Последната деценија во пораст се болестите на простата и преставуваат најчест здравствен проблем со кои се соочуваат мажите. Според светската здравствена организација 50-60 проценти од популацијата над 60 години имаат проблем поврзан со оваа жлезда. Тука спаѓаат бенигната хиперплазија и карциномот на простатата. Лекувањето, особено кај карциномите, најчесто е хируршки, со отстранување на дел или целата простата.
Што преставува трансуретрална ресекција на простатата?
Трансуреталната ресекција на простата се изведува во локална или општа анестезија. Операцијата се изведува со воведување на инструменти преку мочниот канал со помош на кои се остранува туморот или зголемениот дел на простата. Во овој тип на операции спаѓа и трансуретралната аблација која се изведува со игла каде со помош на радиофрекфенција со мала јачина се горат одредени делови на зголемената простата. Најчесто по операцијата пациентот, истиот ден, си заминува дома. И двете интервенции се минимално инвазивни, нема хируршки резови, со што е скратен болничкиот престој на пациентот и времето на опоравување.
Со кои хируршки интервенции се отстранува простата?
Овде спаѓаат два типа на хируршки интервенции со кои се отстранува целата простата. Првата е радикална перинеална простактетомија која се изведува во општа анестезија. Хируршкиот рез е помеѓу тестисите и анусот. Оваа интервенција е минимално инвазивна и најчесто се применува кај подебели пациенти. Меѓутоа со неа не може да се отстранат и околните лимфни чворови.Втората интервенција е радикална ретропубична простатектомија. Кај овој тип на операција, во општа анестезија, се отстранува целата простата. Резот за овој вид на интервенција се наоѓа во долниот дел на стомакот. Се применува кај пациенти каде што е потребно покрај простата да се отстранат и околните лимфни чворови. Предноста на оваа интервенција е што може да се сочуваат околните периферни нерви кои го контролираат мокрењето и ерекцијата. Лапараскопска простактетомија е најмалку инвазивна, преку мали резови на долниот дел од стомачната празнина се внесуваат специјални инструменти, со кои хируршки се отстранува простата.
Кои се најчести компликации по отстранувањето на простата?
Времето на опоравување зависи од применетата методата на хируршко лекување, како и од возраста и телесната тежина на пациентот, но и од други попратни болести присутни кај пациентот. После хируршкиот третман кај пациентите се става уринарен катетер, кој се носи од 3 дена до 3 недели. Најчести компликации од радикалната простактетомија се следните:
- Проблеми со мокрење. По операцијата на простатата со некои од наведените методи, можно е во текот на неколку дена или недели да има појава на т. н. инконтиненција, состојба кога пациентот не може свесно да го контролира мокрењето. Кај поголем дел овој проблем се подобрува по одреден период и пациентот почнува нормално да мокри. Но, кај некои мажи, за среќа многу ретко, се јавува трајна инконтиненција, односно неконтролирано мокрење. Оваа состојба може да се појавува и периодично, на пример при: кашлање, кивање , носење на поголем товар. Некои пациенти, каде инконтиненцијата е многу изразена, се оперираат повторно за да се реши овој проблем.
- Еректилна дисфункција (намалување или губење на ерекција) –Кај радикалната операција на простатата може да дојде до оштетување на нервите кои се наоѓаат околу простата. Дел од нив се одговорни и ја контролираат ерекцијата. Мажите кои имале проблеми со ерекцијата пред операцијата во најголем број случаи стануваат импотентни по радиклана простактетомија.
- Сува ејакулација или оргазам- Со отстранување на простатата мажите можат да имаат ерекција и ејакулација, но повеќе не се создава спермаланата плазма и поради тоа зборуваме за т.н. ,,сув оргазам“, кај мажите или ,,сува ерекција“. Во овие случаи, кога со операцијата се зачувани нервните завршетоци за ерекција, мажите може да имаат сексуални односи, и да доживеат оргазам, но тие се неплодни бидејќи не продуцираат семена течност, која се создава во простатата, а која е неопходна за чување и одржување на сперматозоидите во ејакулатот.