Здравиот организам во зрелите години е резултат на вложувањето во здрави навики уште од детството. Дијабетес, артериосклероза, срцев удар и другите сериозни заболувања никогаш не ги поврзуваме со нашите деца, но учејќи ги на здрави навики ги превенираме овие болести кои може да се појават во нивниот понатамошен живот.
Пред да почнете да го мотивирате вашето дете да биде физички активно, одговорете си ги следните прашања:
Зошто вежбите се важни за срцето?
Телото е создадено да биде активно. Срцето е исто така мускул на кој му е потребна активност. Физичкиот напор овозможува добра циркулација на крвта низ крвните садови и ја одржува нивната виталност и еластичност.
Колку вежби се доволни?
Зависи од возраста, но се смета дека кај децата почнувајќи од 2-годишна возраст доволна е дневна физичка активност од еден час. Тоа опфаќа секаква активност- вежби, трчање, движење …
Како да го мотивирате детето кое не сака да вежба?
Децата учат по принципи на повторување, го прават тоа што го гледаат. Една мудра изрека вели – доколку сакате правилно да го воспитате детето, внимавајте на вашите навики. Доколку вие водите здрав начин на живот, истите навики многу полесно ќе ги прифати и детето.
За почеток почнете со принципот на наградување и имајте трпение. Децата не сакаат нагли промени и задачи, така што не очекувајте веднаш резултати.
За почеток вклучете го во семејните активности, организирајте заедничка прошетка во парк, скокање на јаже или играње со топка. Детето ќе ужива во вашето присуство, а истовремено ќе се забавува и ќе биде активно. Купете му нов велосипед, доколку е сè уште мало и не знае да вози, посветете му внимание и научете го. Кажете му некое интересно место на кое сака да оди, но овој пат наместо со автомобил стигнете до таму пеш.
Уживајте во времето поминато со децата и искористете ја секоја можност да бидете активни и среќни.