Д-р Слободан Лазаревски: На две мои пациентки сурогат мајки им беа блиски пријателки, а на една-родената сестра

Иако не сме членки на Европската Унија, Македонија направи голем исчекор и во 2008 година го донесе Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) или кај пошироката маса познато како сурогат-мајчинство. Еден од најзаслужните за тоа е д-р Слободан Лазаревски, специјалист по гинекологија и акушерство во Аџибадем Систина.

Според него, синтагмата сурогат мајчинство и сурогат мајка звучи многу егзотично, посебно за оние што се инфицирани од пандемискиот вирус на социјалните мрежи и секојдневната социјална голотија на селебритите, кои за големи пари го изложуваат својот и животот на своите најблиски на тацна.

-Така, во строги пропишани рамки, ги знаеме сите приватни детали од нивните животи, дури и она што во минатото се сметало за табу, а тоа е репродуктивната анамнеза и тоа што посурова тоа поблескава. Веројатно, поголем процент од нив навистина имале потреба од таа репродуктивна постапка, но не е мал број и на оние кои тоа го прават од лукративни причини, еве тука сме, не не заборавајте, уште можеме. Или , едноставно, молскавичниот и краток живот на „јас славната“ не дозволува деформација на надворешноста и пауза во одот по сјајните златни плочки кон врвот, а од друга страна притиска повикот на мајчинството и генетскиот код за биолошки наследник, како и притисокот од партенрот – вели д-р Лазаревски и нагласува дека сурогацијата во својата суштина е високо благородна идеја за зголемување на репродуктивниот потенцијал на жената.

– Постојат многу причини зошто некои жени никогаш нема да можат да родат здраво бебе иако имаат нормални јајчници и здрави јајни клетки во нив. Некои од нив се вродени, како на пример жени родени без матка или некои аномалии на матка што не можат хируршки да се корегираат. Понатаму, тоа се некои вродени срцеви и системски болести кај жената кои доведувааат до прашањето на сопствениот живот, ако остане бремена. Некои патолошки услови се стекнати во текот на животот. Разни срцеви, бубрежни, аутоимуни, системски, малигни, метаболни и нервни болести може драстично да се влошат, па дури да завршат и со смртен исход на мајката во текот на бременоста или породувањето објаснува докторот.

Многу честа причина се и повторувачки или нестручно изведени манипулации со матката како што се киретажи, абортуси, корекции, оперативни захвати и слично. –Често пати влегувам во конфронтација со колегите кои го промовираат абортусот како безопасна метода за контрола на наталитетот. Тоа е само ултимативен избор за кој треба добро да се размисли, се разбира со адекватна социјална, психолошка и стручна помош и никогаш не треба да се брза во одлуката. Имам многу примери од бескрајно благодарни пациентки кои сум ги премислил во одлуката да абортираат, иако мислеле дека не постои друго решение – открива д-р Лазаревски.

ПОТРЕБНА Е СИЛНА И МНОГУ СТРУЧНА ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА

Од друга страна, сурогацијата е огромен социјален проблем околу кој се води епска битка за оправданоста. Најмногу се апострофира искористувањето, експлоатацијата на маргиналните социјални слоеви и се прави споредба со проституцијата.

-Алтруизмот е императив, но, да се запрашаме, која жена би забременила, би го носела бебето девет месеци, би се породила, со сите ризици кои ги носи бременоста и породувањето, би се откажала од секојдневниот приватен, социјален и професионален живот и веднаш потоа би се откажала од бебето како ништо да не се случило. Се разбира, одговорот и да не сакаме сам се наметнува – тоа може да биде само мајка, сестра, можеби добра пријателка и толку. А што доколку и тие ги нема или не ги исполнуваат основните услови за бременост и породување, а тоа е одлично општо здравје и нормални репродуктивни органи. Значи, која е мотивацијата на жените да влезат во регистарот на сурогат мајки во некое општество- прашува докторот и дополнува.

-Другиот круцијален проблем со сурогат мајките, независно дали за тоа се платени или тоа го прават од алтруистично-хуманистички светоглед е: кој ќе хо контролира хигиенско – диететскиот режим на сурогат мајката во текот на деветте месеци? Кој ќе може да превенира алкохолизам, пушење, дрогирање, промискуитет, сексуално преносливи болести, неисхранетост? Дали ќе треба да се постават камери на сите места каде што таа го поминува катадневниот живот? Кој ќе одговара, ако детето се роди со последици од погрешен животен стил на сурогат мајката? Како што вели народниот мудрец „патот до пеколот е поплочан со добри намери“ – вели д-р Лазаревски.

Според него, третиот проблем, не помалку важен, е емотивниот и психолошки раскол, болката во душата кај сурогат мајката која девет месеци го носела бебето, го чувствувала секое негово движење, неговиот раст и развој, неговото срце, неговиот прв плач и најголемото чудо на постоењето – раѓањето на бебето.

-Затоа е потребна силна и многу стручна психолошка подршка и советување за време на бременоста и после породувањето. Има многу светски примери каде сурогат мајката не сака да се откаже од бебето и каде имаме судско-полициски прогони и социјални трагедии.Заради се ова што го спомнав, повеќето земји во Европската Унија ја имаат забрането сурогацијата, а и таму каде што е дозволена се спроведува по строго утврдени правила и протоколи вели др Лазаревски..

МЕСЕЧЕН НАДОМЕСТ ОД ЕДНА ПРОСЕЧНА ПЛАТА ВО ТЕКОТ НА БРЕМЕНОСТА

Пред неколку години, посочува докторот, тогашната влада на Република Македонија, сакајки да го зголеми наталитетот, одлучи да ја одобри сурогацијата во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување која до тогаш беше забранета со консекутивна кривична одговорност. За таа цел се формираше комисија составена од експерти од различни профили: гинеколози, социолози, психолози, правници.

-Бев дел од експертскиот тим и во голема мера ја оформив првичната рамка на законот, како впрочем и законот за БПО 2008г. Сублимирано вака: Идните родители на детето се маж и жена кои се во законски брак и државјани на Република Македонија. Само тие се донори на јајни клетки и сперматозоиди од кои ќе се создаде ембрионот кои ќе се вметне во сурогат мајката. Сурогат мајката треба да е во потполно физичко, психичко и социјално здравје и да е државјанин на Република Македонија. За таа цел се формира посебна државна комисија во состав на Министерството за здравство чиј експертски тим ќе се грижи дали се исполнети сите услови пропишани по законот и ќе состави листа на потенцијални доброволни сурогат мајки. На сурогат мајките, под закрила за здраво и одговорно мајчинство, исхрана, витамини, контроли, ќе им се исплаќа месечен надомест од една просечна плата во стопанството, секој месец во текот на целата бременост и еден месец после породувањето. И до тука ништо не е спорно заклучува докторот и дополнува.

-Меѓутоа, како и секогаш, политиканството вмешува прсти и, под влијание на разни интересни групи, законот преку ноќ се менува и од првичната хумана димензија влегува во матни води кои ја тангираат и еугениката. Значи сега, не мора сперматозоидите да се од мажот, како и јајните клетки од жената, што во крајна линија води дека во креацијата и одгледувањето на едно дете може да учествуваат 5 партии: таткото, мајката, донорот на сперматозоиди, донорката на јајни клетки и сурогат мајката. За да бидам политички коректен нема да ви кажам што се може да се изроди од обие комбинации и какви се психички и социјални импликации ќе има по детето. Впрочем, правото на детето е над сите права во сите правни системи, па така и кај нашиот вели Лазаревски.

ЗАКОНОТ НЕ ГИ ИСПОЛНИ ОЧЕКУВАЊАТА

Иако е законот стар неколку години, докторот нагласува дека воопшто не ги исполни очекувањата. Најголем проблем е создавањето на регистер на сурогат мајки токму од причините што ги спомнува предходно.

-Едноставно, ние немаме никаков регистар на сурогат мајки. До сега се одобрени десетина предмети и родени се приближно толку бебиња. Јас лично сум работел со три сурогат мајки и во сите случаи донор на јајце клетки беше мајката, а донор на сперматозоиди таткото на детето. Една мајка доби и близнаци. Кај две пациентки сурогат мајки им беа блиски пријателки, а кај третата родена сестра. Мислам дека и кај другите мои колеги сличен е поривот да се помогне, во една друга клиника мајка роди бебе за својата ќерка. Имам информација дека во 2-3 случаи сурогат мајката ја донеле сами брачните партнери, ја поминала селекцијата во комисијата и успешно родила. Се разбира, се работи за многу имотни луѓе кои девет месеци живеаат со сурогат мајката и не дозволуваат нејзиното однесување и животен стил да излезе од контрола. Тој тип на сурогација е карактеристичен за западните богати земји, посебно за Соединетите американски држави каде сурогат мајката е многу богато наградена- открива д-р Лазаревски.

Источно-европските земји, посбно Украина, Русија и Грузија, имаат големо искуство со сурогацијата, заради своите либерални закони, а пред се заради сиромаштијата и подложноста на маргиналните социјални слоеви да си го зголемат буџетот и , во некои случаи, да преживеат во овие сурови времиња.

-Постојат специјални агенции кои за големи пари се грижат за се: од селекција на сурогат мајка, породување, администрацијата па дури и издавање на патни исправи. Тие им обезбедуваат на мајките посебни стомачни влошки кои ги менуваат секој месец и кои однадвор ја имитираат божемната гестациска недела. Цената на целата постапка е од 30-50.000 евра, а во САД се движи и до 200.000 долари. Многу богати двојки од Западна Европа и САД одат во овие земји да ги исполнат своите желби за мајчинство. За да се спречи злоупотреба, некои западни амбасади во овие земји вклучија гинеколози кои треба да издадат потврда дали мајките навистина ги родиле бебињата или ги купиле вели докторот и потенцира дека законот за БПО на Македонија е еден од најлибералните во Европа, а сигурно најлиберален, ако се споредиме со земјите од Шенген зоната.

-Дозволена е донација на јајни клетки, сперматозоиди и ембриони, дозволено е БПО кај самохрани мајки, нема возрасно ограничување на мајката, еве и сурогација. Ние како еснаф се уште немаме заземено став за некои од проблемите што произлегуваат од овој либерален закон иако со многу работи не се согласуваме и бараме да се организираат округли маси со претставници од министерството, социолози, психолози, правници од областа на семејно право и др. Засега немаме одговор од министерството – открива тој. .

И покрај се, д-р Лазаревски искрено верува дека сурогацијата е длабоко хуман чин. Верува дека има многу жени, мајки или потенцијални мајки кои се свесни за сите предизвици и замки што ги носи оваа репродуктивна метода и дека со задоволство би помогнале на овие пациентки кои се осудени од својата судбина.

-Не знам што е причината, каде е скината алката, зошто не постои регистар на потенцијални сурогат мајки. Дали е недоволната информираност, предрасуди, немање позитивна пропаганда? За сега примерите ни кажуваат дека тоа се сепак членови од најблиското семејство или искрени пријателки. Искуството со моите три пациентки е одлично, исклучително емотивно, исполнето со таква посветеност на бременоста и позитивна енергија во секој поглед. Пријателството не само што не е прекинато, туку е збогатено со нераскинлива невидлива нишка која ќе трае целиот нивен овоземен живот – заклучува доктор Лазаревски..

 

извор : Женски магазин

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!