Во светот околу 5 проценти од возрасната популација и 12 проценти од децата имаат астма. Статистиките велат дека кај околу 95 проценти од лицата заболени од астма првите симптоми им се јавиле пред 45 – та година од животот.
Кои се симптомите на астмата?
Астмата е хронична болест на дишните патишта која се карактеризира со повторувачки епизоди на свирење и стегање во градите, отежнато дишење и кашлица. Симптомите се јавуваат веднаш или по неколку часа по изложување на алергени. Болните може да чувствуваат притисок во градите, болка во грбот и кашлица, а потоа се надоврзуваат свирење во градите и забрзано дишење. Симптомите се јавуваат поради стегање на мазните мускули на малите дишни патишта што е проследено и со зголемено создавање на слуз што дополнително го отежнува протокот на воздух. Крајот на нападите од астма често се пропратени со искашлување на густ и еластичен секрет. Астмата обично се влошува во текот на ноќта, а нападите се јавуваат помеѓу 2 и 4 часот наутро. Основна карактеристика на асмата е непостојаноста на симптомите, односно кај пациентите има периоди во кои немаат симптоми. Ова не значи дека пациентот треба да ја прекине терапијата препорачана од лекар пулмолог.
Што ја предизвикува астмата?
Постојат два типа на астма – алергиска ( атописка ) и неалергискa ( неатописка ). Алергиската астма се јавува вообичаено кај млади лица и кај нив се забележува постоење на алергија кон домашна прашина, крзна на домашни миленици (мачка, куче, хрчак) или тавтабити, мувли и други алергени кои се среќаваат во домовите. Нападите на астма може да бидат предизвикани и од неалергиски фактори како: физички напор, вдишување на ладен и сув воздух, вирусни инфекции, јаки емоции, загаден воздух, како и чад од цигари.
Како се дијагностицира астмата?
Спирометријата е основна метода во дијагностицирањето и следењето на астмата. Оваа метода се изведува доста едноставно и е релативно ефтина метода. Секој пациент со астма треба барем два пати годишно да прави спирометриски преглед за контрола на белодробната функција. Треба да споменеме дека астмата клинички се класифицира според честотата на јавувањето на симптомите (гушењето) и според форсираниот експираторен волумен во првата секунда (ФЕВ 1), параметар кој се одредува спирометриски.
Како се лекува астмата?
Лекувањето на астмата треба да се одвива според препораките на GINA (Global Initiative for Asthma). Основните цели се:
-одржување на соодветна контрола на симптомите на астмата,
-одржување на нормалното ниво на активност на пациентите,
-одржување на белодробната функција на нормално ниво,
-спречување на влошувањата на астмата, односно нападите на астма и
-спречување на смртноста од астма.
Основни лекови во терапијата на астмата се бронходилататорите, лекови кои ги шират дишните патишта и кои најчесто се земаат како инхалатори. Овие лекови се користат за брзо намалување на симптомите на астмата, пред сé гушењето. Втора многу важна група на лекови се инхалаторните кортикостероиди кои се користат како редовна терапија и го намалуваат воспалението на дишните патишта. Во последно време се користат комбинации од овие два лека и со тоа се постигнува подобра контрола на симптомите. Постојат и други лекови кои се користат во третманот на астмата како аминофилинот, антилеукотриените или кортикостероиди. Во секој случај неопходна е редовна контрола кај пулмолог кој ќе ја одреди соодветната терапија.