Алергија на домашни миленици

Честопати слушаме дека најдобар избор е домашните миленици да се чуваат надвор од домот бидејќи може да предизвикаат алергија. Алергиите на домашни миленици се особено честа појава кај луѓето кои имаат други алергии или астма. Алергиите на мачка се двојно почести од алергиите на куче.

Честопати слушаме дека најдобар избор е домашните миленици да се чуваат надвор од домот бидејќи може да предизвикаат алергија. Алергиите на домашни миленици се особено честа појава кај луѓето кои имаат други алергии или астма. Алергиите на мачка се двојно почести од алергиите на куче.

Што предизвикува алергија кај домашните миленици?

Функцијата на имунолошкиот систем е да препознае честички, како вируси, бактерии и да се ослободи од нив. Ваквиот одговор нè заштитува од заболувања. Луѓето кои имаат алергија на домашни миленици имаат чувствителен имунолошки систем. Ваквиот имунолошки систем реагира на протеините кои се наоѓаат во урината, плунката или првутот (мртвите клетки) од домашното милениче. Симптомите кои се јавуваат како резултат на ваквата реакција се всушност симптомите на алергија.

Алергените од вашата мачка или куче може да се најдат на мебелот и други површини во домот. Честопати ваквите алергени може да останат и до неколку месеци на мебелот, ѕидовите, облеката. Влакната на домашните миленици не претставуваат алергени сами по себе, но на нив може да се налепат првут, урина и плунка. Исто така, собираат и прав и полен па оттаму може да дојдете во контакт со состојка која може да предизвика алергија.

Кои се симптомите на ваквиот тип алергија?

Алергените од кучињата и мачките се населуваат на слузокожата на очите и носот па првите знаци се чешање и црвенило на очите и носот. Ако нивото на алергените е ниско, симптомите може да не се јават и по неколку денови од контактот со животното. Кај лицата кои имаат чувствителен имунолошки систем, покрај овие симптоми, може да се појави и кашлање, отежнато дишење или губење на здив 15-30 минути по вдишувањето на алергените. Поретко, кај лицата со пречувствителност се јавува интензивно црвенило и осип на лицето, вратот и горниот дел од градите. Кај 3 од 10 лица со астма, контактот со мачка може да предизвика и напад на астма.

Како да си помогнете?

За да ги намалите или спречите симптомите на алергија избегнувајте контакт со мачки и кучиња. Избегнувајте посета на домови во кои се чуваат домашни миленици. Избегнувањето контакт со нив ќе ви ги намали симптомите на алергија до тој степен што нема да имате потреба од дополнителни лекарства. Променете ја облеката по секој контакт со животно и темелно измијте ги рацете.

Најдобриот избор е да го оттргнете од вашиот дом, но запомнете дека чувањето на кучето/мачката во дворот нема да ги оттргне алергените во вашиот дом. Доколку, пак, одлучите и натаму да биде дел од вашиот дом, тогаш не внесувајте го во спалната соба. Исчистете ја темелно собата во која спиете и одржувајте го подот секогаш чист. Најдобро е да се ослободите од теписите и сите предмети на кои би можело да се налепат траги од вашиот миленик. Сепак, најдобар одговор за превенција и третман на алергијата ќе ви даде специјалист алерголог.   

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!