КАКО ДА ГО ДЕТОКСИЦИРАМЕ ОРГАНИЗМОТ?

Во периодот на зимата се внесува мрсна храна, газирани пијалаци, алкохол, како и слатки, кои можат да ни го нарушат здравјето, доколку не се внимава на количината на храна и пијалаци што се консумираат. Умереноста и самоконтролата се исклучително важни сегменти од секој аспект од животот, особено кога имаме потреба да се опуштиме и да уживаме во храната. Нутриционистката Ана Антовска, вели, доколку чувствувате дека сте претерале со внесување на калории и нездрава храна, првенствено почнете да ја трошите енергијата што сте ја внеле. Која било физичка активност која ќе го задржи вашето внимание е добредојдена. Особено е убаво да се забележи дека многу генерации во изминативе неколку години се трудат да бидат активни и да останат во кондиција, а посебно впечатлив е рекреативниот велосипедизам. Тој факт радува. Тоа значи дека по секој „несоодветен“ оброк, истиот ќе биде потрошен.

Здравата исхрана и спортот се вистинскиот пат до здрав организам

Најголем наш „сојузник“ кога станува збор за детоксикација на организмот се овошјето, зеленчукот и секако водата. Но, сепак, само органските производи можат да го добијат епитетот „здрави” и секако храната што не е пакувана, односно треба да ја зготвиме. Добро е познато дека пестицидите штетно влијаат и треба да се внимава на количината во која тие се употребуваат, а ние тоа никогаш не можеме да го дознаеме, вели нутриционистката Ана Антовска. Доколку не сте во можност да набавите органска храна, обидете се секоја овошка и зеленчук да ги измиете и ги ставите во сад со чиста вода со една супена лажица сода бикарбона, да отстојат барем два часа, за да се ресорбира одреден процент од пестицидите. Затоа, ако внесувате храна која не е од органско потекло, ограничете ја количината на две до три овошки на ден и не повеќе од 500 грама зеленчук (тука влегува салатата во просек 150 грама од порција, додека остатокот да отпадне на главните оброци). Кај органските производи, три порции овошје се доволни (една порција се однесува на една овошка со средна големина), а внесот на зеленчукот можете да го зголемите (тиквички, модар патлиџан, брокула, карфиол, боранија, зелка, спанаќ, краставица). Но бидете претпазливи со зеленчукот со висок гликемски индекс (компир, ориз, морков, грав, грашок).

Според Антовска, појадокот е задолжителен. Колку порано се појадува, толку повеќе се забрзува метаболизмот. Истиот може да содржи јајца, авокадо, леб од полнозрнести житарки, сезонска салата. Избегнувајте ги снегулките, бидејќи имаат навистина намалена нутритивна вредност, согласно нивната рафинираност при преработката. Затоа, триците се изборот што го препорачува Антовска, во комбинација со кефир или пробиотски јогурт, некое растително органско млеко или млеко од јаткасти плодови кои сами ќе си го подготвите. Антовска советува да се пие најмалку 1,5 – 2 литри вода дневно.

Имајте 3 главни оброци и 3 ужини

Ручекот и вечерата да не содржат месо, туку само зеленчук варен на пареа, или печен со малку масло и зачини, двапати неделно консумирајте риба и задолжително домашно подготвени зеленчукови супи. Вечерата да не биде подоцна од 20 часот. Ужините треба да се состојат од една овошка во комбинација со една дланка, која нема да биде преполна, свежи јаткасти плодови, семки од тиква или сончоглед. Балансот на внесот на енергија и нејзината потрошувачка, вели Антовска, е клучот за здрав живот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!