ризикот од карцином на дојка во периодот по менопауза кај жената. Внесувањето алкохол го намалува количеството на фолати во крвта, а со тоа се зголемува и ризикот од создавање карцином. Со внесување на 3 или повеќе чаши алкохол дневно се зголемува ризикот од создавање карцином, па така се препорачува консумацијата на алкохол да биде ограничена на 1 чаша дневно, ако не може да се избегне целосно.
Доење
Доењето го намалува ризикот од карцином подеднакво кај мајката и бебето. Особено ако вашето бебе напредува добро и освен ако докторот не ве советува поинаку, се препорачува во првите 6 месеци бебето само да се дои.
Што треба да содржи вашата исхрана?
Зелен чај: Полифенолите кои ги содржи зелениот чај од него прават природен заштитник од карцином на дојка. Постојат повеќе истражувања кои докажуваат дека веројатноста за создавање карцином на дојка е помала кај лицата кои пијат зелен чај отколку кај оние кои не го консумираат. Тој стимулира намалување на масата на туморните клетки со согорувањето на телесните масти.
Риба: Рибата содржи омега 3- масни киселини кои го намалуваат ризикот од создавање карцином. Се препорачува да се консумира риба со средна големина еднаш или двапати неделно.
Мешунки (ротквица, репка), брокули, бриселско зелје: Изоцијанатот кој тие го содржат помага во намалување на ризикот од карцином на дојка, особено кај жените пред менопауза, со тоа што влијае врз естрогенскиот метаболизам. Каротеноид, изофлавон и витамините А, С, Е се други фактори кои го намалуваат ризикот.
Морков, тиквички, карфиол: Лигнинот кој се наоѓа во овие зеленчуци помага да се намали ризикот од создавање карцином со тоа што има анти естрогенско влијание кај жените, особено кај оние кои се во пост менопауза. Се препорачува да се консумираат заедно со храна богата со витамин С. Може да се набројат и други зеленчуци и овошки богати со лигнин како на цели зрна, семе од сусам, лук, ладно цедено маслиново масло, кајсија, праска, круша, грозје, тиква и цреша.
Млеко и млечни производи: Млекото, јогуртот, сирењето и другите млечни производи се богати со калциум. Познато е дека ризикот од карцином на дојка е поголем кај жените чија исхрана вклучува помало количество калциум. Сепак, она што е најважно да се запамети е дека при консумирање млечни производи треба да се внимава тие да не бидат со цела масленост. Подобро е да се консумираат обезмастени или делумно обезмастени производи подеднакво за одржување на идеална тежина и за заштита од карцином на дојка. Исто така, се препорачува да се претпочита внес на производи со Д витамин додека се внесува калциум.
Избегнувајте соја и ленено семе!
Соја: Генистеинот во сојата го спречува растот на карциномот. Со оглед на тоа дека производите од соја го зголемуваат ризикот од создавање карцином во епителните клетки на дојката, треба да се избегнуваат за време на лекувањето од карцином на дојка.
Ленено семе: Иако во минатото се веруваше дека го намалува ризикот од создавање карцином кај жените намалувајќи го нивото на естроген, неодамнешни истражувања покажуваат дека лененото семе може да го забрза формирањето карцином. Поради оваа причина консумацијата на ленено семе не се препорачува за време на лекување од карцином на дојка.
Не постои храна која може да го спречи создавањето или повторното појавување на карцином на дојка. Иако дел од храната е позната по тоа што ги намалува факторите на ризик, постојат и истражувања кои ги отфрлуваат ваквите тврдења. Сепак, потврдено е дека консумирањето зеленчук го намалува ризикот од создавање карцином за 25%.
Точно или неточно: Не треба да избрзувам со донесувањето одлука да почнам со лекување и да ги оптоварувам членовите на семејството со тоа што ќе ги вклучам во процесот на донесување одлука.
Карциномот на дојка има влијание врз целото семејство. Секој член на семејството има чувство на стравови и грижи за оваа болест – сознание кое треба да се земе предвид. Отворена дискусија на сите можности за лекување и нивниот резултат е најдобриот начин. Донесувањето заедничка одлука ги зацврстува односите во семејството и процесот на приспособување по лекувањето го прави полесен за сите.
- Здравје со вежбање
Вежбањето е неопходно за добро здравје во текот на целиот живот. Сепак, особено е важно за луѓето кај кои била направена операција. Главната мотивација за вежбање е пациентот што побрзо да се врати на секојдневните активности.
Кои се целите на вежбањето?
- Да се врати исправеното држење на телото
- Да се олесни вкочанетоста во делови од телото како вратот, половината, градите и рамената
- Да се врати подвижноста во зглобовите, силата и флексибилноста во вкочанетите делови од телото
- Да се зголеми капацитетот на белите дробови по операцијата и анестезијата
- Да се зголеми кардиоваскуларната енергија и капацитетот на белите дробови
- Да се регулира крвниот притисок со зголемување на нивото на ендорфин
- Да се избегне депресија, слабост и замор
- Да се спречи лимфедема со зголемување на дренажа на лимфните течности
- Да се спречи создавање лузна
- Да се спречи вкочанетост на рамената
- Најважно, да се засили волјата на пациентот за борба
Како постепено треба да напредуваат вежбите по операцијата?
- Процесот на рехабилитација треба да почне што е можно побрзо со цел да се зајакне групата слаби мускули кои ја изгубиле флексибилноста по хируршката интервенција и да се зголеми еластичноста и отпорноста на засегнатите зглобови. Додека фокусот на рехабилитацијата на почеток се става на рамената, вратот, градите, грбот и мускулите на лопатката, во следните фази се пренасочува кон абдоменот, половината и нозете.
- Со цел да се коригираат неправилностите во држењето на телото и да се дојде до подобро држење на телото, се прават вежби за раздвижување на мускулите. Вкочанетите мускули се раздвижуваат за пациентите да можат посигурно да се движат. Со создавање мобилност во градите, градниот кош и грбот, се олеснува земањето длабок здив, кое, пак, создава повеќе место за функциите на дијафрагмата и белите дробови. Ова има за цел да ја подобри физичката сила и целокупната кондиција за да се забрза процесот на оздравување и за телото полесно да ги поднесе хемотерапијата и радиотерапијата по операцијата.
- Друга важна цел на овие вежби е да се контролира зголемувањето на тежината за време на хемотерапијата, радиотерапијата, по нив или за време на менопаузата; да се подобри или одржи мускулната кондиција, телесниот состав и густината на коските. На овој начин целта е пациентот да ја пронајде својата внатрешна сила и да се чувствува подобро.
Обично се препорачува програмата за вежбање по операцијата да се планира како долготраен и постепен процес. Програмата се развива во зависност од физичките способности на пациентот, времетраењето на заздравувањето, типот и обемот на операцијата, придружни системски проблеми и дополнителните третмани како хемотерапија и радиотерапија. Покрај специфичните вежби наменети за таа болест, вежбите за зајакнување на абдоминалните мускули, ‘рбетот и нозете исто така се вклучени во програмата. Целта на следните фази од вежбањето е да се зголеми издржливоста, да се забрза метаболизмот, да се подобри мускулната кондиција и густината на коските и да се подобри телесниот состав со помош на аеробик и вежби за зацврстување. Како најчести проблеми кај мускуло-скелетниот систем на пациентите по операција од карцином на дојка може да се појават болка, здрвеност, вкочанетост, ограничување на движење, слабост и отоци.
- Физичката состојба на пациентот и времетраењето на лекувањето варираат од случај до случај. Поради оваа причина, се оценува напредокот на пациентот во секоја фаза и програмата се приспособува според неговите физички карактеристики. Секогаш се започнува со најлесни вежби и мал број повторувања. Потоа, постепено се зголемуваат. Пребрз напредок може да резултира со повреди и болести. Во случај и на најмал проблем, пациентот треба да се консултира со докторот кој го направил планот на програмата.
Доколку земеме во предвид дека физичката состојба и времетраењето на лекувањето се различни кај секој пациент, програмите се прават посебно за секој пациент.
На што треба да се обрне внимание во текот на процесот на рехабилитација?
- Треба да се почне со движење што е можно порано по операцијата. Сепак, треба да се избегнуваат ненадејни и брзи движења.
- Со цел да се избегне оток по операцијата, раката треба да ја држите подигната и потпрена на две перници кога лежите или седите.
- Треба да се прават вежби за истегнување користејќи ги двете половини на телото, неколкупати дневно и секоја вежба треба да се повтори три до петпати.
- Престанете со вежбање и одморете ако продолжувате да чувствувате болка и замор.
- Неколку минутна прошетка на мало растојание два до трипати дневно по операцијата е доволна за да си ја повратите силата.
- Избегнувајте на почетокот да кревате предмети потешки од 1-1,5 кг, особено со оперираната рака. Со цел да спречите отекување на раката, внимавајте да не кревате предмети потешки од 2,5 кг подолгорочно.
- Не користете чанти со ремче кое преминува преку рамото затоа што тоа врши притисок на рамото и може да доведе до лимфедема
- Пред да почнете активно со вежбање, проверете со сигурност дека отоците се намалени, а лузните од операцијата целосно се залечени
- Треба да го слушате своето тело и да ја следите својата интуиција
- Треба да се консултирате со вашиот доктор, медицинска сестра или физиотерапевт за секој сомнеж кој може да ви се појави
- Треба секој ден да се трудите да постигнете барем мал напредок. Постојаноста е клуч кон постигнување ваков успех.
Во случаи кога операцијата вклучува пластична хирургија на абдоминалниот дел исто така,
- На почетокот треба да се избегнуваат напорни движења и активности над главата
- Со вежби за абдоменот и половината може да се започне по 10 недели. Додека се прават вакви вежби ‘рбетот треба да биде стабилизиран со тенка потпора под колковите за да не подлежи на прекумерен притисок
- Доколку бројот на крвни клетки е низок, вежбите треба да се прават бавно и внимателно со дел да се избегне вртоглавица и замор
- Вежби кои се препорачуваат за овој период се вежби за кондиција како пешачење и велосипедизам
- Квалитетот со кој се прават вежбите е поважен од нивната бројност. Доколку се прават правилно, дури и мал број вежби може да доведат до напредок
Кои се фазите на програмата за вежбање?
Фаза 1: Периодот кој следи по операцијата. Задолжително треба да се почне со основни вежби веднаш по операцијата со цел да се намали отокот и затегнатоста, да се намали болката и вкочанетоста и да се овозможи физичко и психичко заздравување. Обично почнува со лесно истегнување и вежби за зајакнување. Избрани вежби треба да се практикуваат 2-3 пати на ден на бавен и внимателен начин со по неколку повторувања. Не треба да се занемарат ниту вежбите за длабоко дишење со цел да се намали болката и вкочанетоста. Пациентот треба да почне со овие вежби што е можно побрзо по операцијата. Во овој период се препорачуваат вежби како:
- Исправање и повторно свивање на лакотот, вртење на зглобот на раката и отворање и затворање на дланките. Повторувањето на овие вежби неколкупати во денот го намалува отокот.
- Откако пациентот ќе почувствува дека едно движење станува удобно, треба да продолжи со серии од по двапати со секое од нив. Меѓу сериите треба да се прави пауза.
- Наместо да се одложуваат сесиите со вежбање, на почетокот подобро е да се повторуваат краткотрајни вежби неколкупати дневно
- Вежби за рацете треба да се прават максимум по 3 серии од по 10 повторувања
- Програмата треба да вклучува лесно загревање пред вежбите и лесно истегнување по вежбите
- Раката треба да се држи на висина над срцето, потпрена на перници во текот на ноќта
- Пациентот, исто така, треба да оди на кратки прошетки секој ден
Фаза 2: Оваа фаза го опфаќа периодот од операцијата до 6. недела. Треба да се прават бавни и контролирани движења со цел да се избегне слабост на раката и губење на флексибилноста. Вежбите кои се препорачуваат во овој период се следните:
- Вежбите за земање длабок здив се критични во овој период имајќи предвид дека ја намалуваат напнатоста во горниот дел на грбот и мускулите на дојката. Освен тоа овозможуваат контрола на болката и опуштање.
- Бавни, но чести прошетки, исто така, ја зголемуваат издржливоста и штитат од миолиза
- Пациентот треба да практикува лесно загревање пред вежбите и лесно истегнување по вежбите
- Времетраењето на прошетките може да се продолжи во овој период
Фаза 3: Оваа фаза го опфаќа периодот меѓу 6. и 10. недела по операцијата. Во неа се вклучуваат повеќе напреднати вежби за горниот дел од телото. Штом завршува процесот на лекување, може да се додадат и вежби за нозете. Вежби кои се препорачуваат за овој период се:
- Поенергични прошетки.
- По 6. недела се препорачуваат вежби на статичен велосипед и пливање кои го подобруваат здравјето на раката и рамото.
- На почетокот се препорачува градно пливање. Слободен стил на пливање и грбно пливање треба да се избегнуваат 2 месеци по операцијата.
- Ако е направена биопсија на лимфните јазли или ако е вграден имплант во дојката, пливањето во пеперутка стил, исто така, треба да се избегнува.
- Во овој период може да се прават вежби со пилатес топка, еластични ленти и мали тегови.
- Овие вежби се определуваат според општата здравствена состојба на пациентот и претходните искуства со вежбање.
Фаза 4: Оваа фаза која одговара на периодот по 10. недела од операцијата вклучува поактивни аеробни (кои бараат издржливост) активности. Во овој период може да се почне со вежби од типот на умерено пешачење, возење статичен велосипед, бавно искачување по скали. Главниот фокус се става на зголемување на силата и флексибилноста. Се продолжува со аеробик и вежби за зајакнување и флексибилност на долгорочен план, а продолжува и програмата за пешачење. Пред да се почне со напредната програма за вежбање, треба повторно да се оцени состојбата на пациентот од страна на неговиот доктор. Во овој период, исто така, може да се прават и вежби со пилатес топка, еластични ленти и мали тегови.