Крвавење во дигестивен трaкт – кои се причините?

Крвавење во дигестивниот систем е симптом за повеќе состојби и болести. Причини може да бидат повеќе, од најобични воспалителни промени па сè до малигни болести. Д-р Тони Јосифовски, дигестивен хирург, објаснува дека крвавењето во дигестивниот систем може да биде видливо со повраќање крвава содржина (хематемеза) или преку чмарот, што се нарекува мелена. Овој тип крвавење преку чмарот може да биде видлив или невидливо (окултно) крвавење.

Зошто се случува крвавење во дигестивнио трaкт?

Причините се различни, зависно од каде доаѓа крвавењето. Ако доаѓа од хранопроводот, тогаш може да биде предизвикано од:

  • Езофагитис и гастроезофагијален рефлукс – Киселини од желудникот кои се враќаат назад во хранопроводот може да доведат до негова иритација и воспаление, кое може да предизвика и крвавење.
  • Венско/вариксно. Ова се невообичаено проширени вени, кои обично се наоѓаат во долниот дел на хранопроводот или горниот дел од стомакот. Тие може да прснат и да крвават. Цироза на црниот дроб е најчеста причина за езофагусни варикси.
  • Синдром на „Mallory Weiss“ – крвавење кое потекнува од расцеп во горниот дел на желудникот кој настанува како последица на чести повраќања.

Крвавење од желудникот може да биде предизвикано од:

  • Гастритис – воспаление на стомакот. Алкохолот, како и некои лекови за болка може да бидат причи- на за гастритис.
  • Чир – претставува оштетување на заштитната слузокожа на желудникот и е во постојан контакт со желудочните киселини и ензими. Како компликација може да се јави крвавење кое некогаш е и животозагрожувачко.
  • Канцер на желудник

Крвавење од долниот дел на дигестивниот систем (дебело црево, ректум и анус) може да биде предизвикано од:

Хемороиди: се најчеста причина за видливо крвавење во долниот дел од дигестивниот тракт, кое се јавува со светлоцрвена боја. Хемороидите се проширени вени во аналната област кои може да пукнат и да предизвикаат крвавење кое најчесто се забележува на тоалетната хартија.

Анални фисури: Се оштетени делови на слузокожата од анусот, кои се многу болни и може да предизвикаат крвавење.

Полипи на дебелото црево: Овие израстоци во дебелото црево со текот на времето преминуваат во канцер. Колоректалниот канцер може да предизвика крвавење.

Цревни инфекции: Воспаление и крвава дијареа може да биде последица на цревни инфекции. Улцеративен колитис и Кронова болест се воспалителни болести кои, исто така, може да доведат до крвавење во дигестивниот тракт.

Дивертикули се болест предизвикана од дивертикули мали торбички кои се формираат надвор на ѕидот од дебелото црево.

Проблеми со крвните садови: Како што старееме, крвните садови од дебелото црево може да предизвикаат крвавење.

Исхемичен колитис: Ова значи дека клетките на цревата не добиваат доволно кислород. Се манифестира со болка во стомакот и крвава дијареа.

Како се манифестира?

Можни симптоми вклучуваат:

  • повраќање крв (хематемеза),
  • црна катранеста столица (мелена),
  • видлива крв од ректум (ректорагија).

Црна катранеста столица обично настанува како последица на крвавење во горниот дел од дигестивниот систем (желудник или дванаесетпалачно црево), а црната боја е од крвта која била изложена на киселините во желудникот. Кај пациентите со подолго крвавење во дигестивниот тракт може да се јават и симптоми на анемија, како што се замор, бледило, болка во градите и вртоглавица. Исто така, како последица на поголема загуба на крв може да се јават брзи отчукувања на срцето, низок крвен притисок, студени и влажни раце и нозе.

Како се открива?

Доколку забележите какво било необично крвавење веднаш јавете се на лекар. Може да ви препорачаат да направите колоноскопија, селективна ангиографија, магнетна резонанца или компјутерска томографија.

Третман

Во зависност од крвавењето и поставената дијагноза промените во дигестивниот систем може да бидат третирани конзервативно со интервентни методи (најчесто склерозација) или лигирање на видливото место кое крвави. Овие два метода на лекување најчесто се применуваат во третман на крвавења во горниот дигестивен тракт езофагус, желудник и дванаесетпалачно црево. Во одредени случаи крвавењето може да престане и со емболизација на видлив крвен сад. Доколку овие методи не дадат резултат, се применува хируршко лекување. Денеска постојат повеќе тестови за откривање на скриено крвавење. Се препорачува сите пациенти кои при рутинска лабораторија имаат слабокрвност со пад на серумско железо да побараат совет од својот матичен лекар.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!