Крв во урина кај деца  – што е причината?

Појавата на крв во детската урина е знак за аларм и паника кај родителите, особено ако детето има и болки во бубрезите и отоци по телото. Д-р Надица Ристоска Бојковска, педијатар нефролог, вели дека постојат повеќе причини за појава на крв во урината, но најважно е брзото откривање на причината и навремено лекување, за болеста да се излекува и не остави трајни последици и компликации по детското здравје.

Микрохематурија и макрохематурија

Хематурија (крв во урина) е наод на крв во урината кој се утврдува со анализа на седимент на урина. Ако урината е видливо црвена станува збор за макрохематурија, а ако бојата не е променета е микрохематурија и се утврдува само со микроскопска анализа на уринарен седимент. Црвената боја на урината е од присуството на еритроцитите во урината кои што може да потекнуваат од бубрегот, уретерите, уретра или мочен меур. Макроскопска хематурија може да е поврзана со едеми (отоци), хипертензија (покачен притисок) и ренална инсуфициенција (нарушена бубрежна функција). Асимптоматска микроскопска хематурија е присутна кај 0, 5-2% од децата на училишна возраст.

Црвена боја на урина може да е присутна и во други ситуации:

  • При консумација на храна (цвекло, храна со прехранбени бои)
  • Лекови: метилдопа, фенацетин, феназопиридин
  • Порфирии
  • Присуство на хемоглобин во урина

Причини за хематурија во детска возраст:

  • Гломеруларни заболувања (ИгА нефропатија, идиопатска (бенигна) хематурија, Алпортов синд- ром, акутен постстрептококов гломерулонефрит, мембранозна гломерулопатија, системски лупус еритематозус, хемолитично-уремичен синдром).
  • Инфекција (бактериска, вирусна, туберкулоза)
  • Нефролитијаза (камчиња во бубрези и хиперкалциурија)
  • Хематолошки (тромбоцитопенија, коагулопатии)
  • Анатомски абнормалности (вродени аномалии, траума, полицистични бубрези, тумори)
  • Физичка активност (напор при спортски тренинзи, транзиторно)

Какви испитувања треба да се направат

Првичните испитувања вклучуваат лабораториски крвни анализи, анализа на урината и уринокултура, ехо на уринарен тракт. Зависно од клиничката слика, нефрологот може да побара и други иследувања како што се интравенска пиелографија, магнетна урографија, иследувања на нуклеарна медицина, цистоскопија и цистографија. Во одредени случаи се прави и бубрежна биопсија.

Третман

Начинот на лекување зависи од причината која довела до крв во урината. Потребна е добра анамнеза, преглед и навремени иследувања кои ќе помогнат да се открие причината и да се почне со терапија. Секое дете со перзистентна макроскопска хематурија треба да се хоспитализира за да се иследи и утврди точната причина за тоа.

Симптоми

Симптомите кои најчесто децата ги опишуваат се печење при мокрење и често мокрење, како и тегоби при почеток и кон крај на мокрењето. За да се одреди вистинската причина, потребно е на нефрологот да му се дадат информации од типот колку време трае ваквата состојба, дали е придружена со каква било болка, особено силна бубрежна колика, дали во семејството на детето има фамилијарна историја за гломеруларни болести. Честопати на појавата на крв во урина кај децата ѝ претходат респираторни инфекции предизвикани од бета хемолитичен стрептокок од група А. Од голема важност е физичкиот преглед и присуството на отоци по лицето и телото. При сомнение за акутен постстрептококов нефритичен синдром потребна е хоспитализација и понатамошен третман.

Акутен постстрептококов гломерулонефрит

Овој тип гломерулонефрит најчесто се јавува кај деца во школска возраст кои прележале инфекција на грло или кожа со бета хемолитичен стрептокок. Се карактеризира со акутен нефритичен синдром: макроскопска хематурија, отоци (едеми), покачен притисок (хипертензија) и намалено мокрење (олигурија). Ако на време се постави дијагнозата веднаш се започнува со лекување. Прогнозата на заболувањето е добра, над 95% од децата оздравуваат без прогресија на болеста во хроничен гломерулонефритис.

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!