ДИЈАГНОСТИЦИРАЈТЕ ГО НАВРЕМЕ – КАРЦИНОМОТ НА ДОЈКА МОЖЕ ДА СЕ ИЗЛЕКУВА

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ дијагнозата ја добивате за најмногу 4 дена. За пациентите се грижи врвен експертски тим, а прегледите се извршуваат со најсовремени апарати.

Малиот карцином на дојка може да се излечи, додека големите карциноми, за жал, само се лекуваат.  Две букви, а голема разлика, вели д-р Маја Стојчевска-Чапова, радилог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, објаснувајќи ја болеста, појавата,  можноста за превенција и опцијата за лекување. Денешницата донесе и нови предизвици, зголемен број на заболени. Карциномот на дојка е тип на карцином што може рано да се дијагностицира, со тоа и рано да почне лекувањето. А кога ќе се докаже малигната болест, лекувањето најчесто почнува хируршки. Д-р Стојчевска-Чапова вели дека што помалку е проширена болеста толку и решението е поедноставно. Малите рано дијагностицирани карциноми се лекуваат со мали хируршки интервенции кои значајно не ги изменуваат формата и волуменот на дојката, честопати не бараат дополнителен онколошки третман (хемотерапија), што  овозможува полесно прифаќање на состојбата без значајни емоционални страдања.

Канцерот на дојка се дијагностицира преку мамографија и ултразвук. Прегледот, како што појаснува д-р Стојчевска-Чапова е безболен, трае кратко (не повеќе од 20 минути), а резултатите се добиваат веднаш. Доколку се укаже сомнение за постоење на некоја болест на дојката, тогаш се потребни и дополнителни дијагностички процедури биопсија или магнетна резонанца, кои исто така се изведуваат во најкраток  можен рок. Доколку пациентката има потреба од биопсија, со нејзина согласност може да се изведе истиот ден, што значи од моментот на поставување на сомнение до моментот на  конечната дијагноза со патохистолошка потврда, не поминуваат повеќе од 4 дена и веднаш се преминува на понатамошно лекување.  Пациентите со веќе дијагностициран карцином на дојка не заглавуваат во системот на организирање на интервенција, основното начело на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е тимската работа, па во третманот на пациентот е вклучен целокупниот стручен тим и во рок од една недела од моментот на поставеното сомнение, пациентот со дијагностицирана малигна болест може да помине и низ конечниот хируршки третман соодветен за него.

Редовните самопрегледи клучни за рано дијагностицирање

Жената што обавува редовно самопреглед ќе биде мотивирана и за редовен лекарски преглед на дојките. Ова е основен услов за рано дијагностицирање на малигната болест на дојките. Се советува самопрегледот да почне во периодот кога градите ќе се формираат, израснат, истиот продолжува редовно месечно во текот на целиот живот. Додека жената редовно менструира, самопрегледот го изведува 2 дена по завршување на циклусот, жените во менопауза го извршуваат секој месец на ист датум, а оние кои користат хормонска терапија самопрегледот го извршуваат на денот на започнување на новата кутија. Самопрегледот одзема 1-2 минути. Еден од симптомите кои може да се утврдат при самопрегледот е ако жената забележи тврда грутка во градата која претходно ја немало. Може да забележи и некаква промена во формата на градата, текстурата на кожата ( посува или поцрвенета кожа на градата). Во некои случаи се јавува и исцедок од брадавката кој може да биде или крвав или безбоен.

Фактот што сте жена е доволна причина за ризик од карцином на дојка

Дури 80% од пациентите дијагностицирани со карцином на дојка немаат семејна историја , ниту имаат докажани генетски мутации. Сепак  постоењето на два или повеќе членови од истото семејсво со дијагностициран карцином на дојка го зголемува ризикот кај другите. Хормоните (естроген и прогестерон) го зголемуваат ризикот од појава на оваа болест. Тука не се мисли само на ендогените хормони (оние кои организмот сам ги создава) туку и на внесените однадвор во вид на хормонски лекарства, контрацептивни лекови, лекови за стимулација и др. Иако карциномот на дојка се среќава и кај машкиот пол, фактот што сте жена е основна причина за ризик. Како значајни ризик-фактори секогаш се споменуваат и исхраната,  прекумерната употреба на алкохол, стресот, недоволна физичка активност, зголемената телесна тежина и секако денес актуелното загадување на животната околина. Поради сè поприсутните ризик-фактори,  постојаното зголемување на стапката на карциномот  на дојка, како и поради намалување на возрасната граница за појава на оваа болест  денес препораките за започнување на редовни прегледи се построги. Пациентите со низок пресметан ризик за развој на карцином на дојка  се препорачува да почнат со редовно мамографирање на возраст меѓу 36-40 години во интеравали од 1-2 год. Тоа се најдолгите интервали кои се сметаат за безбедни.  Карциномот во овој период може да се појави, но ќе биде мал и без симптоми. Многу мал процент ( 0,5 отсто) од сите карциноми се брзорастечки карциономи. Затоа и самопрегледот се смета за доста важен. Д-р Стојчевска-Чапова потенцира дека ако пациентот има зголемен ризик  за развој на малигна болест на дојката, треба да прави почести прегледи. Пациентите со зголемен ризик потребно е да почнат со мамографирање на возраст најмалку 10-15 год пред возраста на блискиот сродник кога бил дијагностициран. Најчесто кај овие групи постојат изменети протоколи за скрининг кои вклучуваат мамографија и ултразвук во пократки интервали, како и  редовни прегледи со магнетна резонанца.

Со мултидисциплинарен пристап до успешна дијагноза и лекување

За дијагноза и лекување на карцином на дојка потребно е заедничко мислење и одлуки од специјалисти од повеќе области. Овој начин на лекување, што експертите го дефинираат како мултидисциплинарен пристап, ја зголемува стапката на успех при дијагноза и лекување на карцином. Центрите за дојка во рамките на Здравствената групација „Аџибадем“ го прифаќаат и имплементираат овој пристап. Со помош на стручниот и искусен тим и современата технологија, овие центри нудат мултидисциплинарен пристап во дијагноза и третман на пациентите. Пациентите со карцином на дојка добиваат мултидисциплинарен пристап преку повеќе области, од консултации за исхрана и генетика, програми за психолошка помош, физикална терапија до групи за психолошка поддршка.

Во клиничката болница „Аџибадем Систина“ пациентите во процесот на дијагностика имаат на располагање најсовремена апаратура, како што е MRI 3 Tesla . Јачината на магнетното поле и поголемиот комфор овозможуваат бројни предности за пациентот и лекарот во споредба со стандардниот MRI 1.5 Tesla. Зголемена резолуција (појасна слика), значително намалено времетраење на преглед (до 30%), намалена бучава и поголем комфор се едни од придобивките на оваа машина во однос на стандардите  MRI-апарати од 1.5 Tesla.

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!