Карцином на коскеното ткиво

Карциномите на коскеното ткиво може да се поделат во две групи: примарни и секундарни. Примарните карциноми се делат, пак, на бенигни и малигни, додека секундарните претставуваат метастатски промени во коскено-зглобното ткиво кои потекнуваат од други ткива и органи, најчесто бели дробови, дојка, бубрег и простата.

Кои се симптомите?

Најчесто, прв симптом за карцином на коскеното ткиво е појавата на болка во одреден дел од локомоторниот апарат. Некои тумори (особено бенигните) немаат никакви симптоми и се откриваат сосема случајно. Болката како симптом може да биде постојана, а особено карактеристично е тоа што се јавува ноќе. Други симптоми се оток на зафатеното место и нарушена функција на коскено-зглобниот систем. При појава на вакви симптоми неопходна е лекарска консултација.

Како се дијагностицира?

По извршената консултација и преглед кај општиот лекар, потребен е и преглед кај ортопедски хирург. Потоа се прави дијагностички протокол за да се постави точна дијагноза (РТГ, ЕХО, лабараторија, КТ, МРИ, сцинтиграфија на коски, ПЕТ скен и др.). Доколку овие неинванзивни дијагностички методи не ја откријат точната дијагноза, по потреба се прави и биопсија на промената, која може да биде пункциона (тенкоиглена) или отворена (хируршка).

Како се лекува?

Третманот на карциномот на коскеното ткиво може да биде конзервативен, оперативен и многу често комбиниран ( т.н. сендвич терапија).

Конзервативното лекување подразбира третман со радио и хемотерапија за малигните заболувања, додека кај бенигните тоа е следење и евентуално апликација на медикаменти во самата промена.

Хируршки третман подразбира хируршко отстранување на туморот во целост (малигни или бенигни) и евентуално реконструирање на коскено-зглобниот систем со имплантирање на природни и вештачки материјали.

Комбинираниот третман е комбинација на претходните два третмани и се применува најчесто кај малигните тумори. За да се намали карциномот локално, се почнува со зрачна или хемотерапија со што се спречуваат и евентуални микрометастази, а потоа карциномот се отстранува хирушки и на крајот повторно се применува зрачна или хемотерапија. Целта на третманот е да се спаси животот на пациентот, да се овозможи безболно функционирање на пациентот и евентуално нормализирање на секојдневниот живот. Следењето на пациентот по третманот е од исклучителна важност. Во зависност од видот на карциномот се прават прегледи во интервал од 3 до 6 месеци во период од најмалку пет години со цел да се спречи повторното појавување на болеста. Кај бенигните тумори, во одредени случаи доволни се една до две контроли и нема потреба од дополнително следење на пациентот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!