Уринарните каменчиња се трето најчесто заболување на уринарниот тракт, по уринарните инфекции и болестите на простата. Најчесто се јавуваат кај мажите на возраст помеѓу 40. и 60. година. Тие се една од причините за појава на болка во бубрезите која се смета за една од најсилните болки (колики). Дури и лесното поместување на бубрежните каменчиња може да предизвика страшни болки кои многу често се споредуваат со болките кои жената ги има за време на породувањето. Голем број клинички студии докажале дека под зголемен ризик за појава на уринарни каменчиња се лицата со поголема телесна тежина и лицата кои не внесуваат доволно течности (вода) во организмот.
Симптоми
Симптомите при присуство на уринарни каменчиња се карактеристични: болка во вид на типична бубрежна колика, како и болка во слабинскиот дел која се шири кон препоните. Болката е многу силна, може спонтано да се намалува и повторно да се засили. Еден од типичните симптоми е и крв во урината која многу често помага во дијагностицирањето на состојбата. Доколку како симптом се јавува и треска потребно е брзо реагирање и отстранување на камчињата. Често се јавуваат и чувство на гадење и повраќање.
Како се поставува дијагноза
За дијагностицирање на каменчињата се користи широк спектар на дијагностички методи, вклучувајќи го самиот клинички преглед, нативна графија на уринарниот тракт, ехо, интравенозна урографија (контрастно испитување на уринарниот тракт). Кај пациенти кои се во акутна фаза на болка и кога контрастните испитувања не се возможни, како дијагностичка метода се користи компјутеризираната томографија.
Навики кои го спречуваат создавањето на каменчиња во бубрезите
Со практикување на овие три едноставни навики ќе им помогнете на бубрезите да работат правилно и ќе ја спречите појавата на каменчиња.
Пијте многу вода. Дехидратацијата е главна причина за создавање бубрежни каменчиња. Се препорачува една чаша вода да се пие на секој час, посебно во летните денови, кога температурите се многу високи и побрзо доаѓа до губење на течноста во организмот. Знаците на дехидратација се замор, губење на апетит, сува кожа, нетолеранција на топлината, темно жолта урина, сува кашлица …
Намалете го внесот на сол. Со ова ќе го намалите и калциумот во урината бидејќи зголеменото количество на калциум е исто така причина за појава на каменчиња. За почеток, тргнете го соларникот од вашата маса и не додавајте дополнително сол во оброкот. Избегнете да јадете премногу солени производи: преработени месо, инстант супи, чипсови и брза храна.
Јадете цитрусни овошја. Портокали, цитрони, лимони, мандарини се богати со нитрати кои позитивно делуваат на вашето уринарно здравје.
Третман на камчињата со ESWL
ESWL (екстра корпорална шок бранова литотрипсија) е своевидна револуција во третманот на камчиња на уринарниот систем. Уникатноста на оваа метода е во тоа што со помош на апаратот брановите се насочуваат директно во каменот што резултира со негово распарчување на ситни делови. По третманот, пациентите се советуваат да бидат активни за да се забрза проаѓањето на ситните парчиња од каменчињата низ уринарниот систем. Се препорачува зголемен внес на течности. Од несакани ефекти може да се појави крв во урината која исчезнува за неколку дена. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најнова генерација на електро-хидрауличен литотриптор, кој има најдобри резултати во однос на дефрагментација и елиминација на камења што се постигнуваат со електро-хидрауличниот метод. Предноста на овој метод е што се работи за амбулантска процедура и не е потребна хоспитализација, а пациентот може да ја напушти болницата еден час по третманот. Стапката на успех на овој апарат е 90% за каменчиња од 1,5cm и 75% за камчиња поголеми од 1,5 cm.