Реконструктивна ортогнатна хирургија е специјализирана гранка на максилофацијалната хирургија во чиј хируршки третман се диспропорциите на горната и долната вилица, брада, јаболчни и носни коски со цел да се промени нивната неусогласеност и позицијата за подобрување на функциите на орофацијалниот комплекс, правилен сооднос на горната и долната вилица со забите, нормооклузија и артикулација, правилен сооднос на меките ткива(формата на лицето) со крајна цел да се влијае на правилен изглед на лицето, правилното дишење, говор, џвакање и голтање.
Реконструкцијата на лицево-виличните деформитети или ортогнатната хирургија е во домен на работата на максилофацијалниот хирург и опфаќа широк спектар на лицеви мекоткивни и лицеви коскени абнормалности. Комплексот на хируршки и ортодонтски процедури, во функција на третман на лицево-виличните диспропорции и дисхармонии, стана интегрален дел на хирургијата на целиот лицев скелет: горна вилица, долна вилица, брада, јаболчни и носни коски, кои диктираат промена на формата на меките ткива преку балансиран анфас и прав профил. Со тоа денес, дефинитивно, добрата естетика и хармонија на лицето е еднакво важна како и основните функции на меѓувиличните и интерденталните соодноси. Праксата во светот и кај нас покажа дека пациентите со дентофацијални диспропорции и дисхармонии не се задоволуваат само со добро постигната оклузија и артикулација на забите. Дискусиите што ги почнал Микеланџело со прашањето што е идеален лик и профил сè уште постојат. Предоперативното евалуирање и соодветното хируршко лекување на малоклузиите и придружните абнормалности на скелетните компоненти на лицето бара одлично познавање на развојот на лицето, влијанието на внатрешните и надворешните фактори, како и на генетиката. Во предоперативната евалуација, дијагностика и подготовка се вклучени максилофацијален хирург, ортодонт и протетичар.
Лицево-вилични аномалии
За подобро разбирање на лицево-виличните аномалии ќе споменеме неколку групи:
- Значајни аномалии во големините на горната и долната вилица (хиперплазија и аплазија, голема и мала горна и долна вилица, вилица со девијација на лева или десна страна и отворен загриз).
- Вродени деформитети: расцепи на усна и/или непце.
- Асиметрии на лицето во сите рамнини (по вертикала и хоризонтала).
- Вкрстен меѓувиличен сооднос на горната и долната вилица.
- Стекнати деформитети на лицето – меки и коскени структури (горна вилица, долна вилица, брада, јаболчни и носни коски).
Евалуација на лицево-виличните деформитети
Максилофацијалниот хирург и ортодонтот темелно ја испитуваат структурата на лицето, при што ќе ги земат предвид естетиката на анфасот и профилот. При евалуацијата на естетиката на анфасот треба да се одреди дали е присутна асиметрија на лицето и да се одреди општиот бaланс на лицето. Евалуацијата исто така треба да вклучи процена на позицијата на челото, очите, инфраорбиталниот раб; областа околу носот; морфологија на усните; односот помеѓу усните и секачите и општите пропорционални односи на лицето во вертикална и трансверзална димензија. Евалуацијата на профилот овозможува процена на задниот дел од главата и вертикалните односи меѓу сите компоненти на лицето. Конфигурацијата на мекото ткиво на фаринксот треба исто така да се евалуира. Како стандарден дел од евалуацијата е и фотодокументирањето на состојбата на пациентот пред почетокот на третманот. Комплет ниот дентален преглед треба да вклучи и оцена на формата на денталниот лак, симетријата, нивелација на забите и оклузалните аномалии во трансверзална, антеро-постериорна и вертикална димензија. Се евалуираат и мастикаторните мускули и функцијата на ТМЗ. При прегледот треба да се земат и отпечатоци и загриз заради подготовка на модели за анализа и евалуација. Важен дел од примарното оценување е компјутерската томографија (CT) со 3Д реконструкција. Евалуацијата помага при дефинирањето на природата на скелетната абнормалност. При дефинирање на природата на деформитетот и планирање на третманот, компјутерската евалуација се комбинира со клиничката процена на структурата на лицето на пациентот и оклузијата. На овој начин се овозможува евалуација на односот помеѓу скелетот на лицето и меките ткива. По внимателен клинички преглед и евалуација na дијагностичките записи, тимски се подготвува планoт за хируршка терапија.