Атлетско стапало е името на инфекцијата која се јавува на кожата на стапалото помеѓу прстите, но може да се прошири и на другите делови на стапалото и ноктите. Оваа болест името го добила бидејќи многу често се јавува кај спортисти кои поголем дел од денот го поминуваат во спортски обувки и ногата им се поти, па настанува инфекција. Оваа состојба предизвикува и габични инфекции кои најдобро се развиваат во влажни услови. Кога ногата е отечена бактериите можат да се размножат и да ги влошат симптомите, а со тоа да го отежнат процесот на лечење. Третманот на габичните инфекции на стапалото знае да биде долг и тежок процес.
Често инфекцијата може да се пренесе од човек на човек, доколку одат боси по влажен под (околу базен или во просторот за туширање). Атлетското стапало најчесто се јавува кај луѓе кои многу се потат. Може да се шири доколку вашите обувки ги носи човек кој ја има инфекцијата или доколку употребувате инфицирани предмети за лична хигиена. Инфекцијата може да се прошири и на табаните и на ноктите на стапалото.
Најчести симптоми:
- црвена, испукана и воспалена кожа
- кожа која крвави
- чешање
- појава на мали меурчиња кои се појавуваат кога кожата пука. Кога меурот ќе пукне, кожата станува чувствителна и воспалена, а местото е болно. Чешањето и пецкањето се чести симптоми доколку се прошири инфекцијата.
- Се менува бојата на нокотот (жолт или сив)
- Задебелување на нокотот
- Непријатен мирис
Дијагноза
Дијагнозата се поставува при целосен преглед на стапалото и земање примероци од кожата или струготина од нокотот. Материјалите се испраќаат на лабораториски анализи и се гледаат под микроскоп.
Лечење
Процесот на лечење подразбира употреба на креми, а доколку лекувањето со нив не дава резултати тогаш се почнува со лекарства.
Совет
Водете добра хигиена на стапалата и еднаш во текот на денот мијте ги со топла вода и сапун. По миењето потребно е добро да ги исушите. Менувајте ги често чорапите и истите потребно е добро да ја впиваат влагата и потта. Доколку сте во можност неколку пати во текот на денот соблечете ги чевлите и чорапите и изложете ги стапалата на сончева светлина, но не одете боси. Секогаш кога сте во можност и кога дозволуваат временските услови носете отворени сандали. Така стапалото ќе може да дише, а со тоа ќе ја намалите можноста од габична инфекција. Доколку вашата нога често се поти, чевлите кои сте ги носеле во текот на денот, оставете ги да се проветрат и носете ги преку еден ден. Со тоа ќе ја намалите можноста од развој на инфекција.