Хируршки третман на повторувачка нестабилност на рамениот зглоб

Повторуваната луксација (исчанчување) на рамениот зглоб е честа повреда, настанува како последица на траума и најчесто анатомски дефицит (недоразвиеност или дефект од повторувачки повреди) на одредени структури на рамениот зглоб. Во најголем процент случаи се работи за предна луксација на рамениот зглоб.

Д-р Борислав Илиев, хирург ортопед, вели дека важен дел за поставување на дијагнозата се податоците кои ги дава повредениот пациент. Најчесто станува збор за траума (во најголем број случаи спортска), пад и многу ретко повреда која во нормални околности не доведува до изместување на рамениот зглоб.

Силна болка во рамото

И покрај тоа што повредата е честа, клиничката слика е драматична, повредениот се жали на силна болка, неможност за изведување на какво било движење во рамениот зглоб. Се препознава по положбата на раката која обично пациентот принудно ја држи прилепена за градниот кош, како и присуство на видлив деформитет во форма на еполета во предел на изместеното рамо.

Како се дијагностицира?

Дијагнозата се поставува врз основа на податоците за начинот на настанување на повредата, клиничкиот преглед се разбира колку дозволува пациентот поради присуството на болката и контролната РТГ-снимка, која секогаш се прави во два правци.

Третман

Важна е брза репозиција на изместеното рамо поради опасноста од развој на невроваскуларни повреди. Истата најчесто се изведува во краткотрајна анестезија по која се поставува имобилизација (митела). Важноста од брзата репозиција и правилно поставената имобилизација, како и времетраењето на носење на истата ја потврдува познатиот шведски ортопед Ховелиус, кој докажал дека правилно поставената имобилизација по некрвава репозиција на изместено рамо и носењето на истата за период од 4 недели во отсуство на анатомски дефект на рамото дава излекување во преку 90 % од случаите.

„Обично тука настанува грешка во лекувањето кога поради некомпетентноста на лекарот или несериозноста и несоработката на пациентот времетраењето на имобилизацијата е скратено на период од една до две недели, што е краток период за зараснување на меките ткива околу рамениот зглоб и поради што за краток период настанува повторна луксација или релуксација, ново изместување на рамото што обично ја третираме оперативно“, вели д-р Илиев.

Хируршкиот третман се состои во правилна предоперативна проценка на случаите која подразбира добро земена анамнеза од пациентот, ортопедски преглед кој се состои во повеќе дијагностички тестови, магнетна резонанца на рамото најчесто со контраст и користење на одредени резултати врз основа на кои се одредува типот на соодветниот оперативен зафат.

„Го користиме т. н. ISIS score (instability severity index score), промовиран од француската школа за хирургија на рамо врз основа на кој се донесува одлука за тоа каков тип оперативен третман ќе се спроведе кај пациентот. ISIS score се состои од анализа на возраста на пациентот (над и под 20-годишна возраст), тип на спортот со кој се занимава пациентот (over head high energy sport), евентуално присутна назначена лабавост на сите зглобови (laxitas), присуство на Hill – Sachs лезија на главата на хумерусот и постоење на коскен губиток на гленоидот (bony Bancart lesion)“, објаснува д-р Илиев.

Оперативниот третман се состои во артроскопска стабилизација на предниот лабрум, тоа е анатомски дел од капсулата која го обвиткува рамото во предел на чашката (гленоид) со помош на таканаречени ресорптивни сидра или во мини отворена процедура за предна стабилизација на рамото по методата на Латарјет. Постоперативната имобилизација и физикалната терапија зависат од типот на оперативниот зафат. Препорачано време на постоперативна имобилизација е од 4 до 6 недели. Просечното време на комплетно заздравување по интервенцијата изнесува 4 – 6 месеци.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!