Долгото топло лето ги носи со себе пријатните мигови на плажа, но тука е и стремежот за што подобар и поздрав изглед на нашето тело. Секојдневното спортување може да ни помогне да го добиеме посакуваниот изглед, а во летниот период тоа мора многу внимателно да се практикува. Високите температури и зголемената влажност на воздухот во надворешната средина влијаат врз циркулаторниот систем и работата на мускулите. Тоа доведува до хронична исцрпеност на мускулниот систем и го зголемува ризикот од повреди во текот на спортувањето. Секако во летниот период особено треба да се посвети внимание кон тоа да се избегне синдромот на прегревање и хронична дехидратација на организмот.
Подгответе го телото за совршен баланс
Користењето на лесна и немасна храна во текот на летото е првиот предуслов за соодветна подготовка за спортување. Особено внимание треба да се посвети на правилната рехидратација на организмот во текот на спортските активности. Независно од тоа дали станува збор за професионални или рекреативни спортисти секогаш треба да се избегнува домино ефектот на дехидратација. Потребно е секогаш да се внесе онолку течност во организмот колку што се изгубило во текот на спортската активност. Тоа се постигнува со неколку рутински мерење на телесната тежина пред и после вежбањето. Разликата во телесната тежина го покажува количеството на изгубена течност. Во првите два часа треба да се надополни околу 90 – 110 % од изгубената течност, а потоа уште 25 – 40% од изгубената тежина во првите шест часа по спортувањето, за потполна и правилна рехидратација на организмот. Во текот на спортската активност потребно е да се внесуваат мали количини на течност на секои дваесетина минути, но тоа да не е вода, туку соодветни спортски напитоци (не енергетски) кои би ја надополниле и загубата на електролити во телото.
Носете лесна облека
Користењето на облека која го спречува испарувањето на потта, го зголемува ризикот од прегревање на телото. Користете лесна памучна облека која овозможува лесно оддавање на топлината.
Кога и што да се спортува во летниот период ?
Во овој период од годината повеќе од кога и да е сакамеда спортуваме на отворено со што би ги избегнале салите за вежбање. Пливање, пешачење, возење велосипед и кондициони вежби покрај река, езеро или море се нешта кои навистина полнат со енергија. Но и тоа мора многу внимателно да се практикува. Секогаш вежбајте во раните утрински или доцните попладневни часови, со тоа избегнувајќи ја директната изложеност на топлите сончеви зраци.
Корисни совети
Вежбајте умерено, никогаш не исцрпувајќи го сопственото тело. Само на тој начин ќе можете да применувате долготраен здрав и активен животен стил. Од голема важност е и соодветната подготовка пред да започнете со било која спортска активност. На тој начин ќе го заштитите телото од сите негативни последици кои ги носи неправилното и исцрпувачко темпо во кое ќе го доведете. Една од најчестите последици на несоодветната подготовка се спортските повреди кои ќе ви оневозможат да уживате во летното спортско рекреирање.