Познат е фактот дека подготвените деца подобро го поднесуваат престојот во болница. Но пред да почне родителот да го подготвува детето, потребно е и самиот да разбере што е можно повеќе за анестезиолошките постапки. Најдобри информации ќе добие од самиот анестезиолог кој ќе ја дава анестезијата. Ставот на родителот е особено важен. Ништо не може да го смири детето како смирен и присебен родител. Иако родителот сосема нормално стравува за своето дете, најдобро е тоа да не го покажува. На сите деца, освен на оние кои се премногу мали за да разберат, треба родителите да им објаснат дека ќе одат во болница каде ќе бидат оперирани, односно одат на дијагностичко испитување. Објаснувањето мора да биде едноставно за да може детето да го разбере. На деца од 2 до 3-годишна возраст треба да им се каже два до три дена пред операцијата и на денот на заминување во болница. На постарите деца од 4 до 7-годишна возраст овој податок треба да им се каже една недела пред операцијата и на денот на заминување во болница. Постарите деца треба да бидат вклучени во донесување на одлуката за операција и разговорите треба да почнат неколку недели претходно. На тој начин, стравот од операција кај детето може да се сведе на минимум. Потребно е да му се објасни на детето дека операцијата е нешто со што тоа ќе оздрави и ќе се чувствува подобро. Детето треба да се охрабри да поставува што е можно повеќе прашања за операцијата и на нив стрпливо да се одговара на наједноставен можен начин.
Под детска анестезија се подразбираат сите анестезиолошки постапки што се спроведуваат кај децата од новороденче (од раѓање до првиот месец на живот) до 14. година. Карактеристиките на детската анестезија произлегуваат од физиолошките специфичности на децата.
Предоперативна проценка – преглед кај анестезиолог
Пред самата операција детето доаѓа на проценка во анестезиолошка амбуланта. Важно е да знаете дека доколку вашето дете има настинка и секреција од носот, истите претставуваат опасност за детето, па анестезиологот може да ја одложи операцијата. Анестезиологот поставува прашања за општата здравствена состојба на детето, вклучувајќи и постоење на некои заболувања кои немаат врска со претстојната операција, дали зема некои лекови и кои, присуство на алергија на лекови или храна, дали претходно било оперирано и ако било, како поминала анестезијата и дали имало какви било проблеми со анестезијата и дали има некој член во фамилијата кој имал проблеми со анестезија. Пред посетата на анестезиологот треба да се изведат испитувања кои вклучуваат испитување на крвта, преглед од педијатар и други испитувања кои зависат од типот на операцијата.
Подготовка за анестезија
Детето се прима во болница најчесто еден ден пред самата операција. На родителот, доколку останува со детето, му се даваат упатства на кои мора да се придржува. Едно од најважните правила е дека детето мора да биде гладно. Ставот е дека последниот оброк (лесна храна, чаша млеко) не смеат да бидат подоцна од 6 часа пред операцијата. Децата кои се дојат може да го имаат последниот оброк 4 часа пред операција, а 2 часа пред операција само голтка вода евентуално за некој лек. Наутро, обично половина час пред операцијата, детето добива премедикација (седатив) најчесто во вид на сируп.
Анестезија
Главно се применуваат ендотрахеална анестезија, интравенска или инхалациска анестезија. Регионални типови на анестезија ретко се применуваат кај деца. Најчесто детето се заспива веднаш по внесувањето во операциона сала со инхалациска анестезија (вдишување на анестетички гас преку маска), а потоа се поставува венска линија и се продолжува со интравенска анестезија. На тој начин детето не трпи болка поради пласирање на канила во вена, која е неопходна за секој тип на анестезија. Ослободувањето од болката која детето може да ја чувствува по операцијата почнува уште во текот на самиот оперативен зафат. По завршувањето на операцијата, детето се носи во соба за будење, каде останува уште некое време под контрола на доктор и сестра до целосно будење и стабилизација на виталните функции. Притоа родителот го придружува детето за да се намали неговата вознемиреност и страв по целосно будење.
Важно е да знаете дека анестезијата кај децата е целосно безбедна процедура и не предизвикува последици врз нивното здравје. Од голема важност за безбеден тек на болничката процедура е професионалноста и искуството на тимот анестезиолози. Доколку имате прашања, стравови и дилеми поврзани со предоперативната подготовка или кој било дел од процесот на лекување на вашето дете, можете да разговарате со анестезиологот кој ќе даде одговор на сите ваши прашања.
Анестезија за дијагностички испитувања
Честопати децата треба да се анестезираат за изведување одредени дијагностички процедури (магнетна резонанца, компјутеризирана томографија, ендоскопија). Подготовката на детето не се разликува од онаа за хируршка интервенција. По завршувањето на овие интервенции и стабилизација на состојбата на детето, тоа се пушта во домашни услови, при што родителите мораат да се придржуваат на упатствата од анестезиологот, особено околу времето на првиот оброк.