Хијаталната хернија или желудочна кила претставува пробивање на дел од желудникот во градната празнина преку отворот на дијафрагмата (мускул кој ја одвојува стомачната од градната празнина). Постојат два типа хијатална хернија: лизгачка и параезофагеална. Лизгачкиот тип на хијатална хернија е почест за разлика од параезофагеалниот, и се јавува кај речиси 95% од случаите.
Кои се симптомите?
Најголем дел од луѓето со хијатална хернија немаат значителни симптоми, а како најчест симптом се јавува појава на жарење и печење зад градната коска заради излевање на дел од желудочната содржина во хранопроводот (рефлуксна болест). Луѓето кои имаат ваков проблем честопати чувствуваат и градна болка која се шири кон грбот и е придружена со отежнато дишење па честопати се јавуваат на кардиолог мислејќи дека имаат проблем со срцето. Од други симптоми, може да се појави мачнина и повраќање, подригнување, болка во стомакот по оброк, отежнато голтање на храната, чувство на ситост и при мал внес на храна и сл.
Што ја предизвикува хијаталната хернија?
Хијаталната хернија почесто се јавува кај жените и кај лицата со поголема телесна тежина. Кај најголем дел од случаите причината за појава на хијаталната хернија е непозната. Оваа хернија може да биде вродена, односно да се јави како резултат на вроден поголем отвор на хранопроводот. Бременоста, дебелината, хроничното кашлање, односно состојби кои го зголемуваат притисокот во стомачната празнина се сметаат како можна причина за појава на хијатална хернија.
Како се дијагностицира?
Важен дел од дијагностицирањето е детален разговор со вашиот лекар кој ќе исклучи присуство на други болести и правилно ќе ги насочи понатамошните испитувања. Хијаталната хернија се дијагностицира со помош на гастроскопија и рендген со контрастно средство.
Како се лекува хијаталната хернија?
Кај лицата кои имаат хернија, а не чувствуваат симптоми не е потребен никаков третман. Кај овие пациенти се препорачува промена на режимот на хранење – почесто јадење помали оброци, избегнување газирани пијалаци, движење по оброк, а да се избегнува легнување веднаш по оброк, спиење на благо подигната перница, намалување на тежината ако се работи за лица со прекумерна тежина, да не се внесува храна 4 -5 часа пред спиење,
Се третираат симптомите на гастроезофагеалната рефлуксна болест, како што е појавата на киселини. Исто така, важно е да се следи состојбата при појава на градна болка, срцебиење и прескокнување на срцевиот ритам.
Во случај кога симптомите се интензивираат и го нарушуваат квалитетот на живот лекарот ќе ви препорача хируршко лекување на состојбата. Најчесто се изведува лапароскопски – минимално инванзивна интервенција со мал рез. Благодарение на предностите на минимално инванзивната хирургија заздравувањето оди многу побрзо, а пациентите целосно заздравуваат по две до три недели. Се препорачува да не се креваат тешки предмети и да не се изведува тешка физичка работа најмалку три месеци по интервенцијата.