Брзо заздравување, скратено време на хоспитализација, помала болка и подобри резултати во споредба со класичните хируршки методи се клучните предности на лапароскопската абдоминална хирургија. Лапароскопската хирургија денес спаѓа во рутинска процедура во сите референтни хируршки центри во светот. Оваа хирургија е златен стандард во третманот на голем број абдоминални заболувања и состојби. За примената на лапароскопијата и нејзините предности разговаравме со проф. д-р Владимир Димов, кој важи за еден од пионерите на лапароскоспката абдоминална хирургија и еден од најпознатите експерти за лапароскопска хирургија во Европа.
Како се изведува?
Лапароскопската хирургија се изведува низ неколку минимални отвори на абдоменот (0,5-1цм) низ кои се внесуваат инструментите потребни за изведување на интервенцијата. За непречено изведување на интервенцијата и подобра прегледност, абдоменот се исполнува со гас (CO2 ). Интервенцијата е минимално инванзивна и се изведува во општа анестезија.
Кај кои состојби се применува лапароскопската хирургија
„Денес веќе нема поделба на тоа какви интервенции се прават лапароскопски или со класична хирургија. Буквално секоја интервенција во абдоминалната хирургија може да се работи и по лапароскопски пат“, вели проф. д-р Димов. Во денешно време лапароскопската хирургија е златен стандард за операција на жолчно ќесе, слепо црево, сите операции на дебело и тенко црево, слезина, панкреас, црн дроб, бубрези или надбубрежни жлезди, постоперативна кила, ингвиналната кила и др. Гастроезофагијалниот рефлукс, ахалазии, како и хијаталната хернија, кои се многу чести во денешно време, се решаваат единствено со лапароскопија бидејќи предностите кои ги има овој начин во споредба со класичниот се неспоредливи.
Лапароскопскиот пристап се користи и кај операциите кај пациенти со метаболни нарушувања, т.н. угоени пациенти. Единствено поле кое до скоро се изведуваше со класична хирургија е трансплантацијата на органи. Но, денес голем број експлантации, кои претходат на трансплантацијата, се работат лапароскопски.
На прво место во изведувањето на лапароскопската хирургија е безбедноста на пациентот. За таа да биде загарантирана и да имаме успешна операција, потребно е големо искуство на хирургот и целиот тим, како и беспрекорни технички услови за реализација на интервенцијата.
Дали постојат контраиндикации
Контраиндикации за изведување на интервенцијата се најчесто од кардиолошка проблематика и тоа кај оние состојби каде што е нарушена размената на кислород и каде што има хиперкапнија – тука може да биде проблем зголемувањето на CO2 во крвтa поради употреба на овој гас за време на операцијата со кој се постигнува пнеумопериотнеум. Со други зборови, не постојат никакви причини било која состојба во абдоменот да започне по лапароскопски пат, но дали така и ќе се изведе успешно до крај, од голема мера зависи од искуството на хирургот и опремата.
Проф. д-р Владимир Димов е еден од пионерите на лапароскопската абдоминална хирургија и еден од најпознатите експерти за лапароскопска хирургија во Европа. Тој е визитинг професор на Медицинскиот факултет во Истанбул ивизитинг соработник – истражувач на Универзитетот во Чикаго, САД. Член е на голем број светски и европски асоцијации и здруженија. Проф. д-р Димов е претседател на здружението „Mediteranian Task Forces for Cancer Control“, во кое членуваат сите земји на Медитеранот. Стручно усовршување од областа на лапароскопската абдоминална хирургија завршил во бројни светски центри во Германија, Австрија, САД, Италија. Од први септември 2018 г. проф. д-р Владимир Димов ќе биде дел од медицинскиот тим на „Аџибадем Систина“
Предности на лапароскопската хирургија
Бројните предности на лапароскопската абдоминална хирургија во споредба со класичната хирургија се и главната причина зошто оваа хирургија се развива толку брзо. Никогаш во историскиот пат на развојот на медицината не се случила толку брза промена кога за само 20 години филозофијата „голем хирург-голем рез“ се заменува со минимален пристап при изведување на која било состојба во абдоменот. Денеска сите референтни центри ја применуваат лапароскопската хирургија поради многу причини, меѓу кои најглавни се:
- Оперативниот пристап е преку многу мал рез од околу 0,5 до 1 цм за разлика од значително поголемиот рез кај класичната хирургија и со самото тоа неспоредливо е помала болката по операцијата.
- Можностите за компликации и инфекции по интервенцијата се значително минимални.
- Постоперативната мобилизација на пациентите трае само неколку часа, а целокупното постоперативно заздравување и враќање на нормалните активности е во рок од неколку дена. Кај класичната хирургија сето ова може да трае и со месеци.
- Давањето лекови од типот на аналгетици и антибиотици во постоперативниот период е значително кратко и трае најмногу еден ден.
- Губењето крв е во милилитри или минимален така што давањето крв е исклучително ретко, најчесто кај анемични пациенти.
- Контактот на хирургот со органите е минимален во смисла на манипулација со органите за време на операција и тоа е и главната причина поради која пациентите заздравуваат брзо. За неколку часа по операцијата се враќа нормалната перисталтика и работата на цревата. Бројните испитувања велат дека ова е главната причина поради која имунолошкиот систем на пациентот е многу малку оштетен и поефикасен во постоперативниот период кај овие пациенти за разлика кај оперираните со класична хирургија.
- Лапароскопската хирургија се користи и во третманот на малигните заболувања и недвосмислено е докажано дека резултатите се најмалку еднакви или подобри од класичната хирургија.