Бубрежна колика – болка што не се заборава

Силна, остра болка во слабината што се јавува нагло и без предупредување е нешто на што долго ќе се сеќава секој кој поминал низ т. н. бубрежна колика, која по својот интензитет е една од најјаките болки во медицината. Најчест „виновник“ за оваа состојба е бубрежно каменче кое го започнало своето „патување“ од бубрегот кон мочниот меур и заглавило некаде по пат во мочниот канал. Застојот на урината над пречката доведува до прерастегнатост на мочниот канал и појава на болка. Д-р Љупчо Стојковски, нефролог, објаснува дека бубрежните болки настапуваат нагло, во вид на прободувања во слабината кои надоаѓаат во бранови, како резултат на периодични бранувања на мазната мускулатура на мочниот канал и обидот на организмот да го исфрли туѓото тело – каменчето. Бубрежната болка по правило е еднострана. Каменче во бубрегот не предизвикува болка, освен ако не е појдено да излегува од бубрегот и е заглавено во вратот на бубрежното легенче.

Како да препознаеме бубрежна болка?

Настапува нагло, без предупредување. Се јавува остра болка во вид на прободувања во слабината кои наидуваат во бранови. Кога каменчето е во бубрежното легенче болката останува ограничена во слабината, а кога каменчето ќе навлезе во мочниот канал болката се шири кон напред и надолу, во правец на мочниот меур. Кај мажите може да се јави болка и во тестисот. Кога камчето е заглавено пред мочниот меур се јавуваат чести нагони за мокрење, болка и печење во текот на мокрењето, што може да симулира и залаже дека се работи за воспаление на мочниот меур. Поради рефлексна поврзаност на нервните влакна, често при бубрежна колика се јавуваат и симптоми од дигестивниот тракт, како мачнина, повраќање, подуеност на стомакот и запек што може да ја насочи дијагнозата во погрешна насока, дека се работи за стомачни проблеми. Многу често бубрежната колика е следена со појава на крв во урината поради острите рабови на каменчето кои ја оштетуваат нежната слузница на мочните патишта. Во текот на бубрежната болка па- циентот е вознемирен, не може да се смири на едно место и се обидува со промена на положбата на телото и со притисок со рака на болното место да си ги олесни тегобите. Но оваа „терапија“ не дава резултат и тогаш болниот се упатува во најблиската здравствена установа.

 Како се поставува дијагноза?

Описот на болката и прецизно земените податоци од пациентот се од голема помош докторот да се посомнева дека се работи за бубрежна болка. Ако во минатото пациентот имал бубрежна болка предизвикана од каменче, веројатноста во текот на животот повторно да се јави истиот проблем е голема. Бубрежните каменчиња се повторуваат кај 50 % од пациентите кои некогаш во минатото имале вакво искуство и три пати почесто се јавуваат кај мажи. Со употребата на ултразвук (ехо), дијагностиката на бубрежната болка е многу едноставна и брза. Оваа дијагностичка метода може да се повторува повеќепати и во текот на следењето на каменчето во текот на неговото „патување“ по должина на мочните канали. Биохемиската анализата на урината со наод на траги од крв во неа ја потврдува дијагнозата на бубрежна болка предизвикана од каменче во мочните канали. Ако каменчето не може да се види со ехо, тогаш се прави рендгенска снимка или КТ на мочните патишта.

Терапија

Најважно е пациентот да се обезболи. Ако повраќа, терапијата се дава по интравенозен пат, што воедно овозможува да се надоместат и загубените течности и минерали. Кога ќе се смират јаките болки многу е важно да се продолжи со зголемен внес на течности, најмалку три литри на ден. Ако се јават појаки болки во домашни услови препорачливо е да се загрее болното место или да се направи топла купка. Најефикасни во смирувањето на болката се дифлофенакот и слични лекови од групата на нестероидни аналгетици. Откога болките ќе се потсмират, се препорачува физичка активност која придонесува за побрзо исфрлање на каменчето. Во најголем број случаи, ако каменчето е помало од 5 мм доаѓа до спонтано исфрлањево првите 72 часа од почетокот на болката. За поголеми каменчиња (до 10 мм) потребна е поголема упорност и подолго време, но овој тип пациенти мора да бидат следени од „близу“ поради ризикот од оштетување на бубрежната функција ако каменот остане заглавен предолго. Модерната урологија денес применува најсовремени технолошки достигнувања (уретерореноскопија) за брзо и бескрвно отстранување на заглавени каменчиња по должина на мочните патишта.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овозможува мултидисциплинарен третман на бубрежната болка 24/7 со вклучување на повеќе медицински специјалности (доктор во ургентен центар, нефролог, анестезиолог и уролог), како и со примена на најсовремени дијагностички и терапевтски постапки. Брзо и лесно справете се со бубрежната болка!

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!