Чир на желудник и дванаесетпалечното црево

Најчест симптом е печење или болка во пределот помеѓу градите и стомакот. Типично болката е поинтензивна кога желудникот е празен, а може да трае од неколку минути до неколку часа.

Чирот на желудникот и дванаесетпалечното црево (дуоденум) претставува ограничено оштетување на слузницата која е во постојан контакт со желудочната киселина и ензимите. Самото оштетување може да биде со различна длабочина, почнувајќи од поплитки оштетувања наречени ерозии па се до подлабоки оштетувања кои одат до мускулните слоеви и се нарекуваат улцерации. Д-р Фросина Адамовска, дигестивен хирург, објаснува дека овие промени може да бидат поединечни или мултипни. Овие заболувања може лесно да се излекуваат, но можат да бидат и многу тешки доколку не се примени соодветен и навремен третман.

Што го предизвикува?

Не постојат јасни докази дали стресот, неправилната и масна исхрана се директна причина за појава на чирот. До средината на 1980-тата година главното верување за појавата на чир биле ризик-факторите – стрес, генетската предиспозиција за прекумерно лачење желудочна киселина и нездрав стил на живот (зачинета, лута и брза храна, цигарите, алкохолот, кофеинот). Во поново време, истражувањата сè повеќе чирот го поврзуваат со присуството на бактеријата Хеликобактер пилори, присутна кај 50% од луѓето. 80% од луѓето немаат никакви симптоми, а кај 20% од случаите може да се јави улкусна болест. На второ место како причинители за улкусна болест е прекумерната употреба на лекови за намалување на болка (аспирин, диклофенак, ибупрофен и напроксен). Овие лекови мора да се применуваат под контрола и со извесна заштита. Претходно оштетената слузница (гастрит) исто така може да доведе до појава на чир.

Симптоми

Најчест симптом е печење или болка во пределот помеѓу градите и стомакот. Типично болката е поинтензивна кога желудникот е празен, а може да трае од неколку минути до неколку часа. Најчесто се јавува наутро на празен стомак, и не се смирува ниту по земање на храна, но се смирува со земање лекови. Болката се зголемува веднаш или по 1 час по земањето на храна кај чир на желудникот. Болката што ја предизвикува чирот на дуоденумот е иста и се јавува наутро на празен желудник, но се смирува или се намалува интензитетот по земање на храна. Други карактеристични симптоми се:

  • надуеност во горниот дел на стомакот
  • подригнување
  • мачнина
  • киселини
  • повраќање
  • анемија
  • губење на апетит и телесна тежина

Доколку забележите црна столица, тогаш можно е да се работи за уште еден симптом на чир кој крвави.

Ризик фактори

Најчести ризик фактори се возраста (кај пациенти над 40 години), претходно оштетување на слузницата, стресни ситуации, генетски предиспозиции, инфекција со Хеликобактер пилори.

Поставување дијагноза

Со помош на ендоскопија или гастроскопија се прави испитување на хранопроводот, желудникот и дванаесетпалечното црево. Доколку се забележат одредени промени на кој било дел од дигестивниот тракт може и да се земе дел од ткивото за микробиолошкото и патохистолошко испитување. Присуството на Хеликобактер пилори може да се открие со брз уреаза тест. Испитувањата траат многу кратко, се изведуваат со анестезија и се од голема дијагностичка и терапевстка важност.

Компликации и третман

Третманот на чирот подразбира примена на советите на вашиот лекар, редовно земање на препишаната терапија и редовни прегледи. Третманот зависи од состојбата на чирот, дали се развива акутно со појава на остри, силни болки и појава на компликации, или, пак, е хроничен процес што го контролирате. Во најголем дел од случаите, чирот се лекува со антибиотици и лекови кои го намалуваат лачењето на желудочна киселина. Хирургијата е резервирана за компликациите од улкусната болест. Компликации кои може да се појават се крвавење, кое може да предизвика анемија, потоа пенетрација (преминување на чирот во друго ткиво) или перфорација (кога чирот ќе го пробие ѕидот на органот и настанува излевање на желудочна содржина во слободната перитонеална празнина) при што пациентите честопати се во животозагрозувачка состојба. Тогаш се применува хируршка интервенција со што се врши закрпување на перфорираниот дел, а понекогаш се прави ресекција (кратење) на дел од желудникот. Кај крвавењето се прави локална хемостаза. Чирот на желудник може да премине во карцином на желудник.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!