Дали летото е одмор и од респираторни инфекции?


Помина зимата и време е да здивнете. Нема повеќе бактерии, вируси, настинки, грипови... Но дали летото е одмор и од респираторни инфекции?

Во летниот период "демнат" бактерии кои предизвикуваат атипични воспаленија на белите дробови. Затоа ви нудиме неколку основни, но корисни информации за Легионела и Мукоплазма пнеумониа!

sistina

Помина зимата и време е да здивнете. Нема повеќе бактерии, вируси, настинки, грипови… Но дали летото е одмор и од респираторни инфекции?

Во летниот период “демнат” бактерии кои предизвикуваат атипични воспаленија на белите дробови. Затоа ви нудиме неколку основни, но корисни информации за Легионела и Мукоплазма пнеумониа!

 ЛЕГИОНЕЛА

Што ја предизвикува?

Предизвикувач е на легионелоза или легионерска болест. Се јавува во вид на помали или поголеми епидемии во лето и рана есен. Симптомите се: висока температура, треска, малаксаност, кашлање, болка во мускулите, главоболка, кои почнуваат 2 до 14 дена од контактот со бактеријата.

Како се добива болеста?

Бактеријата живее слободно во надворешна влажна средина, особено во места со топла вода како: бојлери, тушеви, грејачи на вода, стари водоводни системи, системи за разладување на воздух во домовите, хотелските соби, автомобилите, авионите и работните места. Со активирање на овие системи во воздухот се ослободуваат милиони честички на водени капки контаминирани со легионели. Кога ќе се вдишат овие аеросоли во белите дробови предизвикуваат воспаление на белите дробови, особено кај лица постари од 65 години, активни или пасивни пушачи, лица со хронични белодробни болести или со ослабнат имунитет. Болеста не се пренесува од еден на друг човек, значи не е потребна изолација на заболениот.

Како да се заштитиме од инфекцијата?

За да се спречи инфекцијата со легионела, филтрите и системите за загревање на вода или ладење на воздухот треба постојано да се чистат и дезинфицираат. Еден поблаг тип на легионелоза е понтијачната треска која се јавува 2 до 5 дена од контактот со бактеријата, има лесно присутни симптоми на покачена температура, главоболка, треска, но не и воспаление на белите дробови. Овој облик поминува спонтано без антибиотска терапија и без сериозни последици по општото здравје.

Како се поставува дијагноза?

Навремената дијагноза е од особено значење за правилно и успешно лекување на болеста. Може да се докаже специфичен антиген во урината или, пак, да се докажуваат специфични антитела во крвта на пациентот 10-тина дена од контактот со бактеријата.

МУКОПЛАЗМА ПНЕУМОНИА

Што предизвикува?

Предизвикува воспаление на белите дробови кое се јавува во доцниот летен и есенски период. Најчесто ги напаѓа луѓето под 40-годишна возраст. Таа е причинител на 15-50% од воспаленијата на белите дробови кај деца од претшколска и школска возраст и адолесценти. Симптомите се: болка во градите, треска, покачена температура, продуктива кашлица, обилно потење, главоболка, болки во грлото и мускулите, малаксаност и потешкотии во дишењето.

Како се добива болеста?

Болеста се развива по една до три недели по контактот со заболен од оваа болест.

Како да се заштитиме?

За да се спречи инфекцијата треба да се изолираат заболените лица до нивното излекување.

Која е дијагнозата?

Навремената дијагноза подразбира докажување на специфични антитела во крвта на пациентот. Ако не се лекува со соодветни антибиотици можат да настанат компликации како инфекција на увото, воспаление на синусите, сериозно и тешко воспаление на белите дробови или упорна кашлица која трае со месеци.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!