Есента е годишното време на вирусите. Тие постојано демнеат и ги напаѓаат оние кои имаат послаб имунитет. Седењето долги часови во затворени простории не можеме да го избегнеме, но затоа можеме максимално да се заштитиме. Ви препорачуваме да го зајакнете имунитетот и да го подобрите вашето здравје.
Најважна е добрата хигиена
Редовно мијте ги рацете, така ќе се заштитите од внесот на штетни бацили во телото. Настинката најчесто се шири по пат на допир и затоа одржувањето на хигиената е најважно. По миењето, добро исушете ги рацете бидејќи бактериите побрзо се шират на влажните отколку на сувите раце.
Јадете овошје и зеленчук
Изберете го овошјето и зеленчукот кои содржат големи количини витамин А, Ц и Е, кои се наоѓаат во слаткиот компир и морковот и им помагаат на белите крвни зрнца да се борат против инфекциите. Лимонот, портокалите, грејпфрутот, како и пиперката, папајата и брокулата содржат витамин Ц и му помагаат на имунолошкиот систем да се заштити од болестите. Витаминот Е се наоѓа во оревите, семките, репката, а неговото дејство е посебно докажано во борбата против инфекциите на горните дишни органи.
Прошетката е лек за душата и телото
Прошетката и релаксирачката активност во природа ги поттикнуваат механизмите за одбрана на имунолошкиот систем. Стресот ја зголемува осетливоста на настинката. Сѐ што треба да направите е да се опуштите. Поминувањето време на свеж воздух барем привремено ќе ве тргне настрана од сите микроби кои кружат во затворените простории. Уживајте во природата и допуштете да ве опие чистиот воздух кој ќе проструи низ вашето тело и ќе ви го зајакне имунитетот.
Внесувајте протеини
Потрудете се да јадете здрава и немасна храна богата со протеини. Протеините во немасното говедско месо, како и оние во гравот, сојата и морските плодови содржат цинк кој помага во произведувањето бели крвни зрнца.
Редовен сон
Одржувајте го вашиот имунолошки систем, спијте редовно и доволно за да бидете одморени. Квалитетниот сон игра важна улога во одржувањето на имунолошкиот систем. Луѓето кои спијат помалку од седум часа се трипати посклони на настинка.