Доброто орално здравје во текот на бременоста е од витално значење за вас и вашето бебе. Бременоста го зголемува ризикот од развивање на разни болести на непцата, а оралното здравје може да влијае врз развојот на вашето бебе, додека инфекциите на забите се поврзуваат со предвремено породување.
Додека сте бремени
– Задолжително информирајте го вашиот стоматолог во врска со бременоста. Така тој подобро ќе го испланира вашиот третман или процедура. Во секој случај, најдобро би било посериозните стоматолошки третмани да ги завршувате пред да забремените. Најдобро е рутинските стоматолошки прегледи да ги правите во вториот триместар од бременоста. Избегнувајте ги стоматолошките третмани во првиот триместар и во втората половина од последниот триместар бидејќи се најкритичните периоди во бременоста и можат да влијаат врз развојот на бебето.
– Разговарајте со вашиот стоматолог во врска со сите лекови и дози кои ги земате, вклучувајќи ги лековите и пренаталните витамини препишани од вашиот доктор, како и советите кои треба да ги следите. Вашиот стоматолог мора да ги има овие информации со цел да знае како да го испланира вашиот третман. Од друга страна, некои лекови можат да им наштетат на забите на вашето дете и треба да се избегнува во текот на бременоста.
– Важно е да не се изложувате на зрачење додека сте бремени. Доколку зрачењето е неопходно, стоматологот ќе употреби штит при зрачењето со што ќе ве заштити вас и вашето бебе. Денеска стоматолошката опрема за зрачење е далеку побезбедна отколку во минатите декади.
– Не помислувајте да го прескокнете вашиот стоматолошки преглед бидејќи сте бремени.
– Најважно од сѐ е да ја одржувате хигиената на вашите заби и уста со цел да немате гингивални проблеми. Четкајте ги забите двапати дневно, најмалку по 2 минути и отстранете ги наслагите од вашите заби и употребувајте конец најмалку еднаш во денот. Користете квалитетна четка и паста за заби која содржи флуорид.
– Доколку страдате од утринска мачнина и имате чести нагони на повраќање, наутро плакнете ја устата со вода или плакнач за уста.
– Избегнувајте слатки оброци. Нагоните за благо се чести во текот на бременоста. Затоа, имајте на ум дека што почесто јадете слатки толку се поголеми шансите да ви се расипат забите. Од друга страна, некои бактерии кои предизвикуваат расипување на забите кај мајката можат да се префрлат на бебето. Затоа внимавајте што јадете и во колкави количини.
– Јадете здрава и разновидна храна. Првите заби на вашето бебе почнуваат да се развиваат во третиот месец од вашата бременост. Храна која содржи млечни производи од типот на сирење и јогурт е добар извор на основни минерали и е добра за забите, непцата и коските на вашето бебе.
– Доколку имате потреба од итен стоматолошки третман, задолжително консултирајте се со вашиот стоматолог дали воопшто смеете да примите анестезија или други лекови кои би можеле да ја искомплицираат вашата бременост. За таа цел, кажете му ги сите потребни информации за вашата бременост, така стоматологот правилно ќе го испланира третманот.
– Доколку имате проблем со непцата, од типот на гингивитис или тумор за време на бременоста, веднаш обратете се кај вашиот стоматолог. Тој ќе направи целосно испитување на вашата уста и проценка на пародонтот.