Долготрајно пиење лекови, инфекции, дехидратација, хемотерапија и радиотерапија се само дел од причините за појава на сува уста (ксеростомија). Оваа состојба се јавува како резултат на нарушена функција на плунковните жлезди кои лачат многу малку плунка. Без разлика дали трае неколку дена или подолг период, сувата уста е ризик фактор за појава на болести во усната празнина.
Доколку не се третира навреме, најчесто сувата уста може да биде причина за лош здив, кариес, габични инфекции, болести на непцата и други состојби.
Со тек на времето може да почувствувате проблеми со вкусот, потешкотии при голтање, пукнатини на аголот од усните, пецкање и жарење на јазикот, а во зависност од случајот може да доведе и до проблеми со говорот.
Како да си помогнете
Останете хидрирани. 8 чаши вода дневно ќе ви обезбедат доволно количество вода кое му е потребно на организмот.
Џвакајте мастика или одберете цврсти бонбони. Истражувањата покажале дека џвакањето на гума за џвакање или тврдите бонбони помага при сува уста. Единствено што треба да внимавате е да бидат без шеќер.
Избегнувајте алкохол, кофеин, никотин и газирани сокови. На лицата кои имаат проблем со сува уста им се советува да го ограничат внесот на кафето, особено на комбинацијата кафе со млеко. Истотака забранети се и сокови од цитрусно овошје, а од алкохол да се избегнува пиењето алкохол навечер. Пушењето е истоатак забрането.
Не јадете сува храна. Помогнете им на вашите плунковни жлезди кои не лачат доволно плунка со тоа што ќе ја навлажните храната која ја внесувате. Избегнувајте сува храна која тешко можете да ја голтнете. Употребувајте сосови, супа, вода, млеко зависно од оброкот и ќе можете полесно да ја џвакате и голтате храната.
Користете навлажнувач на воздухот. Користете го особено навечер за време на спиење. Ќе ви помогне во навлажнувањето на воздухот, бидејќи сувиот воздух ја отежнува состојбата.
Чистете ги забите по секој оброк. Оралната хигиена кај лицата со сува уста мора да биде на највиско ниво. Се препорачува користење на мека четка за заби и чистење на забите после секој оброк задолжително.
Консултирајте се со стоматолог. Посетете го вашиот стоматолог кој ќе ви даде стручни совети за одржување на хигиената на усната празнина. Доколку е потребно ќе ви посочи одредени медицински гелови или лекарства кои делуваат во поттикнување на жлездите во лачењето на плунката или ја заменуваат нејзината улога.