Атописки дерматитис

Чешањето, црвенилото и сувата кожа се основните симптоми на хроничната воспалителна болест, која најчесто се јавува кај децата, но не ги избегнува и возрасните. Поради тоа и малите и големите пациенти се соочуваат со ненаспаност и замор, што дополнително ја влошуваат клиничката слика.

Чешањето, црвенилото и сувата кожа се основните симптоми на хроничната воспалителна болест, која најчесто се јавува кај децата, но не ги избегнува и возрасните. Поради тоа и малите и големите пациенти се соочуваат со ненаспаност и замор, што дополнително ја влошуваат клиничката слика.

Освен нарушениот естетски изглед на кожата, фактор што најмногу го нарушува квалитетот на живот на лицата што страдаат од атописки дерматитис е чешањето. Карактеристични се периодите на „напади“ на чешање, а типично е и ноќното влошување на состојбата на кожата. Атописки дерматитис е хронична воспалителна болест, која се карактеризира со црвенило, сува кожа и чешање.

Карактеристики

– Ксероза, односно сувост на горниот слој на кожата со појава на помалку или повеќе изразено првутење на кожата. Ова доведува до зголемено губење течности низ епидермот, како и зголемена чувствителност на кожата кон вообичаени агенси од околината (средства за хигиена, хлорирана вода…)

– Црвенило предизвикано од воспалителен процес

– Јадеж и чешање, што дополнително ја влошува воспалителната реакција и го нарушува квалитетот на живеење

– Честа поврзаност со алергиски болести, како што се алергискиот ринитис, астма и алергии на храна

– Намалена отпорност на бактериски, вирусни и габични колонизации на кожата, поради дисбаланс на имунолошкиот систем

– Болеста се јавува кај децата, а најчесто почнува многу рано, во првите неколку месеци од животот. Се појавува карактеристичната сувост на кожата и црвенило, кое најчесто се локализира на лицето, вратот, лактите, затколената, а може и на целото тело

– Состојбата се влошува како последица на претходен стрес, а исто така моментно запирање на чешањето настанува при ненадеен шок.

Лекување

Терапијата на атописки дерматитис има цел контрола на нападите и одржување на влажноста на кожата. Лекувањето зависи од тежината на болеста и од отпорноста на кожните промени. Цел на терапијата, освен подобрувањето на кожата, треба да биде и степенот на намалување на чешањето и подобрувањето на сонот. Терапијата на атописки дерматитис вклучува хидратација, соодветна нега на кожата, идентификување и одбегнување иританси и алергени, контрола на чешањето и употреба на локални системски антиинфламаторни агенси. Еден од советите е и да научите да го контролирате стресот.

Превенција

Во однос на примарната превенција постојат докази дека терапијата со пробиотици на мајката во текот на бременоста и во првите месеци по раѓањето одложува појава на атописки дерматитис. Секундарната превенција се состои во избегнување и редукција на идентификуваните тригер-фактори и добра нега на кожата. Превенцијата се спроведува индивидуално за секој пациент посебно. Треба да се биде внимателен при спроведувањето диети, особено во раната детска возраст. Ако постои сензибилизација на домашен прав се препорачуваат одредени мерки за намалување. Новите сознанија за важноста на интегритетот на кожната бариера и улогата на имуниот одговор го подобрија водењето на пациентите, како и текот и прогнозата на атопискиот дерматитис. Докторите имаат разни тераписки можности во терапијата на оваа состојба и контрола на егзецербациите, но комплетно излекување е индивидуално и не може да се предвиди.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!