Имунитетот кај децата се гради од самото раѓање. Првите илјада дена од животот се клуч за добро здравје и правилен раст на детето, нагласува д-р Александар Сајковски, неонатолог-педијатар од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Актуелната педијатриска наука сосема јасно дефинира дека новороденото дете се раѓа како имунокомпететно, но имунодефицитно битие. Д-р Сајковски вели дека како и поголем број на други биолошки системски процеси така и на имунолошкиот систем кај новороденото дете му е потребен постепен развој и зреење. „Имено во првите години ова особено се однесува на т.н. Th1 дел од имунолошкиот систем. Затоа, клуч за здрав живот и правилен развој на детето се фундаменталните први 1000 дена од животот од кои 280 дена отпаѓаат на периодот од концепцијата и формирањето на зигот до раѓање и наредни 720 дена по раѓањето“, појаснува д-р Сајковски. Стартот за правилен развој започнува со природна исхрана на бебето, односно со доењето. Меѓутоа, подоцна како што расте детето, потребни му се и дополнителни витамини, минерали, белковини. „Исхраната со мајчиното млеко е најприроден начин на исхрана на бебето, со млеко кое содржи идеална рамнотежа на прехранбените елементи како единствена комбинација на масти, шеќери, минерали, белковини, витамини и ензими кои обезбедуваат оптимален развој на мозокот и воопшто на бебето. Тоа секогаш е свежо, чисто, незагадено со бактерии, на иделана температура, лесно сварливо, веднаш достапно за бебето и најевтино. Една од круцијалните предности на мајчиното млеко во однос на вештачките формули е фактот што тоа содржи антитела и други имунолошки молекули кои го штитат бебето од инфекции. Притоа огромен број на клинички студии покажаа дека доени бебиња поретко се разболуват, а и самите болести најчесто во форма на инфекции поминуваат полесно“, вели д-р Сајковски.
МАЈЧИНОТО МЛЕКО ШТИТИ ОД ИНФЕКЦИИ И АЛЕРГИСКИ ЗАБОЛУВАЊА
Кај доените деца, потенцира тој, поретки се инфекциите на респираторниот систем, дијабетот и малигните болести , за седум пати се помалку присутни алергиските заболувања, а дури 10 пати е помала можноста за прием во болница во текот на првата година од животот. „Втората алинеа е одржување на екосистемот кој е наречен микробиом. Имено, телото има околу 100 трилиони микроорганизми кои живеат во и на нас. Тоа се нашите 100 трилиони непознати за нас пријатели. Овој микробиом во гастроинтестиналниот систем на детето помага во метаболирањето на храната, елиминација на токсините, продуцирање на активни молекули и едуцирање и стимулирање на нашиот имунолошки систем, за да нè одбрани од штетни микроорганизми. Познато е дека нарушувањето на оваа физиолошката хомеостаза на интестиналниот микробиом (позната како дисбиоза) корелира со некои болести како што се алергиски болести, чести повторувачки инфекции, честа појава на антибиотик асоцираната дијареа, со дијабетес мелитус тип 2 но и други состојби“, нагласува д-р Сајковски.
ДЕЦАТА РОДЕНИ СО ЦАРСКИ РЕЗ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА ПРИМААТ ПРОБИОТИЦИ
Позитивните пробиотски бактерии, пак, од друга страна, како што појаснува д-р Сајковски, прават интеракција со нашиот гастроинтестинален микробиом, го засилуваат и зголемуваат имунолошкиот систем и одговор и промовираат специфични имунолошки сигнали со физиолошка релевантност. Последниве години е докажан ефектот на некои пробиотици во превенција и намалување на бактериските или вирусните инфекции, дури е докажан протективен ефект и против одредени смртоносни вирусни пневмонии. Целиот овој екосистем, за жал, е нарушен кај дури 38% од сите новородени деца во новиов милениум, затоа што во тој процент е застапен царскиот рез како систем на раѓање. „Имено, децата кои се родени природно со актот на породување поминувајќи низ родилните канали кај мајката ја добиваат својата потребна доза на пробиотски бактерии кои мајката ги има спремено за нив во тек на бременоста и понатаму се развиваат и го даваат својот ефект во натамошниот развој на детето. Децата кои се родени со царски рез се колонизираат со микроорганизмите од својата околина, односно од болничката средина, лекарите, сестрите, родителите и воопшто фамилијата во која доминираат главно стафилококите како бактерии. Затоа една од најзначајните педијатриски интервенции во новиот милениум е пробиотска суплементација кај децата родени со царски рез. Но, она што е круцијално да се нагласи е фактот дека не сите пробитици имаат имуномодулаторен ефект, и дека различни пробиотици имаат различна намена во медицината, а диференцирањето на специфичноста на пробиотскиот геном и сој значи и дефинирање на вистинскиот пробиотик за вистинска индикација“, вели д-р Сајковски.
ОМЕГА–3 МАСНИТЕ КИСЕЛИНИ СЕ ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ МЕДИЦИНСКИ ИНОВАЦИИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 20 ГОДИНИ
Освен пробиотиците кои се задолжителни за децата родени со царски рез, задолжителен е и витаминот Д во првата година од животот, како и Омега-3 масни киселини во првите три години. Овие суплементи е потребно да се внесуваат и во текот на летото, а не само во зимскиот период. Затоа според препораките на Европската агенција за безбедност при исхрана (ЕФСА) потребно е секој дневно во првите три години да внесе 100 мг ДХА. Наша задача е сериозно да се модифицира количината на консумирање на овие важни масни киселини по пат на зголемен внес со храна или нивна суплементација. Денеска во модерната педијатрија се вели дека суплементацијата на Омега–3 масните киселини е една од најголемите медицински иновации во последните 20 години“, вели д-р Сајковски. ДХА е главна структурна маст во мозокот, нервните клетки и ретината на окото. Притоа, 60% од структурата на мозокот го чинат масти, а 25% од нив е ДХА. ДХА чини 30% од структурните масти во сивата маса на мозокот. Во комплетната структура конечно оваа масна киселина достига до 97% од Омега-3 мастите во мозокот и до 93% од Омега-3 мастите во ретината. „На раѓање новородено дете има 200 милијарди нервни клетки наречени неврони. Мозокот расте 1.7 грама на ден во тек на првата година од животот, а 60% од енергетскиот внес од храната бебињата го трошат за раст на мозокот. Бебето се раѓа со средна тежина на мозокот од 400 грама, а продолжува да расте дополнителни 175% за време на првата година од животот, и нови 18% за време на втората година. Овој раст е фасцинантен и феноменален, за што се потребни масти односно ДХА“, вели д-р Сајковски. Во тој контекст, како што додава тој, во една студија од Харвард е покажано дека во првите години од животот формирањето на синапсите зависи од рана експресија и внесување на омега-масни киселини и дека секоја секунда во овој дел од животот се формираат по 700 нови синаптички врски. Д-р Сајковски потенцира дека објавените над 24.000 релевантни клинички студии, покажуваат дека не само што нивната суплементација обезбедува квалитетен раст на мозокот на бебето, туку и се неопходни за превенција на ретинопатијата кај прематурни новородени деца, како и намалување на макуларната дегенерација кај возрасните луѓе која е инаку водечка причина за трајно оштетување на окото и појава на слепило.
КВАЛИТЕТНАТА ИСХРАНА ВО КОМБИНАЦИЈА СО ДХА ЈА ПОДОБРУВА МЕМОРИЈАТА КАЈ ДЕЦАТА
Постојат докази дека Омега-3 суплементите може да ги намалат симптомите на АДХД. „Кај деца со развојни растројства на координацијата – диспраксија, дефицит во моторни функции, проблеми со учење и однесување, спелување, и заостанување во когнитивните функции, со суплементацијата со ДХА се постига 6 месечен catch up во когнитивните функции и бихевиоралните карактеристики. Дури и адекватното внесување на ДХА ги подобрува когнитивните функции и академските достигнувања кај адолесценти“, појаснува д-р Сајковски. Ако кој било родител има дилема за тоа што му е потребно на неговото дете во тек на првите три години за нормален развој, д-р Сајковски ја нагласува потребата од квалитетна исхрана, емотивната комуникација со родителите, суплементација со ДХА и витамин Д во текот на целата година, вклучително и во текот на летото, а кај деца родени со царски рез и суплементација со имиуногени пробиотици за нормален развој на децата. Квалитетната, здрава исхрана и суплементацијата со ДХА, како што посочува д-р Сајковски, води до добро расположение, ја зголемува способноста за развој на подобро внимание и ја подобрува меморијата.