Витаминот Б12 ја зголемува енергијата, го подобрува целокупното здравје и помага побрзо да го намалите вишокот килограми. Има важна улога во создавањето на ДНК, нервните и крвните клетки. Од особено значење е за нормална функција на мозокот и имунолошкиот систем. Единствен извор на витаминот е храна од животинско потекло како јајца, месо, школки и млечни производи. За најбогат извор се сметаат рибата и месото.
Како да ги дознаете вредностите на Б12
Од голема важност е да проверите дали вашиот организам има доволно витамин Б12. Се испитува преку земање крв. Бидејќи испитувањето на овој витамин не го правиме во рутинското испитување на крвната слика, честопати луѓето со години имаат неоткриен недостиг на витамин Б12. Доколку вашиот резултат покаже ниски вредности, многу е важно да се надомести недостигот на Б12.
Ризична група за намален Б12
Б12 најчесто недостига кај лицата над 65 години, кај оние кои често имаат проблеми со системот за варење на храната, целијакија, луѓето кои се на строги вегетаријански диети, лицата кои направиле хируршка интервенција за намалување на тежината. Според голем број студии, голема е поврзаноста на недостиг на витамин Б12 кај лицата кои повеќе од 2 години континуирано пијат апчиња за намалување на желудочната киселина, која е важна за апсорпција на витаминот.
Доколку имате недостиг на Б12 тоа се надоместува со земање суплементи богати со овој важен витамин. Враќањето на нормалните вредности во телото ќе ги олесни симптомите на вкочанетост, брзо чукање на срцето, пецкање, генерализирана слабост, потешкотии при одење и проблеми со меморијата.
Првите знаци за недостиг се слабост и замор
Витаминот Б12 се нарекува и енергетски витамин. Токму затоа раните знаци за негов недостиг се замор, збунетост и општа слабост. Но, бидејќи овие симптоми се многу општи симптоми за голем број заболувања, не се дава на значење улогата на Б12 и пациентите никогаш не ни знаат дека можеби тука е проблемот.
Недостиг на Б12 предизвикува анемија
Пернициозна анемија, специфичен тип анемија која е поттикната како резултат на недостиг на Б12. Станува збор за нарушување на црвените крвни клетки кое се јавува како резултат на недоволно производство на супстанца која е потребна за правилна апсорпција на овој витамин.
И бебињата може да имаат недостиг
Недостигот на Б12 кај бебињата и малите деца може да биде сериозна причина за анемија, потешкотии при движењето и постигнување на развојните етапи.
Предозирање со витамин Б12
Бидејќи овој витамин е растворлив во вода, човечкото тело го задржува во мали количини, а останатиот дел се исфрлува преку урината. Несакани ефекти, како дијареја, може да се јават доколку одеднаш внесете преголеми количини на Б12.