Секој родител сака неговото дете да се развие со цел негов потенцијал. Ако родителот открие дека неговото дете не слуша, делува поразувачки. Но, добра вест е што има решение. Со вистински третман рано во животот, повеќето од децата што се глуви имаат можност да слушаат и да се развиваат нормално. Дури и децата со тотална глувост можат да се вклучат во општеството што слуша, да одат во нормално училиште, да читаат, зборуваат, користат телефон и да уживаат во музиката.
Слухот е важен за развојот на детето
Раната интервенција е најважната работа што може да се направи за глувото дете. Слушањето е круцијално за развој на говорот и говорните вештини. Дури и минимален губиток на слух може да доведе до проблеми со однесувањето и учењето кои можат да го лимитираат детето. Колку порано детето почне да слуша и да зборува, веројатноста да ги надмине пречките на загуба на слух е поголема. Со вградување кохлеарен имплант, детето веднаш ќе ги почувствува предностите. Многу студии покажуваат дека колку се помлади децата, се постигнуваат подобри резултати. Најдобар период за имплантација е до две години за детето да има време да го развие јазикот и говорот со цел свој потенцијал. Д–р Македонка Гарванлиева Николова, оториноларинголог, советува рано да се реагира и рано да се донесе одлука за поставување кохлеарен имплант.
Како функционира слухот?
За да се сфати како функционира кохлеарниот имплант, мора да се сфати како функционира начинот на слушање.
- Звукот патува како звучен бран, кој се движи низ ушниот канал и удира во слушното тапанче.
- Звучните бранови предизвикуваат вибрирање на тапанчето, кое, пак, ги придвижува и слушните ковчиња во средното уво.
- Овие движења ја придвижуваат течноста во внатрешното уво и ги стимулираат сензорните клетки на кохлеата. Кохлеата е дел од внатрешното уво кое веќе разликува различни фреквенции на звук.
- Сензорните клетки од кохлеата ги претвораат механичките вибрации во електрични импулси кои преку слушниот нерв стигаат до мозокот, кој ги перципира како звук.
Причини за губење слух
Д–р Македонка Гарванлиева Николова објаснува дека има различни видови оштетен слух, од лесно до целосно губење слух, кондуктивен или сензонеурален губиток на слух. „Кохлеарните импланти се наменети за третман каде постои тешко до целосно оштетување на сензорните клетки. Самиот слушен нерв треба да биде интактен. Причини за таков губиток на слух можат да бидат вродени или стекнати – генетски, предвремено раѓање, траума при раѓање, инфекции, звучни трауми… “ Уште при самото раѓање во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ постои програма за скрининг на слух каде се испитуваат отоакустични емисии како првично испитување, а по потреба, ако покаже негативни резултати, се прават евоцирани акустични потенцијали каде се потврдува степенот на глувост.
Што се кохлеарни импланти?
Кохлеарниот имплант е електронско медицинско помагало кое ја заменува функцијата на оштетената кохлеа. За разлика од слушните апарати кои ја зголемуваат јачината на звукот, кохлеарниот имплант ја заменува функцијата на кохлеата и процесира сигнали до мозокот. Кај некого може да се имплантираат и двете уши бидејќи слушањето на две уши ја подобрува функцијата на локализација на звукот и слушањето во бучна средина е подобро. „Се состои од два дела – надворешен и внатрешен хируршки имплантибилен дел. Надворешниот дел преку микрофон и процесор ги собира и селектира релевантните звуци и ги пренесува во внатрешниот дел конвертирани во електрични сигнали преку електрода која го стимулира слушниот нерв кои потоа се пренесуваат во мозокот кој ги перцепира како звуци“, објаснува д–р Македонка Гарванлиева Николова.
Одлични резултати кај помали деца
Според податоците, децата кои имаат вградено кохлеарен имплант во најрана возраст развиваат подобар говор, подобро учат и читаат за разлика од децата кои се имплантирани во подоцнежна возраст.
Како се поставуваат кохлеарните импланти?
Постојат 4 фази низ кое детето мора да помине:
- Проценка дали детето е кандидат за кохлеарен имплант
- Хируршка интервенција за поставување на имплантот
- Програмирање на процесорот за звук и слушање први звуци
- Подесување на звукот и рехабилитација
Фаза 1
Проценката ја прави тим од специјалисти – оториноларинголог, аудиолог, педијатар невролог, логопед сурдолог. Се прави:
- Детална проценка на слух
- Испитувања со слушни помагала
- Компјутеризирана томографија и магнетна резонанца
- Проценка на говор
„Доколку тимот доктори одлучи дека детето е кандидат за поставување кохлеарен имплант ќе започнат подготовките за операција. Треба да се запомни дека целиот период на евалуација може да трае и неколку месеци“, објаснува д–р Македонка Гарванлиева Николова.
Фаза 2
Хирургијата за поставување кохлеарни импланти е рутинска операција која трае 2 – 3 часа. Имплантот се поставува позади уво, а електродата се поставува во кохлеата. Електродата е мала флексибилна жичка специјално дизајнирана за лесно да се постави во кохлеата. Откако ќе се постави електродата се тестира уредот дали работи ефикасно, односно дали нервните влакна одговараат на стимулацијата од електродата.
Фаза 3
По операцијата потребен е период од 4 – 6 недели за раната комплетно да заздрави. По ова процесо- рот за звук мора да се прилагоди на потребите на детето со помош на специјална програма која го програмира процесорот. Во овој период детето ќе ги слушне и првите звуци.
Фаза 4
По вградувањето потребен е период мозокот да научи да слуша. Ова е дел од рехабилитацијата за кој е потребен подолг период за да се адаптира мозокот на сигналите што се примаат од електро- дата на кохлеарниот имплант.