Карцином на желудник

Карцином на желудник е вториот најчест тип на канцер кај нас. Меѓутоа, во САД не се рангира ниту во првите десет. Оваа разлика може да се сретне речиси меѓу сите развиени и неразвиени земји. Причината е т.н. хеликобактер пилори (Helicobacter Pylori) бактерија.

Што претставува?

Во нашата земја инциденцата на карциномот на желудник во 1999 год. кај жените се рангираше на второ место, по карциномот на дојка, додека кај мажите по канцерот на белите дробови. Во САД, според статистичките податоци на Националниот институт за здравство во 2005 год., ракот на желудник како најчест тип на карцином не се рангира ниту во првите 10. Оваа разлика може да се забележи меѓу сите западно развиени земји и земјите во развој.
Најчесто карциномот на желудник е асоциран со инфекција со хеликобактер пилори. Се работи за бактерија која живее во гастричната слузница и се пренесува орално. Според Светската здравствена организација (World Health Organization – WHO) х. пилори е главниот виновник или број еден карциноген во појавата на карциномот на желудник. Ерадикацијата на х. пилори (ерадикација со антибиотици) може во значителна мера да ја намали инциденцата на карциномот на желудник. Исто така, се смета дека на тој начин би можело во целост да се спречи појавата на ракот на желудник.

Кои се симптомите?

Канцерот на желудник е подмолна болест и симптомите се јавуваат кога болеста е во напредна фаза. Од друга страна, доколку се јават симптоми, истите се карактеристични и за многу други болести затоа може да се игнорираат од страна на пациентите или лекарите.
Најчести симптоми и знаци за карцином на желудник се: губење тежина (60%), болки во стомакот (50%), гадење и повраќање (35%), анорексија (30%), тешкотии при голтање (25%), крвавење (20%), рана ситост (15%), болка како чир (15%). 5% од пациентите со напредна фаза на карцином на желудник немаат никакви симптоми.

Како настанува карциномот на желудник? Дали е важна семејната историја?

Генетските карактеристики, како и еколошките фактори имаат влијание во развојот на многу водечки болести вклучувајќи го и карциномот на желудник. Во принцип, карцином на желудник се појавува случајно, но прифатено е дека во 10% од случаите се пренесува во семејството. Лицата чии роднини од прв степен (мајка, татко, браќа и сестри) заболеле од карцином на желудник имаат 2-3 пати поголеми шанси да заболат од оваа болест за разлика од другите кои во семејството немаат заболен од карцином на желудник. Најпознат пример за наследниот фактор на карцином на желудник е семејството Бонапарта. Францускиот генерал и државник Наполеон Бонапарта, неговиот татко и дедо умреле од карцином на желудник. Сепак, за да се прифати дека карцином на желудник е наследна болест, треба да се исполнат три услови:

• Доколку во семејството има најмалку 3 случаи на карцином на желудник, од кои најмалку двајца се роднини од прв степен. 

• Доколку има заболени од карцином на желудник во најмалку две едноподруго генерации.

• Доколку еден од заболените во семејството со карцином на желудник има под 50 год.

Како се дијагностицира?

Првите симптоми на карцином на желудник се проблеми со варење. Затоа, овој симптом може долго време да се игнорира од страна на пациентот. Иако пациентот овие симптоми ги има во рана фаза на болеста, лекарите некои пациенти ги лекуваат со лекови за гастритис или чир, со што се одложува терапија којашто треба да се даде во почетен стадиум, кога и резултатите од терапијата се најуспешни. Поради овие причини, ако ги има горенаведените знаци и симптоми, на пациентот треба да му се направи гастроскопија за да се исклучи можноста за карцином на желудник. Најефективниот метод за дијагноза на рак на желудник е гастроскопија и за време на испитувањето да се направи биопсија.

Како се лекува?

Ефикасен и траен третман на карцином на желудник е хируршка интервенција, која ја зголемува стапката на преживување на пациентот доколку се направи во раните фази на болеста. Во земјите на Далечниот Исток (Јапонија, Кина, Тајван, Јужна Кореја), каде што карциномот на желудник е најзастапен, направени се значајни достигнувања во откривање и лекување на болеста во рана фаза. Во Јапонија, со спроведување на ендоскопски скрининг тестови, стапката на откривање на карцином на желудник е над 70 проценти. Меѓутоа, во нашата земја и во западните земји оваа стапка е помалку од 20 проценти. Во една студија спроведена во Турција се вели дека само кај 4 проценти од пациентите е направена операција кога болеста е во рана фаза. Оваа сериозна разлика се рефлектира во стапката на преживување на пациентите по терапијата. Примената на радиотерапија и хемотерапија кај карциномот на желудник е многу ограничена. Обично се применува пред или по операција. Кај некои пациенти кои немаат корист од хируршки третман за палијативни цели се применува радиотерапија или хемотерапија.

Други ризик фактори за појава на канцер на желудник

• Хеликобактер пилори, генетски карактеристики, како и исхраната го зголемуваат ризикот од карцином на желудник.
• Кај одредени професии инциденцата на карцином може да биде поголема. Рудари, работници кои работат со гума и азбест или во производство на гума и петрохемиски производи имаат повисок ризик за карцином на желудник отколку другите.
• Пациенти кои имале операција за бенигна гастрична болест и кај пациенти кои имале гастрична секреција на жолчката и на панкреасот над нормалното ниво се зголемува ризикот од развој на карцином на желудник со текот на годините.
• Првите 25 години по операцијата ризикот за карцином на желудник е трипати поголем.
• Лица кои почнуваат со пушење рано во младоста, како и хронични алкохоличари имаат и до 2 пати поголем ризик од карцином на желудникот.

Заштитни фактори

• свеж зеленчук и овошје
• антиоксиданси (витамин Ц, бета-каротин, алфа-токоферол, селен )
• зелен и црн чај (полифеноли)
• неферментирана соја
• свежа риба

Штетни фактори

• сол
• нитрати (храна, конзерванси, адитиви, вода за пиење)
• нитрити, нитрозамини
• ферментирана соја
• варено месо на висока температура
• стари зрна, семиња (афлатоксин)
• пржена храна и прекумерно консумирање црвено месо

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!