Хламидијата – сексуално пренослива болест

Хламидијата е една од најчестите сексуално преносливи болести. Бидејќи не дава симптоми, инфекцијата брзо се раширува преку сексуални односи. Се смета дека инфекцијата со хламидија не дава симптоми кај 75% од мажите и кај 50% од жените.

Хламидијата е една од најчестите сексуално преносливи болести. Бидејќи не дава симптоми, инфекцијата брзо се раширува преку сексуални односи. Се смета дека инфекцијата со хламидија не дава симптоми кај 75% од мажите и кај 50% од жените.

Како да знам дека имам хламидија?

Честопати е многу тешко да се открие дека имате хламидија, но доколку се појават симптомите, тие се типични за инфекција. Најчести симптоми се:

Жени:

–          Вагинален секрет со непријатен мирис
–          Крвавење помеѓу два циклуси
–          Болни менструални циклуси
–          Болка во стомакот и температура
–          Болки при сексуален однос
–          Чешање и црвенило на вагината
–          Болки при уринирање

Мажи:

–          Бистар или заматен исцедок од пенисот
–          Болки при уринирање
–          Чешање и црвенило околу отворот на пенисот
–          Болка и оток околу тестисите

Како се дијагностицира?

Присуство на хламидија се докажува со земање на брис од уретерот (мочен канал) кај мажот и цервиксот кај жената, а доколку сакате да видите дали ја има и во урината тогаш се остава примерок урина за лабораториска анализа.

Како се лекува?

Хламидијата се лекува со антибиотици, кои треба да ги земаат и двата партнера за да се постигне ефектот и да не се повтори инфекцијата. Инфекцијата се лекува една до две недели. Земајте ја препишаната доза антибиотици и не ја прекинувајте ако почувствувате дека се намалуваат симптомите.  Доколку се развие тешка форма на инфекција со хламидија, пациентот се задржува на болничко лекување.

По три месеци од земањето на антибиотиците се прави повторен тест за да се види дали е постигнато ефикасно лекување на инфекцијата. Се препорачува да се практикува заштитен сексуален однос се додека не се осигурите дека и двајцата сте излекувани.

Компликации при нелекување на инфекцијата

Доколку не се третира, хламидијата може да предизвика компликации по вашето здравје.

Кај жените нелекувањето на бактеријата може да доведе до воспаление на јајцеводите која може да доведе до нивно стеснување кое е едно од причините за стерилитет. Доколку не се третира, хламидијата може да биде причина и за бременост надвор од матката (оплодената јајце клетка се инплантира надвор од матката). Покрај тоа, хламидија може да предизвика предвремено породување, а за време на породување инфекцијата од мајката може да се пренесе и на бебето и да предизвика инфекција на окото, слепило, или пневмонија.

Кај мажите доведува до инфекција на мочниот канал или воспаление на епидидимусот (каналот преку кој минуваат спрматозоидите по излегувањето од тестисите) како и воспаление на ректумот. 

Како да се заштитите?

За да не дојде до ширење на инфекцијата:

–          Имајте безбеден секс – користете кондом.
–          Намалете го бројот на сексуални партнери.
–          Доколку се сомневате дека имате инфекција, не практикувајте секс и посетете доктор.
–          Јавете се на доктор доколку ги имате горенаведените симптоми.

Бидејќи инфекцијата честопати поминува без симптоми, докторите препорачуваат на секоја жена која менува сексуални партнери да направи контролен тест за присуство на хламидија.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!