Чести модринки и хематом – први знаци за тромбоцитопенија

Тромбоцитите се создаваат во коскената срцевина и преживуваат околу десетина дена во циркулацијата каде учествуваат во одржување на васкуларниот интегритет. Д-р Лилјана Хаџи Пецова, хематолог, објаснува дека нормално бројот на тромбоцити изнесува од 150.000-450.000 на микролитар крв, а тромбоцитопенија се дефинира како број на тромбоцити под 150.000. Како резултат на зголемена деструкција на тромбоцитите, коскената срцевина ја зголемува нивната продукција. При намалување на бројот на тромбоцитите или нарушување на нивната функција, потребни се дијагностички тестови и процедури за откривање на причинителите на хеморагичните компликации. Дали честите модринки и хематом се првите знаци за тромбоцитопенија?

Склоност кон крвавење – најчест симптом на намалени тромбоцити

Најважна клиничка манифестација на тромбоцитопенијата е склоноста кон крвавење што најчесто се јавува на кожата и мукозните мембрани. Се манифестира како точкести крвавења или петехии или поголеми површински хеморагии, крвни подливи или хематоми. Пурпура е појава на поголем број петехии и претставува поголема по површина хеморагија. Кај полесни форми на тромбоцитопенија се јавуваат петехии, најчесто околу скочните зглобови и стапалата, како и тенденција на крвавење од носот. Кај потешките случаи пурпурата ги опфаќа сите делови на кожата, коњуктивите и мукозните мембрани на устата и ретината. Кај тешки тромбоцитопении може да се јават сериозни дури фатални крвавења. Се јавуваат без траума во повеќе васкуларизирани органи пројавувајќи епистакса, гингиворагија, менометрорагија, хематурија, гастроинтестинални и церебрални крвавења. Интракранијалната хеморагија е најтешка компликација која често завршува фатално.

Третман

Кај пациенти со умерена тромбоцитопенија не е потребна терапија кога се зема предвид високиот процент на спонтано заздравување. Кај потешки случаи се препорачува терапија со кортикостероиди, преднизолон 2мг./кг. телесна тежина во првите неколку недели од почетокот на симптомите. Доколку нема подобрување во период од 6-12 месеци, се препорачува поинтензивна имуносупресија. Кај помлади пациенти, доколку претходните тераписки опции не помогнат, се препорачува спленектомија. Тромбоцитните трансфузии имаат ограничена клиничка примена поради брзата деструкција на трансфундираните тромбоцити. Сепак, тие се неопходни за контрола на тешки хеморагии, особено кај церебралните крвавења, каде се препорачува и интравенска апликација на високи дози имуноглобулини. Плазма exchange е неопходна и итна интервенција кај пациенти со тромботична тромбоцитопенична пурпура. Од неодамна, добри резултати дава примена на хормонот Thrombopoetin.

Типови тромоцитопении

Зависно од причината поради која настанале, се делат на неколку типови:

  • Тромбоцитопении поради намалена продукција на коскената срцевина. Можат да бидат: селективни (изолирани) тромбоцитопении, предизвикани од вирусни инфекции или токсични материи (алкохол, преосетливост на лекови)
  • Тромбоцитопении здружени со заболувања на коскената срцевина (мегалобластна хематопоеза, малигни заболувања, системски инфекции, апластична анемија)
  • Тромбоцитопении поради зголемена периферна дес т ру к ција на тромбоцитите. Можат да бидат: селективни тромбоцитопении (автоимуни тромбоцитопении, алоимуни тромбоцитопении и имуна тромбоцитопенија индуцирана од лекови)
  • Тромбоцитопении здружени со други хематолошки абнормалности (Тромботична тромбоцитопенична пурпура (ТТП), Хемолотичко-уремичен синдром (ХУС); Дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК))
  • Тромбоцитопении кои се должат на спленомегалија и зголемена секвестрација

Транфузионо лекување со тромбоцитен концентрат

Трансфузија со поединечен крвен продукт се применува кога болеста или клиничката состојба на болниот не може да се спречи или лекува со примената на некои алтернативни постапки или лекови. Д-р. Нинослав Велјановски, специјалист по трансфузиологија, вели дека трансфузијата со тромбоцитен концентрат е темел на лекување болни со постоечка тромбоцитопенија. Се применува за спречување и лекување кај болни со низок број на тромбоцити. Хемостазата и одржување на интегритетот на крвните садови зависи од бројот и функционалноста на тромбоцитите. Целта на лекувањето на болните со постоечка тромбоцитопенија е да се постигне задоволувачки број на тромбоцити, односно број што ги задоволува физиолошките потреби на болниот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!