Многу често се зборува за последиците од високиот крвен притисок, а речиси воопшто за нискиот притисок. Ова е резултат на тоа што од низок притисок не се умира, но може да го наруши квалитетот на живот.
Тоа е честа појава на помлада возраст и подоцна со возраста, како крвните садови ќе ја губат еластичноста вредностите на крвниот притисок постепено се покачуваат. Доколку нискиот крвен притисок е следен со одредени симптоми, или ако нормално крвниот притисок е повисок и дојде до нагло, неочекувано намалување на вредностите за повеќе од 20 ммХг, тогаш треба да преземете одредени мерки. Ваквата состојба може да укажува на недоволен проток на крв низ виталните органи и може да е знак на одредени сериозни заболувања.
Кои се симптомите за низок крвен притисок?
Од симптомите значајна е појавата на вртоглавица, несвестица, губиток на свест, деконцентрација, општа слабост, малаксаност, заматен поглед и сл. Овие лица наутро се чувствуваат ненаспани па им требаат дополнителни стимуланси како кафе за будење.
Што може да е причина за низок крвен притисок со појава на тегоби ?
• Многу долго лежење и мирување (пример кај некои тешки хронични болести)
• Болести на срцето: бавна срцева работа (брадикардија), брза срцева работа (тахикардија), срцева слабост и др.
• Ендокринолошки, односно хормонални заболувања: пад на концентрација на шеќерот во крвта, Адинсова болест (болест на надбубрежните жлезди), хипотиреоидизам (намалена функција на штитната жлезда) и др.
• Невролошки заболувања: ортостатска хипотензија како резултат на нарушена работа на центрите за регулација на крвен притисок
• Анемии, дехидратација (покачена телесна температура или долготрајни проливи), одредени лекови (особено доколку се примаат во комбинација), алергиски реакции, тешки инфекции и др.
Како да знаете дали вашиот низок крвен притисок е опасен?
Доколку ниските вредности на крвен притисок се проследени со некои од горенаведените тегоби, или постои нагло неочекувано намалување на крвниот притисок, потребно е да го посетите вашиот кардиолог кој треба да испита дали постои некое сериозно заболување како причина за оваа состојба. Зависно од вашата досегашна медицинска историја, симптомите, начинот на нивна појава се преземаат и соодветни испитувања како: мерење на крвниот притисок во лежење и стоење, ЕКГ, стрес тест, ехо на срце, 24-часовно холтер снимање на срцевата работа, односно крвниот притисок, лабораториска анализа на крвта или други специфични иследувања.
Како се лекува нискиот крвен притисок?
Лекувањето на оваа состојба се состои пред сè во лекување на основната болест која е причина за нискиот крвен притисок и постоечките тегоби. Доколку нема јасна и сериозна причина обично доволно е да се преземат неколку обични хигиено-диететски мерки:
• Земање на поголема количина течности (повеќе од 8 чаши неалкохолни течности ), особено летно време, при покачена телесна температура, проливи и сл.
• Поголем внес на сол во исхраната (посолена храна)
• Континуирана физичка активност
• Да се избегнува долготрајно стоење и постепено станување од креветот по спиење
• Да се јаде повеќепати, но количински помали оброци и да се одмора по јадење
• Да се избегнуваат долготрајни туширања со топла вода
• Промени на лековите или нивните дози кои ги земате редовно, особено ако земате лекови за намалување на крвниот притисок. Сите овие мерки, особено промена на лековите кои ги земате редовно, треба да бидат во консултација и под контрола од вашиот доктор.