Сезоната на зимските спортови веќе е започната, но никогаш не е предоцна да го подготвите своето тело. Кога зборуваме за зимски спортови мислиме најчесто на скијање и сноубординг, спортови кои побаруваат од телото екцесивна активација на одредени мускулни групи. Соодветната подготвеност на телото и почитувањето на основните правила за заштита при спортување се основна превенција од повреди.
Внимавајте на повредите
Снежните спортови (скијање, бордање) покрај добрата кондициска состојба на телото, дополнителен напор вршат и врз грбната мускулатура и долните екстремитети, што процентуално го зголемува нивниот ризик за повреди. Доколку посетувате фитнес центри во текот на целата година, во овој период особено внимание обрнете на грбната и абдоминалната мускулатура, како и соодветни стречинг вежби и вежби за подобрување на тонусот и трофиката на мускулите на долните екстремитети. Кај пасивните спортисти периодот за подготовка на телото за зимските спортови е околу 4 недели.
Кардио вежби за кондиција
Најнапред, секако, воведете се во тренинг процесот со кардио вежби со што ќе го намалите моментот на брзо појавување на замор. Вежбите за истегање или стречинг вежбите се неизбежен момент во тренинг процесот за одржување на обемот на движење на зглобовите и подобрување на нивната издржливост при совладување на притисокот и торзионите сили на кои ќе бидат изложени во текот на скијањето. Одржувањето на балансот и стабилноста се неопходни во превенцијата од повреди, особено при практикувањето сноубординг.
Вратете ја мускулната сила
Како последни во процесот на подготовка на вашето тело за скијање се вежбите за подобрување на тонусот и трофиката на мускулите, односно за подобрување на мускулната сила. При тоа се обрнува особено внимание на оние мускулни групи кои се најмногу оптоварени во текот на спортувањето, па така при скијање најмногу се оптоварува натколената мускулатура и се изведуваат вежби кои го имитираат моментот на оптоварување, како на пример чучење од 90 степени покрај ѕид. За посоодветно да утврдите дали сте подготвени за сезоната што следи, побарајте стручна помош. Се врши мерење на обемот на подвижност на колената, мускулната сила на долните екстремитети, како и споредба на овие резултати на обете нозе. Покрај мануелна техника, проценката се врши и на електронски динамометар (изокинетичка машина BIODEX) каде се прави прецизна евалуација која мускулна група и на која страна е послаба, за потоа со дозирано оптоварување да се изведуваат соодветни вежби. Правилна подготовка на вашето тело може да ви обезбеди пријатен и безбеден зимски одмор.