Срцето е орган кој игра главна улога во телото на човекот. Одговорно е за протокот на крвта низ органите и клетките во организмот. За жал, токму заболувањата на срцето, особено коронарната артериска болест, се водечка причина за смртност во општата популација. Еден од водечките фактори на ризик за појава на атеросклероза и коронарна артериска болест е нарушениот метаболизам на мастите во крвта. Инфаркт на срцето, како и наглата срцева смрт, можат да се случат без претходно да се манифестираат позначајни симптоми.
Коронарната артериска болест настанува кога артериите кои го снабдуваат срцето (коронарните артерии) се стеснуваат поради долготрајно таложење масни материи на нивните ѕидови. Оваа состојба се нарекува атеросклероза. Наталожената масна материја се нарекува атером. Атеросклерозата се развива во текот на животот без да сме свесни за неа. Што повеќе се кумулираат ризик-факторите за нејзината појава, поголема е можноста да се добие атеросклероза со сите нејзини последици.
Што е холестеролот?
Холестеролот е масна супстанција која во најголем дел се произведува во телото. Ја создава црниот дроб од заситените масти внесени преку исхраната. Игра важна улога во функционирањето на секоја клетка во телото. Тој претставува и основна материја од која телото создава други потребни материи. Премногу холестерол во крвта може да го зголеми вашиот ризик за коронарна срцева болест. Холестеролот има посебен транспортен систем за да стигне до секоја клетка на која ѝ е потребен. Тој ја користи циркулацијата како „пат “, а го пренесуваат „носачи” изградени од протеини. Овие комбинации на холестерол и протеини се нарекуваат липопротеини.
Постојат две главни форми на липопротеини:
- липопротеини со ниска густина (ЛДЛ) кои го носат холестеролот од црниот дроб до клетките.
- липопротеини со висока густина (ХДЛ) кои го враќаат вишокот на холестерол во црниот дроб.
Можеби сте го слушнале и поимот крвни липиди. Така се нарекуваат сите масни материи во крвта вклучувајќи ги ХЛД холестеролот, ЛДЛ холестеролот и триглицеридите.
Ако имате високи вредности на триглицеридите и на крвниот холестерол, тогаш имате и повисок ризик за добивање коронарна срцева болест. Ризикот е поголем ако имате и ниски вредности на „заштитниот” ХДЛ холестерол.
Липопротеинот(а)
Неговите вредности се генетски предодредени. Концентрација во серумот покажува големи индивидуални варијации и се движи од 0,01 до 2,0 г/л. Концентрациите на Лп(а)во плазмата поголеми од 0,30 г/л се асоцирани со двоен пораст на коронарниот ризик, или дури петкратен пораст на ризикот од инфаркт доколку е здружен со зголемени концентрации на ЛДЛ. Индивидуите кои имаат високи вредности на Лп(а) имаат и зголемена склоност кон тромбоза поради неговата улога во системот за коагулација на крвта.
Холестеролот и коронарната срцева болест
Колку е повисоко нивото на холестерол толку е побрзо создавањето атером, а со тоа поголем е ризикот за срцево заболување. Вашиот вкупен ризик за срцев удар се зголемува ако ги имате и другите ризик-фактори (нерегулирани вредности на шеќер во крвта, пушење, висок крвен притисок или физичка неактивност). Колку повеќе дополнителни ризик фактори имате, толку е поголем ризикот од срцев удар.
Нормални вредности на холестеролот во крвта
- Тотален холестерол 5,0 ммол/л
- ЛДЛ-холестерол < 3,0 ммол/л
- ХДЛ-холестерол > 1,0 ммол/л
- Триглицериди < 2,0 ммол/л
Превенција
Промените на животниот стил кои може да го превенираат ова заболување се здравата исхрана и контролата на телесната тежина, прекин на пушењето, зголемувањето на физичката активност. Треба да се направат превентивни кардиолошки контроли пред појава на симптомите. Ако се најдат одредени нарушувања на срцевата работа и прокрвеноста на срцевиот мускул, веднаш треба да се почне со нивно лекување и примена на медикаменти.