Мојата прва лична инвестиција во мотор беше во 2007 година во скутер Piaggio. Интересно е што го купив со пријателка која подолго време од мене е на мотор. Замислете, две жени одат во продавница да купат мотор!
Се чувствува слободна, среќна и полна со живот додека седи зад воланот на својата „веспа“. Д-р Клементина Кузеска, гинеколог, им пркоси на предрасудите за да го докаже спротивното – моторциклизмот не е преокупација само за машкиот свет. Секојдневно слободното време го минува со својот мотор, кој, како што вели, е нејзината најголема љубов. Пасијата ја добива од нејзиниот татко, кој исто така бил љубител на брзи трки со мотори. Заедно со него пред 30 години ја купуваат првата „веспа“, модел произведен во 1958 година, со идеја да ја реставрираат и да ја стават во погон.
ЉУБОВ НА ПРВ ПОГЛЕД
„Првата ‘веспа’ ја добив во 1986 година како награда од татко ми за успешен упис на Медицински факултет. За жал, истата не го доживеа денот да биде во функција. Недостасува многу малку за нејзина комплетна реставрација. Тоа ќе биде и мојот следен проект, во име на споменот и желбата на мојот татко“, вели Кузеска. Подоцна, д-р Кузеска се решава да купи свој мотор. Изборот паѓа на скутер „Piaggio“. Иако поминале 12 години од тогаш, таа се сеќава на секој детаљ кога го купила она што најмногу го сака. „Мојата прва лична инвестиција во мотор беше во 2007 година во скутер Piaggio. Интересно е што го купив со пријателка која подолго време од мене е на мотор. Замислете, две жени одат во продавница да купат мотор! Никогаш пред тоа се немав качено на мотор како возач. Се сеќавам беше дождлив ден кога Искра ме окуражи и ми рече: ‘Качувај се и вози до дома, суштината е да одржиш рамнотежа, додај гас и ќе добиеш правец’…и така по дождот, среќно извозев до дома и ги изненадив домашните“, вели Кузеска. Признава дека моторџиите најчесто се мажи, но за неа тоа не претставува причина да не биде дел од нивното друштво. Членува во клуб на мотоциклисти кои заедно ги делат авантурите од возењето мотор. Открива дека се нашла во ситуација да има проблем со својот мотор, но тука биле пријателите од клубот да ѝ помогнат. „Сите работи во животот се учат искуствено. Мислам дека е тоа прашање на вонредни околности во кои мораш да изнајдеш решение во ситуација на дефект на пат. Тука се и моите колеги од „Vespa Club Skopje“, кои секогаш би помогнале во таков момент. Дружбата со нив е секогаш убава. Според статусот на „Vespa Club Skopje“, жените се почесни членови и не плаќаат членарина. Значи, ние сме привилегирани и максимално уважени. Малку сме на број. Имаме редовни собири и дружби, колегите се релаксирани, позитивни. Муабетите се машки, тематиката е најчесто врзана за сервисирање и надградба на моторите“, вели Кузеска.
МЕЃУ МОТОРЏИИТЕ СЕ НАОЃА И НЕКОЈА ХРАБРА ЖЕНА
Погрешно е толкувањето дека мотоциклизмот подразбира грубост, бруталност, дивеење на мотор. Кузеска убедува на спротивното, моторот, а посебно „веспата“ се вози ревијално, отмено, елегантно. Тоа е основната култура на возење мотоцикл. Минатата година за својот 50. роденден ја купила, како што вели, својата икона, актуелна „веспа“ што сега ја вози. „Мојата ‘веспа’ е 50 ccm и не е предвидена за возење надвор од градот. Тоа се начесто локални тури во блиската околина на Скопје. Искуството е прекрасно. Колегите се солидарни и иако повеќето од нив имаат ‘веспи’ со поголема јачина, заради дружба претпочитаат да изберат блиска релација. Постои кодекс за возење во група и истиот секогаш се почитува. Мојата приказна на мотор нема крај. Се надевам дека ќе пристигне и мотор со поголема јачина кој ќе ми го овозможи задоволството за возење на далечни дестинации“, вели Кузеска.
ЧУВСТВО НА СЛОБОДА
За неа, моторот е попрактичен, со него може да стигне лесно и брзо до секоја дестинација во градот, се пристапува и паркира секаде. Плус како предност ја посочува и малата потрошувачка. „Кога возите мотор имате чувство дека целиот свет е ваш, целиот простор ви стои на располагање. Моторот дава максимална слобода на движење. Имате чувство дека вие сте владетел на градските улици. Во топлите и сончеви денови на среќата и задоволството им нема крај“. Д-р Кузеска со нетрпение очекува да се вратат сончевите денови за да ја почне сезоната со својата „веспа“. Тогаш се чувствува своја, среќна и исполнета.