Прв знак за меланом е промена во големината, бојата или обликот на постоечка бенка. Меланомот може да се јави и како нова „дамка“, која обично изгледа невообичаено, црна е и со грд изглед. Запомнете: вообичаените бенки обично ги имаме од раѓање или се јавуваат до 40-тата година, а потоа бледнеат.
За да запомните на што треба да внимавате потсетете се на првите 4 букви од абецедата “ABCD“ :
* Asymmetry (асиметрија) – едната половина на бенката е различна од другата.
* Border (раб) – рабовите на бенката се разјадени, назабени, заматени или неправилни, а пигментот се шири и кон околната кожа.
* Colour (боја) – Бојата е нееднаква. Може да се видат нијанси на црна, кафена и розова боја.
* Diameter (дијаметар) – промена во големината на постоечката бенка. Меланомите се обично поголеми од гумичката на моливот (>5 мм).
Еве неколку препораки како да се заштитиме од оваа подмолна болест:
– Запомнете го златното правило: Секогаш кога вашата сенка е покуса од вас, заштитете се од сонцето.
– Избегнувајте изложување на сонце меѓу 10-16 часот доколку обврските ви го дозволуваат тоа.
– Доколку мора да сте надвор, носете долги ракави и долги панталони, како и шапка со широк обод.
– Посебно внимавајте кога сте покрај вода или на планина. Заштитете се од ултравиолетовите (УВ) зраци кои се рефлекираат од песокот, водата и снегот.
– Заштитете ја кожата со нанесување лосиони, креми или гелови кои содржат УВ филтри. Најдобри за превенција на меланом се оние УВ филтри кои ги одбиваат и ги апсорбираат двата типа ултравиолетови зраци (А и Б). Средствата за заштита од сонце се рангираат според т.н. фактор за заштита од сонце. Средствата со заштитен фактор со вредност 2 – 11 пружаат минимална заштита, оние со фактор 12 – 29 овозможуваат средна заштита, а оние со фактор 30 или повеќе пружаат најдобра заштита од изгореници од сонце.