Остеоартритот (ОА) претставува дегенеративна состојба на зглобовите што води до појава на болка, оток, вкочанетост и ограничување на обемот на движење, притоа попречувајќи го секојдневното функционирање и предизвикувајќи потешки инвалидитети на лицата со оваа состојба. Покрај зглобовите, промени се јавуваат и на околузглобните мекоткивни структури, а најчесто влијае врз колената, колкот, ‘рбетот и дланките, објаснува проф. д-р Виктор Камнар, специјалист по ортопедија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
СО ИНДИВИДУАЛЕН ПЛАН ЗА ЛЕКУВАЊЕ, СЕ ЗАБАВУВА ПРОГРЕСИРАЊЕТО НА БОЛЕСТА
Постојат повеќе фактори што водат до појава на ОА: повреди (скршеници, повторувачки спортски повреди или повреди на работно место), претходни болести на зглобовите (ревматоиден артритис, гихт итн.), метаболички болести, дебелина (особено придонесува за развиток на ОА на колкот и колената), генетски фактори и социо-демографски фактори (60% од сите лица со ОА се жени). Справување и лекување на оваа состојба е предизвик. Пред и над сѐ, неопходно е подигната свест кај луѓето за себегрижа. Редовни физички активности и одржување нормална телесна тежина се еден од начините да се спротивставиме на оваа состојба. Кога дијагнозата ќе се постави рано, потребно е да се направи индвидуален план за лекување со кој најдобро ќе може да се забави прогресијата на оваа состојба и ќе се постигне оптимална функција на зафатените зглобови. „Кога болката станува манифестна – се препорачува соодветно земање на нестероидни против-воспалителни лекови во облик на таблети или локална апликација во облик на гел. Други палијативни методи вклучуваат: колагена терапија, внатрезглобна инјекција на кортикостероиди, вискосуплементација со хијалуронска киселина и плазма богата со тромбоцити. Доколку болката не може да се смири со физикална терапија и/или фармаколошка терапија – доаѓа предвид оперативно лекување. Оперативно лекување на остеоартритот претставува последен чекор при справување со ОА, откако сите други методи на лекување ќе се исцрпат, но истовремено претставува и дефинитивен третман на оваа состојба. Лицата со тешка форма на ОА, со помош на оперативно лекување, се ослободуваат од болката, го враќаат обемот на движење, имаат статички и динамички стабилитет и последователно имаат подобрување на квалитетот на живот“ – објаснува проф. Камнар.
КОГА СЕ ПРЕПОРАЧУВА ОПЕРАТИВЕН ТРЕТМАН?
Оперативно лекување на остеоартритот во крајната дегенеративна фаза е со замена на природниот со вештачки зглоб. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, благодарение на искуството на тимот од Одделот за ортопедија и трауматологија и примената на најнови хируршки пристапи, во комбинација со избор на импланти од најсовремен тип, се обезбедува загарантиран успех. ОА на колкот од тежок степен се лекува со негова целосна замена со протетски. За да се направи нов зглоб, неопходно е да се заменат оштетените компоненти со таканаречена тотална артропластика на колкот. „Колкот е синовијален зглоб во кој учествува главата на натколеничната коска и ацетабулумот. Кога нивната зглобна површина ќе се оштети, тогаш се пристапува кон нивно хируршко отстранување. Имплантите што се користат се од титаниумски компоненти во комбинација со артикулирачки површини направени од керамика и/или високософистицирана полиетиленска структура. Керамичките компоненти нудат екстремна цврстина и отпорност кон фрактури, соодветна сферична површина, оптимална острина и супериорна мазнина. Керамичката глава на имплантот е посебно дијазнирана да нуди стабилност во три рамнини и да трпи оптоварување. Керамичкиот лајнер овозможува исто така отпорна, супериорно мазна долготрајна отпорност на фактори на триење и притисок. Од друга страна, полиетиленскиот лајнер со попречни врски, исто така, во комбинација со керамичката глава овозможува долговечност на зглобот, за разлика од конвенционалните полиетиленски лајнери, кои побргу се оштетуваат и изнудуваат ревизиски операции“ – објаснува д-р Камнар. За разлика од колкот, за решавање на проблемите со коленото, потребен е сосема различен пристап. Коленото е комплексен зглоб составен од зглобните површини на натколеничната коска (фемур), големата писка (тибија) и пателата, односно тибио-феморален и патело-феморален зглоб. „Хируршкиот пристап кон лекување на ОА на колено се состои во отстранување на феморалната и тибијалната зглобна површина и нивна замена со протетски материјал, т.е. тотална артропластика на колениот зглоб. Исто така, кај посебни индикации се користи и таканаречена уникондиларна протеза каде што се прави замена само на едниот компартман на колениот зглоб. Успешноста на оваа операција, освен во квалитетот на материјалот, се состои и во умешноста на хирургот да обезбеди нормална анатомија на новоформираниот зглоб, соодветна имплантација и фиксација на имплантирачкиот материјал, соодветен баланс на меките ткива и стабилност. При назначена флексија во колениот злоб – екстензорниот механизам е под висок стрес зашто меките ткива бидуваат растегнати и цврсто затегнати кон предната површина на тибијата и долната површина на фемурот.
Специјално дизајнираните импланти, кои се користат за овој тип интервенции, се направени од најсофистицирани материјали и тие одговараат на анатомијата и геометријата на природниот зглоб“ – вели д-р Камнар. Исто така, кај сложени скршеници и состојби по траума, дегенеративни состојби или оштетување на зглобот на рамото од претходни болести, се прави замена на рамениот зглоб, парцијално или во целост. Материјалите што се користат кај овој тип интервенции се од најсовремен тип, оперативната техника е со висок степен на успешност поради атрауматскиот минимално инвазивен пристап.
ПО ОПЕРАТИВНИОТ ТРЕТМАН
По завршување на оперативните третмани во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, се спроведува рана постоперативна рехабилитација, која продолжува и по заминувањето на пациентот од болница во Одделот за физикална терапија и рехабилитација, кој е интегриран дел на болницата, сѐ со цел брзо, ефикасно и безбедно враќање во секојдневниот живот на пациентите.