Анемија е состојба која се јавува кога крвта нема доволно црвени крвни клетки (еритроцити) или хемоглобин. Хемоглобинот претставува главен составен дел на црвената клетка чија улога е да го носи кислородот до клетките. Затоа, доколку имате намален број црвени крвни клетки или намалени вредности на хемоглобинот, клетките во вашето тело нема да бидат во можност да добиваат доволно кислород.
Факти за анемијата
– Луѓето со хронична болест имаат зголемена можност за појава на анемија
– Одредени типови анемија се наследни и може да се појават кај бебињата по раѓањето
– Бремените жени се категорија со најголем ризик за развој на анемија за време на бременоста. Овој тип е и еднa од најчестите анемии.
– Постојат голем број типови на анемија. Сите се разликуваат во однос на причините за појава и бараат различен третман.
– Најчест тип е анемија со недостиг на железо која се лекува со промена на исхраната и воведување додатоци/суплементи на железо.
Причини за анемија
Постојат повеќе од 400 типови анемија кои генерално се поделени во 3 групи:
– Анемија предизвикана поради загуба на крв
– Анемија предизвикана поради намалени или недоволно зрели крвни клетки
– Анемија предизвикана од уништување на крвните клетки
Анемија предизвикана од загуба на крв
Црвените крвни клетки може да се намалат при крвавење кое пак може да се јави поради повеќе причини. Честопати тоа е во вид на скриено хронично крвавење кое е резултат на гастроинтестинални состојби како чир, хемороиди, гастритис, канцер. Кај жените причина за губење на крв се јавува при обилен менструален циклус и за време на породувањето.
Анемија предизвикана заради намалени или недоволно зрели крвни клетки
Во овој случај телото или создава помалку крвни клетки или пак создава крвни клетки со неправилна функција. Крвните клетки може да функционираат неправилно поради недостаток на минерали или витамини, заради неправилна функција на коскената срцевина и др.
Анемија предизвикана од уништување на крвните клетки
Ваквиот тип анемија се јавува кога црвените крвни клетки не се доволно цврсти за да го издржат циркулаторниот систем и при тоа се разградуваат предвреме. При тоа доаѓа до хемолитична анемија. Хемолитична анемија може да се јави веднаш по раѓањето или да се развие подоцна. Кај одредени лица не постои јасна причина за појава на анемијата. Познати причини за анемија се:
– Наследни состојби како српеста анемија и таласемија
– Стрес, инфекции, дрога, изложување на хемикалии, каснување од змија или пајак.
– Токсини од бубрезите или црниот дроб
– Автоимуна состојба (хемолитична болест)
– Васкуларни графтови, вештачки срцеви залистоци, тумори, тешки изгореници, нарушувања на згрутчувањето на крвта.
– Во ретки случаи зголемената слезина може да ги уништи црвените крни клетки уште пред да влезат во циркулацијата.