Фимозата претставува отежнато или целосно оневозможено повлекување на кожичката преку машкиот полов орган. Оваа состојба може да биде вродена или стекната и ги загрижува родителите за тоа како треба да се грижат и кога да побараат стручна помош.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува од педијатар нефролог уште на самото раѓање. Најчесто кожичката на половиот орган е делумно затворена, но има и случаи кога таа е целосно затворена или отворот е скоро како врв од игла. Тогаш треба веднаш да се интервенира со изведување на катетеризација, со што се овозможува бебето лесно да мокри. Потоа се остава постепено самата кожичка да се одвои, што може да се случи на 4-5 годишна возраст.
Одвојување на кожичката
Одвојувањето на кожичката е важно бидејќи овозможува полесна хигиена во интимниот дел, а кај повозрасните и заштита од разни полово преносливи болести. Дека процесот е природно почнат, може да се забележи кога при мокрење, еден дел од кожичката ќе почне да се надувува. При тоа под кожичката се собира смегма – густа материја составена од клетки од кожата, лој и бактерии и неопходно е редовно миење за да не дојде до воспаление.
Одлепувањето на кожичката кај некои деца се случува до третата година, кај други до петтата, а кај некои пак во тинејџерските години. Докторите советуваат дека не треба да се врши присилно одвојување.
Како се решава фимозата?
Методите со кои се решава фимозата се едноставни и брзи, а се изведуваат во болница. Педијатриската фимоза се решава со креми кои се вбризгуваат под кожичката и го олеснуваат одвојувањето, а потоа доволно е само редовна хигиена и миење со вода. Повлекувањето на кожичката може да се препорача кај деца кои имаат само тенко залепена мембрана, односно не постои фимоза. Неправилното и насилно повлекување може да доведе до пукање на кожичката, крвавење и создавање ранички кои се подлога за развој на инфекции. Ако фимозата не се третира на време, кај повозрасно момче таа може да влијае на хигиената на полните органи, а подоцна и на плодноста бидејќи лесно се развиваат бактерии и инфекции. Од такви инфекции може да дојде до стеснување на семените канали и тоа може да влијае на плодноста.
Патолошката фимоза може да настане при дијабетес, траума од удар, затворање на патентот од панталоните и да доведе до инфекција и повторно сраснување.
Циркумизација
Според истражувањата утврдено е дека со обрежувањето има енормно намалување на сексуално преносливите болести и целосно исчезнување на малигната болест – карцином на пенис. Докторите советуваат дека овој зафат задолжително треба да се изведе во болница во соодветни услови. Обрежувањето се изведува со локална или краткотрајна општа анестезија со маска. При нестручно изведени циркумизации постои можност за разни инфекции и големи крвавења, а детето е изложено на страшни трауми и болки.